31/2005-0-1

31/2005-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 јуни 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 55 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/2004).

2. СЕ УКИНУВААТ:

– Правилникот за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во училишната матура во гимназиското образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2005) и

– Правилникот за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во завршниот испит во средното стручно образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2005).

3. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на актите и дејствијата донесени односно преземени врз основа на членот 55 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/2004) и врз основа на оспорените правилници означени во точката 2 од оваа одлука.

4. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

5. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Слаѓана Ананиевска од Скопје со Решение У.бр.31/2005 од 27 април 2005 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 55 од законот означен во точката 1 од оваа одлука и за оценување на уставноста и законитоста на правилниците означени во точката 2 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со закон.

6. Судот на седницата утврди дека со членот 55 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование, членот 114 се менува и гласи:

“Одредбите од членовите 26 став 2, 27, 28, 29 ставови 1, 2 и 3 и 30 став 2 на овој закон, кои се однесуваат на државната матура, училишната матура и завршниот испит ќе се применуваат од влегувањето во сила на новите планови и програми”.

7. Судот исто така утврди дека врз основа на член 38 став 2 од Законот за средното образование, министерот за образование ги донел оспорените правилници, со кои се уредува начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во училишната матура во гимназиското образование, односно начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во завршниот испит во средното стручно образование во траење од четири, односно три години.

8. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Со Законот за средното образование се уредува организацијата, функционирањето и управувањето во средното образование, како дел од системот на воспитанието и образованието.

Во делот ИВ од овој закон се одредбите од членовите 33, 35, 37, 38 и 39 кои се однесуват на државна матура, училишна матура, завршен испит и меѓународна матура.

Според членот 33 од овој закон, во гимназиското образование се запишуваат редовни ученици кои завршиле основно образование. Во гимназиско образование, во втора, трета и четврта година на образование, може да се запише и вонреден ученик од оправдани причини утврдени во статутот на училиштето. Учениците во гимназиското образование полагаат државна матура или училишна матура. Во гимназиското образование може да се реализира и програма за меѓународна матура за што согласност дава министерот. Програмата за меѓународна матура е со иста важност како и гимназиското образование.

Согласно членот 35 од овој закон, по завршувањето на последната година на јавното стручно образование се полага државна матура или завршен испит. По завршувањето на јавното стручно образование со четиригодишно траење учениците полагаат државна матура или завршен испит. По завршувањето на јавното стручно образование со тригодишно траење учениците полагаат завршен испит.

Членот 37 од овој закон утврдува дека учениците кои ја завршиле последната година во јавното уметничко образование полагаат училишна матура според утврдени програми.

Согласно членот 39 од овој закон, во средното образование за ученици со посебни образовни потреби се образуваат ученици според сообразени програми за соодветни занимања односно образовни профили или за работно оспособување. Во зависност од следењето на сообразените програми за соодветни занимања, односно образовни профили учениците со посебни образовни потреби можат да полагаат државна матура или завршен испит.

Од наведените законски одредби произлегува дека учениците во гимназиското образование полагаат државна матура или училишна матура, учениците во јавното стручно образование со четиригодишно траење полагаат државна матура или завршен испит, а учениците во јавното стручно образование со тригодишно траење полагаат завршен испит.

Со членот 55 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование, членот 114 се менува и гласи: “Одредбите од членовите 26 став 2, 27, 28, 29 ставови 1, 2 и 3 и 30 став 2 на овој закон, кои се однесуваат на државната матура, училишната матура и завршниот испит ќе се применуваат од влегувањето во сила на новите планови и програми”.

Членовите 26 став 2, 27, 28, 29 ставови 1, 2 и 3 и 30 став 2, на кои се однесува оспорениот член, се одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование со кои всушност во членот 33 се додава нов став 2, а постојниот став 2 се менува; членот 35 се менува во целина; во членот 37 пред зборот “матура” се додава зборот “училишна”; членот 38 се менува во целина; во членот 39 по зборот “занимања” се додаваат зборовите “односно образовни профили” и се додава нов став 2.

Очигледно е дека од правнотехнички аспект, оспорениот член е нејасен и создава дилеми за кои одредби од Законот всушност станува збор што создава правна несигурност спротивно на уставниот принцип за владеење на правото.

Исто така, оспорениот член ја условува примената на одредбите кои се однесуваат на државната матура, училишната матура и завршниот испит од влегувањето во сила на новите планови и програми, што значи дека нивното донесување зависи од волјата на министерот, така што и примената на законот во овој дел зависи од волјата на извршната власт. Со други зборови ова значи дека времето на почетокот на примената на Законот би зависело од волјата на извршната власт односно од кога таа ќе донесе нови планови и програми.

Притоа, според Судот останува нејасно што подразбира законодавецот под поимот “нови планови и програми”, односно дали под поимот нови планови и програми се мисли на наставни планови и програми по кои учениците ќе ја започнат и ќе ја следат наставата во средното образование или пак се мисли на планови и програми за полагање на завршниот испит (матура), дотолку повеќе што Законот употребува термини: наставни планови, наставни предмети, програми, испитни програми и слично.

Имајќи ја предвид содржината на оспорениот член и дилемите што произлегуваат од нејзината непрецизност, Судот оцени дека целиот член создава правна несигурност поради што не во согласност со уставниот принцип на владеење на правото, како и со уставниот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

9. По однос на оспорените правилници Судот оцени дека тие се донесени пред донесувањето на новите планови и програми, пред донесувањето на испитните програми и пред донесувањето на новата Концепција за матура и завршен испит во јавното средно образование.

Исто така, оспорените правилници се однесуваат само на училишна матура односно завршен испит, а Законот предвидува полагање на државна матура или училишна матура, односно државна матура или завршен испит. Тоа значи дека акт со кој ќе се уреди начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во државната матура воопшто не постои, иако согласно законот учениците можат да избираат дали ќе полагаат државна матура или училишна матура, односно државна матура или завршен испит.

Оттука, Судот оцени дека оспорените правилници се донесени пред да влезат во сила новите планови и програми, дека се однесуваат на матурскиот испит на учениците од учебната 2004/2005 година кои ја следеле наставата според други планови и програми и дека нема одредби за полагање на државна матура со што на учениците им се ускратува законски даденото право на избор, поради што правилниците не се во согласност со Законот за средното образование.

Понатаму, според оспорените правилници, училишната матура во гимназиското образование се состои од три дела и тоа: писмена работа од јазикот и литературата на кој ученикот ја следел наставата, устен испит по еден задолжителен или изборен наставен предмет за кој ученикот се определил и индивидуална матурска работа.

Завршниот испит во средното стручно образование во траење од четири години се состои од три дела и тоа: писмена работа од јазикот и литературата на кој ученикот ја следел наставата, устен испит по еден наставен предмет од посебно стручните предмети односно од предметите карактеристични за образовниот профил и практична работа.

Завршниот испит во средното стручно образовние во траење од три години се состои од писмена работа од јазикот и литературата на кој ученикот ја следел наставата и практична работа.

Овие факти според мислењето на Судот се битни со оглед на тоа што според Правилникот кој престанал да важи со оспорените правилници, завршниот испит во стручното образование се состои од писмена работа по македонски јазик и литература, односно јазик на кој ученикот ја следел наставата и литературата и практична работа,а завршниот испит во гимназиското образование се состои од писмена работа по македонски јазик и литература, односно јазикот на кој ученикот ја следел наставата и литературата и усни испити по два општообразовни или изборни предмети за кои ученикот се определил.

Од изнесеното произлегува дека со оспорените правилници за учениците во средното стручно образование во траење од четири години покрај другото се воведува и устен испит по еден наставен предмет, а за учениците во гимназиското образование покрај другото се воведува индивидуална матурска работа.

Имајќи ја предвид содржината на оспорените правилници, како и фактот што тие се донесени во февруари 2005 година, така што учениците спротивно на нивните легитимни очекувања дознале за промените три месеци пред полагањето на матурските испити, Судот оцени дека правилниците не се во согласност со Уставот во однос на правната сигурност како елемент на принципот на владеење на правото, како и во однос на уставната забрана за повратното дејство на законите и другите прописи.

10. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

11. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.31/2005
15 јуни 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply