96/2005-0-0

96/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 септември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.07-101/2 донесена од Советот на општината Другово, на седницата одржана на 25 мај 2005 година.

2. Стојо Павлески, градоначалник на општина Другово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата општината согласно Законот за локалната самоуправа немала надлежност да одлучува за остварување на право на плата на градоначалникот по престанувањето на неговата функција, затоа што ова право на градоначалникот не било регулирано, односно утврдено со Законот за платите и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, врз основа на чии одредби е донесена оспорената одлука.

Поради наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одлука е во спротивност со означените закони па затоа предлага Судот да поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општината Другово оспорената одлука ја донел врз основа на членовите 36 и 62 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) и членовите 19 до 25 и 32 од Законот за платите и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката.

Од диспозитивот (изреката) и образложението на оспорената Одлука е видно дека Советот на општина Другово со оваа одлука всушност одлучувал по конкретно поднесено барање од поранешниот градоначалник на општината Ќиро Мојсоски за остварување на право на плата по престанување на функцијата градоначалник.

Имено, постапувајќи како надлежен орган по барањето на поранешниот градоначалник на општината Другово Ќиро Мојсовски, Советот на општината со оспорената одлука го уважил неговото барање и му утврдил остварување на право на плата по престанување на функцијата градоначалник, за време до една година, бидејќи за тоа биле исполнети условите од членовите 19 до 25 и член 32 од Законот за платите и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Од содржината на оспорената одлука неспорно произлегува дека таа се однесува на однапред определена, односно конкретна личност по чие барање за остварување на право на плата по престанување на функцијата градоначалник на општината одлучувал Советот на општината Другово, применувајќи ги за тоа соодветните законски одредби.

Оттаму, според Судот оспорената одлука по својата содржина и правно дејство е поединечен, односно конкретен акт, а не пропис во смисла на членот 110 алинеја 2 од Уставот, затоа што со неа не се утврдува право на неопределен број на субјекти, односно не се уредува на општ начин правото на плата на градоначалникот на општината.

5. Со оглед на тоа што оспорената одлука не е пропис, туку е поединечен, односно конкретен акт, Судот утврди дека не е надлежен за оценување на нејзината согласност со Уставот и закон, поради што согласно наведените уставни и деловнички одредби одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.96/2005
14 септември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply