Решение У.бр.137/2005

У.бр.137/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 декември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Неџат Мемеди од Гостивар за заштита од економска дискриминација.

2. СЕ ОТФРЛА предлогот на Неџат Мемеди за решавање на судир на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа.

3. Неџат Мемеди од Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита од економска дискриминација и предлог за решавање на судир на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа.

Во барањето се наведува дека со дејствие на градона-чалникот на Гостивар, со кое се уривале објектите на корисниците изградени на земјиште во државна сопстве-ност пред 40 години на кп. 2085-36-2 ПЛ.бр.3787 КО – Гостивар, без надоместок, давање на друга соодветна локација или вработување на корисниците, биле повредени правата на корисниците на државното земјиште предвидени во член 110 став 1 алинеа 3 од Уставот на Република Македонија, поради економска, национална и социјална дискриминација и предлага Судот да донесе решение за запирање на извршување на дејствие на уривање на објектите до донесување конечна одлука.

Понатаму, во барањето се наведува дека со дејствието на градоначалникот на Гостивар со кое се уривале објектите на корисниците изградени на државно земјиште постоел судир на надлежност меѓу органите на Републиката и на единиците на локалната самоуправа со прифаќање на надлежност на градоначалникот, поради што се предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти Бр.08-1333/1 од 20 јули 2005 и други на градоначалникот по чиј повод е предизвикан судирот на надлежност, до доне-сување на конечна одлука, како и да го определи надлежниот орган за одлучување по предметот.

Со писмо У.бр.137/2005 од 8 ноември 2005 година, поба-рано е од подносителот на барањето да ги наведе причините зошто смета дека актот односно дејствието на градоначалникот се засновани врз дискриминаторска основа, односно зошто смета дека со нив се врши дискриминација по основ на економска, национална и социјална припадност.

Со истото писмо беше побарано подносителот на барање-то да ги наведе органите меѓу кои настанал судирот на надлежност и да ги означи конечните, односно правосилните акти со кои органите ја прифатиле или ја одбиле надлежноста да одлучуваат по ист предмет.

Во дописот од 15 ноември 2005 година, под-носителот на барањето појаснува дека во дејствијата на градоначал-никот биле содржани елементи на економска дискриминација, бидејќи корисниците на објектите по уривањето на истите останале без работа, не биле обештетени, ниту пак им била понудена друга соодветна лока-ција за изградба на објектите.

Во однос на судирот на надлежноста, барателот смета дека уривањето на објектите и извршувањето на решенијата за уривање на објектите било во надлежност на Министерството за сообраќај и врски – подрачна единица Гостивар. Фактот што подрачната единица не се судирала со дејствијата што ги преземал градоначалникот било пропуст што не значело дека немало судир на надлежност меѓу нив.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесу-ва-ат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Во смисла на член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓа-нин што смета дека со поединечен акт или дејствие му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечниот или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземеното дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото презе-ма-ње.

Во член 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од член 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита на слободите и правата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите врз кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена во членот 110 алинеја 3 од Уставот, како и од содржината на цитираните деловнички одредби, произлегува дека за остварување на заштита на слободите и правата пред Уставниот суд не е доволно само да се означат повредените слободи и права, туку во барањето треба да се наведат и причините поради кои се бара заштитата, фактите и доказите врз кои се заснова барањето, а ако станува збор за заштита од дискриминација потребно е да се наведе и појасни и основот на дискриминацијата.

Во конкретниот случај, очигледно е дека поднесеното барање по својата суштина не е барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот. Имено, од содржината на барањето јасно произлегува дека со него се бара заштита од економска дискриминација бидејќи корисниците на објектите по уривањето на истите останале без работа, не биле обештетени, ниту пак им била понудена друга локација за градба на објектите, кое пак право не спаѓа во корпусот на слободите и правата на човекот и граѓанинот што ги штити Уставниот суд на Република Македонија согласно член 110 алинеја 3 од Уставот.

Во врска со предлогот за решавање на судир на надлежност содржан во истиот поднесок, Судот го имаше предвид членот 62 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија според кој предлог за решавање на судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт и меѓу органите на Републиката и на еди-ниците на локалната самоуправа може да поднесе секој од органите меѓу кои настанал судирот. Предлог може да поднесе и секој што поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи не може да оствари свое право.

Согласно член 63 од Деловникот, органите од член 62 од овој деловник предлогот за решавање на судир на надлежност може да го поднесат откако еден од органите со конечен или правосилен акт ја прифати или ја одбие надлежноста за решавање на ист предмет. Субјектите од член 62 од овој деловник кои поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста не можат да остварат свое право, пред-логот за решавање на судирот на надлежноста може да го поднесат откако и двата органи ја прифатиле или ја одбиле надлежноста со конечен или правосилен акт.

Според член 64 од Деловникот, предлогот за решавање на судир на надлежност содржи: предметот на спорот поради кој нас-та-нал судирот, органите меѓу кои настанал судирот и означување на конечните, односно правосилните акти со кои органите ја прифатиле или одбиле надлежноста да одлучуваат по ист предмет.

Од наведените деловнички одредби јасно произлегува кој може да поднесе предлог за решавање на судир на надлежност, дека предлог за решавање на судир на надлежноста може да се поднесе откако два органи ја прифатиле или ја одбиле надлежноста со конечен или правосилен акт и дека предлогот за решавање на судир на над-лежност треба да содржи точно утврдени елементи.

Во конкретниот случај, во предлогот за решавање на судир на надлежност, не се наведени органите меѓу кои настанал судирот ниту пак се означени конечните, односно правосилните акти со кои органите ја прифатиле или одбиле надлежноста да одлучуваат по ист предмет.

Напротив, подносителот на предлогот смета дека извршу-вањето на решенијата за уривање на објектите било во надлежност на Министерството за транспорт и врски-подрачна единица Гостивар, а не во надлежност на градоначалникот на општина Гостивар. Притоа, фактот што подрачната единица не се огласила за надлежна било пропуст, што не значело дека немало судир на надлежност.

Имајќи ги предвид одредбите од Деловникот на Уставниот суд кои ја регулираат постапката за решавање на судир на надлежност, како и содржината на предлогот за решавање на судир на надлежност, Судот оцени дека не се исполнети условите за решавање на судир на надлежност.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.137/2005
7 декември 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply