85/2005-0-0

У.бр.85/2005

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од Месна заедница “Кузман Јосифовски – Питу” – урбан модул 40 – општина Карпош, донесена од Советот на општина Карпош под бр.07-2472/2 од 9 ноември 2004 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.12/2004).

2. Драган Бошнаковски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и закони- тоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, при донесувањето на оспорената одлука бил повреден членот 36 од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002) на начин што во проектот биле предвидени 303 паркинг места, наместо според станадардите да се пред- видат 525, од каде произлегло и намалување на зелените површини што не било препо- рачливо поради намалување на кислородот во градот Скопје. Со оглед на тоа што од страна на проектантот не биле почитувани нормативите за густината на објектите и за потребниот паркинг простор, подносителот на иницијативата смета дека Советот на опш тината Карпош бил доведен во заблуда кога ја донел оспорената одлука.

Инаку, подносителот на иницијативата нагласува дека пред Уставниот суд настапува во свое име и во име на поголема група граѓани, станари во станбениот блок што се наоѓа на улицата “Јуриј Гагарин”. Меѓутоа, кон иницијативата се прилагаат само списоци на граѓани без полномошно за настапување во постапката пред Уставниот суд како полномошник на лицата означени во приложените списоци. Со оглед на ваквата состојба Судот оцени дека подносителот на иницијативата не може да добие третман на полномошник на наведените граѓани и во оваа постапка настапува само во свое име.

На 16 јуни 2005 година до Судот е доставен поднесок насловен како прилог за подршка на иницијативата, поднесен од Скопското еколошко друштво ” Еко-мисија”. Во поднесокот се појаснува дека Друштвото ја подржува иницијативата на граѓаните за оспорување на Одлуката за изменување и дополнување на Планот. Ова од причина што во постапката за донесување на Планот општината Карпош не го почитувала член 9 од Правилникот за просторно и урбанистичко планирање објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.50/2003. Всушност станува збор за член 9 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот, објавен во наведеното службено гласило, а со наведената одредба се менува членот 36 став 2 од Правилникот.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Карпош на седни- цата одржана на 9 ноември 2004 година донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од Месна заедница “Кузман Јосифовски-Питу” -урбан модул 40-општина Карпош, под бр.07-2472/2 од 9 ноември 2004 година. Одлуката е објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.12/2004 од 14 декември 2004 година.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Во конкретниот случај подносителот на иницијативата бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука. Меѓутоа, од содржината на иницијативата произлегува дека во неа не се содржани законски или уставни одредби за кои подносителот на иницијативата смета дека се повредени со оспорената одлука. Според него постои единствено повреда на одредба од Правилникот за стандардите и нормативите за уредување на просторот.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд определена во член 110 од Уставот, како и од карактерот и содржината на оспорената одлука и Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002 и 50/ 2003) произлегува дека истите се подзаконски акти што имаат основ во одредбите од ист закон, а тоа е Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Оттаму, Судот оцени дека по однос на наводите од иницититивата за несог- ласност на оспорената одлуката со членот 36 од означениот правилник, како и воопшто со одредбите од Правилникот не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова–Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Бајрам Положани.

У.бр. 85/2005
29 јуни 2005 год.
С к о п ј е
мл/ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply