59/2005-0-0

59/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 96 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004 и 69/2004).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 70 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Тодор Пљаков од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 96 и член 70 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата членот 96 од Законот за државните службеници не бил во согласност со член 32 став 5 од Уставот, затоа што со донесување на наведениот закон се исклучувала примената на колективните договори иако колективните договори со кои се регулирани правата и обврските на работниците, односно вработените се уставна категорија во смисла на член 32 став 5 од Уставот.

Ова затоа што со Законот за државните службеници од член 63 заклучно со член 73 е регулирана материјата на дисциплинската одговорност на државните службеници во кои одредби е предвидена содржина која веќе е регулирана со Законот за работните односи, Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи и органите на локалната самоуправа и другите правни лица што вршат нестопанска дејност и Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија.

Од наводите во иницијативата, иако тоа изречно не е наведено произлегува, дека подносителот на иницијативата во суштина смета дека прашањата кои се уредени со колективни договори не можат да бидат предмет на законско уредување и со законот кој е подоцна донесен не може да се исклучи примената на колективните договори, или поточно речено подносителот на иницијативата по прашањето за уредување на односите од областа на работните односи првенство им дава на колективните договори.

Членот 70 став 5 од Законот со кој е предвидено дека дисциплиснката постапка завршува во рок од 45 дена од денот на нејзиното поведување е спротивен на член 32 став 5 од Уставот, Законот за работните односи, член 104 одд Колективниот договор на државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/1995) како и со член 72 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/1994).

Ова затоа што во оспорениот член 70 став 5 од Законот за државните службеници е предвиден рок на застареност за поведување на дисциплинска постапка спротивно на рокот предвиден во колективните договори. Поаѓајќи од фактот што со член 96 од Законот за државните службеници се исклучени од примена колективните договори, со оспорената одредба од член 70 став 5 се одземаат и ограничуваат правата на вработените, односно на државните службеници во однос на роковите на застареност.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 96 од Законот за државните службеници е предвидено дека “со денот на влегување во сила на овој закон престанува примената на одредбите од колективните договори по прашањата кои се уредени со овој закон.

Во оспорениот член 70 став 5 од наведениот закон е предвидено дека “дисициплинската постапка завршува во рок од 45 дена од денот на нејзиното покренување”.

5. Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од наведената уставна одредба произлегува дека нормативното уредување на остварувањето на правата од работен однос поделено е на законодавна (државна функција) и колективно договарање (недржавна нормативна функција).

Притоа, иако Уставот не ја определува содржината и обемот на уредувањето на правата со овие два вида акти, неспорно е дека колективните договори и законите не се на исто рамниште.

Имено, колективните договори во однос на законот се од секундарно значење што значи дека со нив може и треба да се уредуваат одделни особености надвор од минимумот што ќе биде утврден со закон, или поточно речено со колективните договори се доуредуваат во согласност со закон одделни права и обврски, одговорности како и обемот и начинот на остварување на правата и други прашања од интерс за работниците и работодавецот и со нив не може да се утврдат помали права и понеповолни услови за работа од оние утврдени со закон.

Ваквиот однос на колективните договори кон Законот, меѓу другото, произлегува и од членовите 84 до 97 од Законот за работните односи со кои е уредено прашањето на колективното договарање од работните односи.

Имено, од наведените одредби произлегува дека со колективните договори во согласност со закон се доуредуваат правата, обврските и одговорностите на работниците и работодавците од работен однос како и обемот и начинот на остварување на правата и обврските и другите одредби за прашања од интерес за работниците.

Со член 2 од Законот за работните односи, е предвидено дека работниот однос се уредува со овој закон со други закони и колективни договори.

Со Законот за државните службеници се уредуваат статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, како и системот на плата и надоместоци на плата за државните службеници (член 1).

За прашањата што не се уредени со овој закон и за прашања за кои овој закон не упатува на примена на друг закон, а се однесуваат на државните службеници се применуваат општите прописи за работните односи (член 4).

Од наведеното произлегува дека во уредувањето на прашањата од работен однос првенство има законот со кој се утврдени основните права од работен однос кои можат да се доуредат со колективен договор, при што неспорно е дека од член 32 став 5 од Уставот произлегува овластување оваа проблематика да се уредува со закон, односно закони кои не се ограничени со нормите на колективните договори. Имено, државата која е социјален партнер во колективното договарање подоцна може да го напушти принципот на колективното договарање и самостојно да ги уреди прашањата од работен однос, како што тоа впрочем е направено и со Законот за државните службеници.

Тргнувајќи од анализата на одредбата од член 32 став 5 од Уставот, одредбите од Законот за работните односи кои се однесуваат на колективното договарање во сферата на работните односи наспрема содржината на оспорениот член 96 од Законот според која со денот на влегување во сила на Законот за државни службеници престанува да се применуваат одредбите од колективните договори по прашањата кои се уредени со овој закон Судот смета дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со закон.

Согласно член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ги предвид наводите на подносителот на иницијативата според кои член 70 став 5 не содржел рок на застареност односно рок во кој може да се поведе дисциплинска постапка против државен службеник како што е предвидено во колективните договори, како и содржината на самата одредба, Судот смета дека подносителот на иницијативата истата погрешено ја толкува. Ова затоа што со неа воопшто не се уредува прашањето на рокот на застареност, односно субјективниот и објективниот рок во кој треба да започне постапката и да се донесе одлука од страна на работодавецот, туку со оспорената одредба се уредува прашањето на траењето на дисциплинската постапка.

Со оглед на тоа што подносителот на иницијативата оспорува одредба која не го содржи тоа што според него би морало да содржи според мислењето на Судот излегува надвор од неговата надлежност, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Тргнувајќи од содржината на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, а по однос на наводите во иницијативата дека оспорените членови не биле во согласност со Законот за работните односи, со член 72 од Општиот колективен договор за јавни служби, јавни претпријатија, државни органи, органите на локалната самоуправа и другите правни лица што вршат нестопанска дејност и со член 104 од Колективниот договор на државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на законите ниту, пак, за согласноста на законите со колективните договори, поради што одлучи иницијативата во овој дел да ја отфрли.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.59/2005
22 јуни 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply