122/2005-0-1

122/2005-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 декември 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 82 став 1 алинеја 5 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.97/2002).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.122/2005 од 12 октомври 2005 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 82 став 1 алинеја 5 од Статутот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Статутот со Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2002) и со членот 53 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 82 став 1 во алинеите од 1 до 4 од Статутот е предвидено дека Комората се финансира од коморска членарина, коморски уписен влог, подароци, фондации и закупнина. Во алинејата 5 од овој член од Статутот е предвидено дека Комората се финансира и од добивка од работењето на трговското друштво основано од Комората.

5. Судот утврди дека со Одлука У.бр.134/2002 од 22 јануари 2003 година ја укинал точка 5 од членот 35 од Законот за адвокатурата, со која било предвидено дека како основ за финансирање на Адвокатската комора на Република Македонија може да биде “добивка од работењето на трговското друштво формирано од Адвокатската комора на Република Македонија”, а таква одредба исто така предвидува и членот 82 став 1 алинеја 5 од Статутот на Адвокатската комора.

Според членот 53 од Уставот на Република Македонија, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Согласно со одредбите од Законот за адвокатурата, Адвокатската комора се основа, односно организира заради вршење на точно определени работи (одлучува за стекнување и престанок на правото на вршење адвокатска дејност, одлучува за одговорноста на адвокатите во извршувањето на нивните должности и изрекува дисциплински мерки, донесува тарифа и висина на уписнината, се грижи за стручно оспособување и усовршување на адвокатите и др.) а некои од нив по својот карактер и значење претставуваат и јавни овластувања, па со оглед на тоа Адвокатската комора нема правен субјективитет да основа трговско друштво. Во спротивно, тоа би било неспоиво со јавноправниот статус на Адвокатската комора, и на адвокатурата воопшто, како и со целите и функциите кои произлегуваат од уставно утврдената положба на адвокатурата во членот 53 од Уставот, врз основа на што Комората се основа со закон и се утврдува обврска на адвокатите да се организираат во Адвокатска комора.

Воедно, наведената статутарна одредба нема ниту основ во Законот за да ја регулира добивката од работење со трговско друштво основано од Комората како извор за финансирање на Комората.

Од овие причини Судот утврди дека оспорената одредба од Статутот не е во согласност со Законот за адвокатурата и со Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.122/2005
7 декември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply