108/2005-0-0

108/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членот 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за организација и систематизација на работните места; Правилникот за групирање на работните места според степенот на сложеност и условите за работа; и Правилникот за нормирање на работните задачи, донесени на 27 декември 2004 година од Управниот одбор на Јавното радиодифузно претпријатие “Радио Телевизија Гевгелија”.

2. Ленче Трајкова и Илија Манолев, од Гевгелија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на правилниците кои се означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата Управниот одбор на ЈРП “Радио Телевизија Гевгелија” предвидел со оспорените правилници да им се намали платата за 10% на работниците во ова претпријатие кои извршувале работни задачи на работни места со повисок степен на образование од оној што го поседувале и воедно правилниците не биле објавени пред влегувањето во сила. Имено, со правилниците се ускратувале правата на вработените во ова претпријатие да бидат наградени соодветно на вложениот труд и не биле благовремено информрани за тоа.

Од овие причини оспорените правилници не биле во согласност со членот 32 став 3 и став 5 од Уставот на Република Македонија со кои е утврдено дека секој вработен има право на соодветна заработувачка и дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, како и спротивни на членот 52 став 1 од Уставот, според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Во иницијативата се наведува и дека оспорените правилници биле во несогласност со Законот за работни односи.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот Правилник за организација и систематизација на работните места, се утврдени внатрешната организација на Радио Телевизија Гевгелија, односно организационите делови што претставуваат одделни технолошки целини, работните места што се вршат во Радио Телевизија Гевгелија и систематизирањето на работните места по одделни организациони делови со посебни услови за работа потребни за извршување на одделни работни задачи.

Со оспорениот Правилник за групирање на работните места според степенот на сложеност и условите за работа, работните задачи во ЈРП “Радио Телевизија Гевгелија” се групирани според определен коефициент на сложеност, додека со оспорениот Правилник за нормирање на работните задачи се утврдени нормите за вреднување на работните задачи во рамките на одделни работни места и постапката за оцена на остварените резултати врз основа на потребното работно време за извршување на задачите.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и фактот дека со оспорените правилници се уредуваат прашања во врска со внатрешната организација на работата и систематизацијата, групирањето и вреднувањето на работните места и задачи во Јавното радиодифузно претпријатие “Радио Телевизија Гевгелија”, Судот утврди дека тие правилници не претставуваат пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија туку се интерни акти на наведеното претпријатие, поради што не се подобни за уставно судска оцена и Судот не е надлежен по нив да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.108/2005
28 септември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply