Решение У.бр.156/2002

У.бр.156/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 71 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување:

а) на уставноста на член 17-а од Царинскиот закон (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/1998, 26/1998, 63/1998, 86/1999, 25/2000, 109/2000, 31/2001 и 4/2002).
б) на уставноста и законитоста на Правилникот за висината на надоместокот за царински услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.102/2001, 6/2002, 37/2002, 69/2002, 78/2002, 98/2002 и 47/2003), донесени од министерот за финансии.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за за оценување на уставноста и законитоста на Упатството бр.07-3965/1 од 6 септември 2002 и Упатството бр.07-3965/2 од 11 септември 2002 година, донесени од директорот на Царинската управа.

3. Весна Анастасова, Андријана Петровска и Слободан Димитров од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на член 17-а од законот означен во точката 1-а, оценување на уставноста и законитоста на правилникот означен во точката 1-б и Упатството означено во точката 2 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата оспорениот член 17-а од Царинскиот закон не бил во согласност со членовите 8 алинеја 3 и 4, 33 и 68 од Уставот, затоа што во законот не биле утврдени основи и рамки за утврдување на надоместот за царински услуги како јавна давачка која може да се утврди само со закон од страна на Собранието, а не и со подзаконски акт на министерот.

Понатаму, според подносителите на иницијативата оспорените подзаконски акти не бил во согласност со член 8 алинеја 3 и 4, член 68, член 91 и член 96 од Уставот, како и со член 55 став 1, 56 став 1 и член 64 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Ова затоа што министерот за финансии и директорот на Царинската управа немаат уставно овластување со свои акти да ја утврдуваат висината на надоместокот во постапката по царинска декларација за увоз и извоз на стоки.

Оттука, според подносителите на иницијативата даденото законско овластување на органите на државната управа да уредуваат законска материја не било во согласност со нивната уставна положба утврдена во Уставот и во Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Со наведеното постапување на органите на државната управа да донесуваат правилници и упатства со кои ќе го утврдат надоместокот за направени услуги се нарушувало уставното начело на владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Понатаму, подносителите на иницијативата наведуваат дека ако во постапката по Царинската декларациј а за увоз и извоз на стоки согласно Законот за административни такси се плаќа такса, со предвидувањето на обврската да се плаќа надоместок за извршени царински услуги граѓаните двојно се оптоваруваат за иста услуга.

Воедно, подносителите на иницијативата бараат Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени, односно превземени врз основа на оспорените акти.

4. Судот на седницата утврди дека со Царинскиот закон се уредува царинската постапка, правата и обврските на учесниците во царинската постапка, како и делокругот, начинот на работата и организацијата на органите на управата надлежни за работи од областа на царините.

Според член 2 од наведениот закон царинска постапка според овој закон е декларирање на стока заради пуштање во слободен промет, складирање, привремен увоз и извоз, транзит, увоз и извоз, утврдување на царински долг, наплата, враќање и ослободување од плаќање царина, при што учесниците во постапката стекнуваат права и обврски во врска со стоката.

Во член 9 и 10 од Законот, пак, е утврдена надлежноста на Царинската управа како орган надлежен за работите од областа на царините во состав на Министерството за финансии. Царинската управа врши контрола врз стоката, лицата и возилата кои влегуваат, транзитираат или ја напуштаат територијата на Република Македонија; врши пресметка и наплата на увозни или извозни давачки, даноци, акцизи и други давачки утврдени со закон; води управна постапка по царински предмети, поведување постапка по прекршоци и други работи утврдени со закон.

Во оспорениот член 17-а од Законот е предвидено дека царинскиот орган за направените услуги во царинската постапка ќе наплаќа надоместоци чија висина е соодветна на извршената услуга. Висината на царинските надоместоци во зависност од видот на извршената услуга ги пропишува министерот за финансии.

Во дел В точка 2 од Законот “Царински постапки” се предвидени царинските постапки кои започнуваат со ставање на стоката во царинска постапка, односно во членовите 58 до 60 е предвидена обврска за поднесување на царинска декларација, формата на царинската декларација и што се подразбира под царинска декларација.

Понатаму, во членовите 61 до 71 е регулирана вообичаената постапка која опфаќа пополнување на царинската декларација, прием на царинската декларација, дополнување и изменување на царинската декларација, повлекување на царинската декларација, проверка на царинската декларација, преглед на стоки и други царински мерки за проверка на царинската декларација, делумен преглед на стоки, мерки на дополнително утврдување на истоветност на стоката, пуштање на стоката, посебни мерки на царинскиот орган, продажба или бесплатно отстапување на одземената стока.

Во член 72, пак, од Законот е регулирано прашањето на поедноставена постапка во врска со царинската декларација.

Во членовите 78 – 82 од Законот се утврдени видовите на царински постапки со економски ефект (царинско складирање, увоз на стока заради производство наменето за извоз, преработка под царински надзор, привремен увоз на стока и привремен извоз на стока заради облагородување), при што секоја постапка со економски ефект се одобрува со решение на царинскиот орган, а Владата на Република Македонија поблиску ги утврдува критериумите и начинот на спроведување на постапката со економски ефекти.

Во членовите 83 – 96 е регулирано прашањето на царинското складирање при што царинскиот орган е должен да ја одобори постапката, односно постапувањето со стоката во кое одобрение поблиску ќе ги определи условите под кои може да се спроведе наведената постапка.

Владата на Република Македонија со правилникот од член 82 ја утврдува листата на одобрените постапки и постапувањето како и случаи во кои постапки од ставот 1 на член 91 се забранети.

Во членовите 97 – 107 е регулирана постапката на увоз на стока заради извоз.

Во членовите 108 до 113 е регулирана постапка што ја презема Царинската управа при преработка под царински надзор.

Во членовите 113 – 118 од Законот е регулирана постапката за привремен увоз, а во членовите 119 – 127 е регулирана постапката на привремен извоз на стоката заради облагородување.

Во членот 128 е уредено царинската постапка при извоз на стока.

Во членовите 129 – 133 од Законот е уредено прашањето на транзитната царинска постапка.

Од наведеното произлегува дека царинскиот орган, односно царинската управа презема одредени дејствија, односно спроведува одредени постапки со цел да се утврди царинскиот долг и истиот да се наплати од царинскиот должник.

Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 33 од Уставот се уредува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, а според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Од наведените одредби произлегува дека право е на законодавецот со закон да ги утврди даноците и другите јавни давачки и дека ова право не е ограничено во поглед на предмети на оданочување ни во поглед на субјекти и дека во рамките на остварувањето на ова право закондавецот е должен не само да го воведе видот на данокот, туку и да го уреди и начинот на неговото пресметување и плаќање.

Со оглед на наведеното, а имајќи ја предвид анализата на одредбите од Царинскиот закон кои се однесуваат на спроведувањето на посебните постапки од страна на Царинската управа по поднесена декларација, а со цел да се утврди и наплати царината како посебен вид на јавна давачка, Судот смета дека надоместокот утврден во член 17-а од Законот не е јавна давачка, туку надоместок што декларантот треба да го плати за направената услуга.

Имено, поаѓајќи од фактот што со Царинскиот закон Царинската управа како орган на државната управа е овластена да дава услуги по барање на странките и тоа надвор од редовната постапка на царинење за Судот е неспорно дека за направените услуги таа ќе наплатува надоместок во зависност од направените трошоци.

Со оглед на наведеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 17-а од Царинскиот закон со уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.

5. Судот во натамошната постапка утврди дека врз основа на член 17-а од Царинскиот закон министерот за финансии на 24 декември 2001 година донел Правилник за висината на надоместокот за царински услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.102/2001).

Во член 1 од Правилникот е предвидено дека на стоките што се увезуваат се наплаќа надоместок за направени царински услуги. Надоместокот за направените царински услуги се наплаќа во следните износи: 19 евра по наименување за царинска декларација за увоз (У4).

Во член 2 од Правилникот е предвидено дека “по исклучок од член 1 на овој правилник надоместокот за направени царински услуги не се плаќа за стоките што се ослободени од плаќање на царина според одредбите од член 180 и 181 од Царинскиот закон (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/1998, 26/1998, 63/1998, 86/1999, 25/2000, 109/2000 и 31/2000) како и при увоз на стоки за кои според склучени меѓународни договори не се плаќа царина.

На 29 јануари 2002 година, инистерот за финансии донел Правилник за дополнување на Правилникот за висината на надоместокот за царински услуги (“Службен весник на Република Македонија”бр.6/2002).

Според овој правилник во Правилникот за висината на надоместокот за царински услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.102/2001) по членот 2 се додава нов член 2-а кој гласи: “За стоката која граничните царински испостави ја пуштаат под царински надзор во транзитна постапка и се упатува, односно се става на увид на граничната испостава Блаце се наплаќа надоместок за извршената услуга во висина од 100 евра по камион односно превозно средство.

По исклучок, надоместокот за направени царински услуги согласно став 1 на овој член не се плаќа за стоката која се упатува во транзитна постапка преку овластени хуманитарни организации, а е наменета за хуманитарни цели”.

На 4 мај 2002 година, министерот за финансии донел Правилник за дополнување на Правилникот за висината на надоместокот за царински услуги.

Во член 1 од наведениот правилник е предвидено дека во Правилникот за висината на надоместокот за царински услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.102/2001 и 6/2002) во член 2 по бројот 180 сврзникот “и” се заменува со запирка а по бројот 181 се додаваат зборовите и член 183 став 1 алинеја 11.

На 20 август 2002 година, министерот за финансии донел Правилник за изменување на Правилникот за висината на надоместокот за царински услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/2002).

Во член 1 од наведениот правилник е предвидено дека во Правилникот за висината на надоместокот за царински услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.102/2001, 6/2002 и 37/2002) членот 1 се менува и гласи: “За сите царински постапки за кои се поднесува единствена царинска декларација се наплаќа надоместок за направени царински услуги во висина од 19 евра по царинска декларација”.

На 26 септември 2002 година, министерот за финансии (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/2002) донел Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за висината на надоместокот за царински услуги.

Во член 1 од наведениот Правилник е предвидено дека “Во правилникот за висината на надоместокот за царински услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.102/2001, 6/2002, 37/2002 и 69/2002) членот 2-а се брише.

На 25 декември 2002 година, министерот за финансии донел Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за висината на надомест за царински услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.98/2002).

Според член 1 од Правилникот е предвидено дека во Правилникот за висината на надоместокот за царински услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр. 102/2001, 6/2002, 37/2002, 69/2002 и 78/2002) членот 1 се менува и гласи: “Во царинската постапка при поднесување на единствен царински документ се наплаќа надоместок за направени царински услуги во висина од 19 евра по царинска декларација за следните видови царински постапки извоз (И1), привремен извоз (И2), увоз (У4), привремен увоз (У5), повторен увоз (У6) и царини складирање (С7)”.

На 26 декември 2002 година министерот за финансии (“Службен весник на Република Македонија” бр.98/2002) донел Правилник за дополнување на Правилникот за висината на надоместокот за царински услуги.

Во овој правилник е предвидено дека во Правилникот за висината на надоместокот за царински услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.102/2001, 6/2002, 37/2002, 69/2002 и 78/2002) по членот 2 се додава нов член 2-а кој гласи “За секое поднесено барање за распределба на царински квоти за преференцијален увоз согласно договорите и спогодбите за слободна трговија се наплаќа надоместок за направени царински услуги во висина од 100 евра по поднесено барање.

Воедно, Судот по сопствена иницијатива го имаше предвид и Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за висината на надоместокот за царински услуги донесен од министерот за финансии на 9 јули 2003 година.

Во член 1 од наведениот правилник е предвидено дека во член 2-а по зборот “трговија” се додаваат зборовите “и секое поднесено барање за распределба на стоки по повластен тарифен третман”, согласно член 24-а од Царинскиот закон.

Во член 2 од Правилникот е предвидено дека по член 2-а се додаваат четири нови членови 2-б, 2-в, 2-г и 2-д.

Во член 2-б е предвидено дека во согласност со член 66 став 1 од Царинскиот закон, при секој преглед на стоки што се врши на барање на декларантот се наплаќа надоместок за сторена услуга во висина од 700,00 денари за секој час на ангажирање при што секој започнат час на работа на царинскиот службеник се смета како цел час.

Надоместокот од став 1 на овој член се наплаќа кога прегледот се врши:

– надвор од седиштето на царинскиот орган, односно надвор од местото, пропорцијата или просторот во кој царинскиот орган редовно врши царинење на стоки и

– надвор од редовното работно време или во продолжено работно време без разлика дали ангажирањето на царинскиот службеник е во или надвор од местото, просторијата или просторот во кој царинскиот орган редовно врши царинење на стоки.

Според член 2-в од Правилникот, доколку за обезбедување на мерки и царински надзор согласно член 131 од Царинскиот закон во транзитна постапка е побарано царинска придружба, царинските органи ќе наплаќаат надоместоци за покривање на настатите трошоци во износ од 700,00 денари за секој час од времетраење на придружбата.

Секој започнат час на придружба се смета како цел час.

Според член 2-г од Правилникот по поднесено барање согласно член 17-а во врска со член 16 од Царинскиот закон за издавање на задолжителна информација се наплаќа надоместок за направени услуги во износ од 5000,00 денари.

По претходно добиена согласност од подносителот на барањето од став 1 на овој член, Царинската управа наплаќа допол-нителни трошоци настанати при испитување во соодветна стручна организација ако при издавањето на задолжителната тарифна инфор-мација е потребно хемиско, физичко и технолошко или било какво друго испитување на стоката што не може да се изврши во царинска лабораторија.

Според член 2-д од Правилникот, согласно член 1 и член 12 од Конвенцијата за меѓународен превоз на стоки врз основа на карнетот ТИР, а на барање на подносителот за преглед и утврдување на техничките услови на возилата според стандарди и превоз со ТИР-Конвенција, царинскиот орган наплаќа надоместок за издавање на уверение за одобрување во износ од 1000,00 денари.

Согласно член 95 став 1 од Уставот државната управа ја сочинуваат министерствата и други органи на управата и организации утврдени со закон.

Во членот 96 од Уставот, меѓу другото, е предвидено дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Согласно член 61 став 1 од Законот со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби како и содржината на наведените правилници, Судот утврди дека министерот за финансии со свој пропис не ја пропишува обврската на граѓаните и други правни лица да плаќаат надоместок, туку надоместокот како таков е претходно утврден со закон, а министерот го утврдува износот на надоместокот во зависност од видот на постапката што ја бара странката при поднесување на декларацијата и направените трошоци што ги прави органот односно Царинската управа која ја дава услугата.

Оттука, според мислењето на Судот актот што го донесува министерот е всушност акт донесен во функција на операционализација на Царинскиот закон.

Во таа смисла, според Судот неосновани се наводите во иницијативата дека министерот воведува јавна давачка, затоа што надоместокот за царинската услуга е утврден со закон, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на наведените правилници со наведените уставни и законски одредби.

Воедно, Судот смета дека се неосновани наводите во иницијативата дека со утврдувањето на надоместокот што треба да го плати странката во царинската постапка со поднесување на декларацијата и плаќањето на административна такса согласно Законот за административни такси, граѓаните двојно се оптоваруваат за иста услуга. Ова затоа што административната такса како јавна давачка со сите нејзини елементи утврдени во законот се плаќа за поднесоци, решенија, дозволи и управни дејствија во моментот на поднесување на барањето, а надоместокот се плаќа за направени услуги што ги врши царинската управа во постапка во кои таа прави дополнителни трошоци.

6. Понатаму, Судот утврди дека на 6 септември 2002 година, директорот на Царинската управа донел Упатство кое било дистрибуирано до сите царинарници и сектори. Со ова упатство во суштина се даваат напатствија до сите царинарници и сектори како да се врши пресметка на надоместокот за царинската услуга и дадени се шифри на постапките во кои случаи не се плаќа надоместок за царински услуги.

На 11 септември 2002 година, директорот на Царинската управа донел дополнување на Упатството од 6 септември 2002 година во кое исто така е предвидено во кои случаи при извоз на стоки од страна на физички и правни лица и од страна на дипломатски и конзуларни претставници и нивниот персонал нема да се наплаќа надоместок за царинска услуга.

Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законот.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од содржината и карактерот на наведените упатства, Судот утврди дека тие не претставуваат пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, затоа што наведените упатства претставуваат интерни акти за постапувањето на царинските служби.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Судот решението под точката 1 го донесе со мнозинство гласови, а под точката 2 едногласно во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.156/2002
28 септември 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply