29/2005-0-0

29/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 септември 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 95 став 2 од Законот за јавните патишта (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/1996, 40/1999, 96/2000, 29/2002 и 68/2004).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.29/2005 од 22 јуни 2005 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 95 став 2 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 95 став 1 од Законот за јавните патишта, за штетата што ќе им биде причинета на корисниците на патиштата заради пропуштање на благовременото извршување на потребните работи преземање на соодветни мерки за одржување на патиштата или улиците одговара претпријатието задолжено за одржување на патиштата и улиците.

Според ставот 2 на овој член, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на транспортот ќе донесе пропис за остварување на правото на корисниците на патиштата утврдено во ставот 1 на овој член.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони, а според членот 91 алинеја 1 и 5, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите. Според членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), е утврдено дека министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон. Во членот 56 став 1 од овој закон е определно дека со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а согласно членот 61 став 1, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Според членот 1 од Законот за јавните патишта, предмет на уредување на овој закон се условите и начинот на изградбата, реконструкцијата, одржувањето, заштитата, користењето, управувањето, финансирањето на јавните патишта и надзорот.

Со членот 2 од Законот е определено дека јавните патишта се добра во општа употреба и се во државна сопственост, а развојната политика на патиштата ја утврдува Владата на Република Македонија.

За работите во врска со планирањето, финансирањето, изградбата, реконструкцијата, одржувањето и заштитата на магистралните и регионалните патишта се основа Фонд за магистрални и регионални патишта со својство на правно лице, кој изготвува повеќе годишна програма. За извршување на работите на одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, Владата на Република Македонија основа јавно претпријатие, додека за локалните патишта и улици, општината односно градот Скопје може да основа јавно претпријатие.

Според членот 31 од Законот, за извршување на работите од годишната програма сврзани за одржување и заштита на јавните патишта, Фондот и јавното претпријатие за патишта склучуваат договор со кој особено се утврдува видот, обемот и вредноста на работите на одржувањето и заштитата на јавните патишта за секој пат одделно, посебно за работите на одржување на проодноста на патиштата во зимски услови, рокови за извршување, надзор над извршувањето и слично. Договорот за наредната година се склучува најдоцна до истекот на тековната година. Ако во тој рок не се склучи договор, Фондот обезбедува привремено финансирање во висина на физичкиот обем на работите од претходниот месец. Средствата наменети за одржување и заштита на јавните патишта, јавното претпријатие за патишта не смее да ги користи за други намени.

Од изнесеното и од анализата на оспорената одредба од Законот, Судот утврди дека со неа всушност е дадено овластување на министерот за транспорт и врски да донесе посебен пропис со кој би ги пропишал постапката, правата и обврските за граѓаните во однос на тоа на кој начин да ги остварат своите интереси спрема претпријатието задолжено за одржување на патиштата, за штетата што ќе им биде причинета како корисници на патиштата, а како последица од пропустите во одржувањето на патиштата и улиците. Имено, оспорената одредба претставува законски основ за донесување на подзаконски акт кој по својата содржина би бил акт за уредување на материја која може да се уредува единствено со закон.

Притоа, треба да се има предвид дека во нашиот правен систем со одредбите од Законот за облигационите односи се уредени основите на облигационите односи и во делот на причинувањето на штета.

Во однос на овластувањето кое произлегува од оспорената законска одредба Судот смета дека се доведува во прашање неговиот уставен основ бидејќи овластувањето отстапува од општиот принцип на поделба на власта. Тргнувајќи од темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, министерот како еден од органите на извршната власт не може да има овластувања кои ги има законодавната власт. Даденото овластување на министерот со свои акти да пропишува како граѓаните како корисници на патиштата ќе ги остваруваат правата за штетата што ќе им биде причинета поради пропустите на надлежното претпријатие во одржувањето на патиштата и улиците, според Судот значи пренесување на ингеренциите од законодавната власт кон извршната власт за уредување на прашања од законска материја, што не е во согласност со означените одредби од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.29/2005
21 септември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply