156/2004-0-0

156/2004-0-0

Вовед

1/1

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Законот за формирање на средства на солидарноста на Социјалистичка Република Македонија за отстранување на последиците од елементарни непогоди и за воведување “Недела на солидарноста” (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.30/1974, 36/1974-исправка, 10/1976, 44/1977, 22/1978, 19/1980 и 16/1985).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.156/2004 од 16 и 17 март 2005 по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје поведе постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од оваа одлука затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот Закон е донесен врз основа на Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година, од страна на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Според членот 1 на овој закон, заради остварување на уставното начело за заштита и солидарност во отстранување на општи опасности од елементарни непогоди, се формираат средства на солидарноста на Социјалистичка Република Македонија (средства на солидарноста).

Во членот 2 од Законот е утврдено дека средствата на солидарноста служат за отстранување на последиците од елементарни непогоди што во Републиката ги претрпеле граѓаните, организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници, општествено политичките заедници, како и за давање на меѓусебни помошти на републиките и автономните покраини во кои настанале штети од елементарни непогоди од поголеми размери под услови и на начин утврдени со договор меѓу републиките и покраините. Според ставот 2 на овој член, видовите на елементарни непогоди за кои ќе се користат средствата на солидарноста во Републиката, како и условите и начинот на користење на тие средства ќе се регулираат со одделен закон.

Во членот 3 од Законот е утврдено дека заради обезбедување средства на солидарноста се воведува “Недела на солидарноста” која трае од 1 до 7 јуни секоја година.

Во членот 4 од Законот се утврдени изворите од кои се формираат средствата на солидрноста на Републиката, а тоа се следните:

– од продажба на маркички на солидарноста од единствената емисија за време на “Неделата на солидарноста”;
– со издвојување на средства од доходот на организациите на здружениот труд наменет за лични доходи и од доходот на работните луѓе кои самостојно вршат стопанска, нестопанска и земјоделска дејност, како и од средствата наменети за пензии на корисниците на пензиско и инвалидско осигурување;
– од прилози, помошти и подароци што ќе ги дадат работниците, работните луѓе и граѓаните, општествените правни лица, граѓанските правни лица, странските држави, меѓународните организации и други странски правни и физички лица;
– од средствата од ануитети по досега дадените кредити од Федерацијата за отстранување на последиците од елементарни непогоди; и
– од други извори.

Според членот 5 од Законот, средствата на солидарноста од членот 4 став 1, алинеја 2 на овој закон се издвојуваат секоја година и тоа:

– организациите на здружениот труд и другите корисници на општествени средства издвојуваат средства од доходот наменет за лични доходи во висина што одговара на просечниот еднодневен нето личен доход остварен во првото полугодие од годината во која се издвојуват средствата;
Средствата од претходниот став се издвојуваат при исплатата на личните доходи за месец јуни.
– самоуправните интересни заедници за инвалидско и пензиско осигурувње издвојуваат средства за солидарност од средствата наменети за пензии, во висина на еднодневен износ на пензијата за месец јуни;
– работните луѓе кои самостојно вршат стопанска и нестопанска дејност, што се обложуваат според стварниот доход, плаќаат еднодневна заработувачка од утврдената основица за плаќање на данок на доход остварен во претходната година; и
– работните луѓе што вршат земјоделска дејност издвојуваат 0,5% од катастарскиот приход, што служи како основица за облогот со данок.

Средствата од точките 3 и 4 на овој член се издвојуваат во месец јуни.
Пресметувањето на износот од став 1, точка 3 и 4 на овој член го врши органот за приходи на општината.

Според ставот 4 на членот 5 од Законот, републичкиот секретар за финансии се овластува да донесе поблиски прописи за начинот и постапката за пресметување и плаќање на средствата на солидарноста од овој член.

Согласно членот 6 од Законот, на средствата што се издвојуваат според член 5 став 1 точка 1 од овој закон не се плаќа данок и придонес од доходот. Исто така, согласно овој член, не се плаќа данок и придонес и на личниот доход на работниците остварен со работа за солидарност.

Во членот 7 од Законот е утврдено дека за време на “Неделата на солидарноста” се продаваат “маркички на солидарноста”. Вредноста на “маркичките на солидарноста” за сите поштенски пратки, возните билети во внатрешниот сообраќај (освен во градскиот сообраќај) и на секој влезен билет за културни, забавни, спортски и други приредби изнесува 50% од номиналната вредност на поштенската марка на пратките до 20 грама во редовниот сообраќај.

Според членот 8 од Законот, средствата на солидарноста од член 4 на овој закон се уплатуваат и водат на посебна сметка на Републиката – “Средства на солидарноста на Републиката за отстранување на последиците од елементарни непогоди”.

По исклучок, средствата на солидарноста што се издвојуваат во организациите на здружениот труд од областа на стопанството се евидентираат и се водат на посебна сметка кај тие организации на здружениот труд.

Во случај на елементарна непогода, за која со одделен закон и меѓурепублички договор е предвидено користење на средствата на солидарноста, средствата од став 2 на овој член ќе се уплатат на сметката од став 1 на овој член, по наредба што ја издава републичкиот секретар за финансии.

Според членот 9 од Законот, средствата на солидарноста не можат трајно да се употребуваат за други намени, освен за намените предвидени со закон.

Средствата на солидрноста можат да се користат за краткорочни пласмани, со рок на враќање до 3 месеци.

По исклучок средствата на солидарноста формирани во организациите на здружениот труд од областа на стопанството можат да се користат како краткорочни извори на обртни средства на тие организации.

Во членот 10 од Законот е утврдено дека помошта во материјалните добра адресирана на Републиката се отстапува на Црвениот крст на Македонија заради давање помош на загрозените подрачја.

Контролата на издвојувањето и уплатувањето на средствата на солидарноста од членот 5 став 1 точка 1 и 2 и член 7 на овој закон, според членот 10-а од Законот ја врши Службата на општествено книговодство на Социјалистичка Република Македонија.

Според членот 10-б од Законот, во поглед на враќањето, застареноста и наплатата на средствата на солидарноста од членот 5 став 1 точка 3 и 4 на овој закон, се применуваат соодветните прописи за даноците на граѓаните.

Конечно, во членот 11 од овој закон е утврдено дека овој закон влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Социјалистичка Република Македонија”.

5. Според член 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Во членот 8 алинеите 3 и 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени принципите на владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Според членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и со закон. Според ставот 2 на овој член од Уставот, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во членот 6 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, е утврдено дека законите што не се во согласност со одредбите на Уставот ќе се усогласат во рок од една година од денот на прогласувањето на Уставот.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, како и од фактот дека оспорениот закон е донесен во периодот на федеративно уредена заедница, во чиј состав била и Социјалистичка Република Македонија, чиј уставен поредок се засновал врз сосема поинакви политички и економски основи од утврдените во Уставот на Република Македонија, а при тоа имајќи ја предвид содржината на оспорениот закон, Судот утврди дека овој закон не соодветствува, односно не кореспондира со уставниот поредок воспоставен со Уставот на Република Македонија.

Ова од причина што, иако целта и функцијата на оспорениот закон е да се обезбеди начелото на солидарноста и хуманизмот, кои се прифатени и утврдени и во Уставот на Република Македонија, од подробната анализа на неговите решенија сепак произлегува дека концепцијата на овој закон во основа се заснова врз основите на социјалистичкото самоуправно општествено уредување од претходниот уставен поредок на Република Македонија. Ова особено се согледува од одредбите на членот 2 став 1, членот 4, членот 5 и членот 8 став 2 и 3, во кои всушност се утврдени субјектите за кои се наменети средствата на солидарноста на Републиката формирани согласно овој закон, како и субјектите од чии средства се формираат, односно издвојуваат овие средства, кои во поголем случај беа корисници на општествени средства, односно на средства во општествена сопственост, која е напуштена со Уставот на Република Македонија.

Оттука, многу од субјектите на кои се однесува Законот, како на пример организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници, општествено-политичките заедници, федерацијата, републиките и автономните покраини и др., поради крупните промени на општествено политичките и економските односи направени со Уставот на Република Македонија, според кој Републиката, помеѓу другото е самостојна и суверена држава, повеќе не егзистираат, а ниту има основ во Уставот за нивно постоење. Ова се однесува и за Службата на општествено книговодство на Република Македонија утврдена во членот 10-а од Законот која е задолжена за контрола на издвојувањето и уплатувањето на средствата на солидарноста од членот 5 од Законот.

Поради наведеното овие, а и другите одредби од Законот, според начинот како се формулирани не само што го прават Законот неусогласен со Уставот и неприменлив во одделни делови, туку истовремено остават простор во новите услови и односи утврдени со Уставот и за арбитретност во спроведувањето и примената на Законот, поради што и од овој аспект се доведува во прашање обезбедувањето на принципот на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Освен тоа, ако се има предвид дека оспорениот закон, токму поради наведените негови недоследности, односно неусогласености со Уставот на Република Македонија, според мислењето на Министерството за финансии, од периодот на осамостојувањето на Република Македонија не се применува, односно спроведува секоја година како што е утврдено во Законот, тогаш, според Судот, очигледно е дека овој закон ја изгубил и основната функција, односно цел за која е донесен, а тоа е континуирано собирање на солидарни средства кои ќе се користат за отстранување и санирање на последиците од елементарни непогоди.

6. Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорениот закон не е во согласност со Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.156/2004
4 мај 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply