131/2005-0-0

131/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 септември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на

– Решението за избор на претседател и членови на Комисијата за Статут и прописи бр.07-404/1;
– Решението за избор на претседател и членови на Комисијата за општествени дејности бр.07-403/1;
– Решението за избор на претседател и членови на Комисијата за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина бр.07-402/1 и
– Решението за избор на претседател и членови на Комисијата за финансирање, буџет и локален економски развој бр.07-401/1, донесени на седницата на Советот на општината Босилово одржана на 6 јуни 2005 година.

2. Ѓорѓи Атанасов и шест други советници во Советот на општина Босилово, од коалицијата “За подобра Македонија” на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на решенијата означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените решенија во соодветните четири комисии на Советот на општина Босилово не бил избран ниту еден советник од советничката група на коалицијата “За подобра Македонија”, предводена од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која ја сочинувале седум советници од вкупно 15 во Советот на општината Босилово. На овој начин биле повредени член 32 став 4 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) и член 33 став 3 од Статутот на општина Босилово (“Службен гласник на општина Босилово” бр.2/2004) во кои е утврден принципот на пропорционална застапеност на политичките партии во составот на сите комисии на советот на општината.

Од тие причини подносителите на иницијативата сметаат дека оспорените решенија за избор на претседатели и членови на соодветните четири комисии на Советот на општина Босилово се незаконски и поради тоа предлагаат Судот да поведе постапка за оценување на нивната законитост и истите да ги поништи.

3. Судот на седницата утврди дека во сите оспорени решенија поименично се утврдени советниците кои се избрани за претседател и членови на комисијиите означени во секое од тие решенија.

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договир со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Од називот и содржината на оспорените решенија неспорно произлегува дека тие се поединечни акти за избор на претседатели и членови во соодветните комисии на Советот на општина Босилово, а не се прописи со кои на општ начин се уредуваат определени односи, односно прашања или се утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото, што е карактеристично за секој вид на пропис.

Со оглед на тоа што оспорените решенија не се прописи, туку се поединечни, односно конкретни акти, Судот утврди дека согласно член 110 од Уставот не е надлежен да ја оценува нивната согласност со одредбите на член 32 став 4 од Законот за локалната самоуправа, кои според наводите во иницијативата не биле почитувани во постапката за избор на претседатели и членови на комисиите што е, пак, фактичко прашање за кое Судот, исто така, не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.131/2005
21 септември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply