217/2004-0-0

217/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за усвојување на Детален урбанистички план од Урбан блок 54 во Тетово бр.07-1673/6, донесена од Советот на општина Тетово на 24 ноември 2004 година (“Службен гласник на општина Тетово” бр.9/2004 од 26 ноември 2004 година).

2. Душко Стојановски и група граѓани од Тетово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека општина Тетово организирала јавна анкета по Нацртот на Деталниот урбанистички план за дел од ВИ станбена заедница блок 54 во период од 9 до 19 април 2003 година на која неколку заинтересирани странки дале забелешки – приговори на кои не добиле одговор. Целата постапка била поведена од мала група граѓани кои прво доставиле барање за денационализација, а потоа се впуштиле во измена на Деталниот урбанистички план. Сите обиди на заинтересираните граѓани да посочат дека ова било незаконска работа и на штета на многу граѓани биле одбивани со образложение дека со Деталниот урбанистички план се решавале урбанистички проблеми, а не се решавале имотни права. Во иницијативата се наведува дека покрај кршењето на временскиот рок за јавната анкета, непочитувањето на препораките на Министерството за транспорт и врски целата постапка да се повтори од нацрт план, јавна анкета, да се бришат сите нови маркици од предметната парцела за што има препорака и од Народниот правобранител на Република Македонија, локалната управа се оглушувала од сите овие препораки и упорно гледала да го усвои планот без да ги отстрани сите овие недостатоци. На планот не била извршена стручна консултација и во извештајот од јавната анкета не било дадено образложение за неприфатените забелешки. Доколку овој план останел во сила и се реализирал ќе настанел хаос и нарушување на основните услови за хумано живеење и работа на жителите на целиот блок, но и на градот Тетово. На овој начин ќе се постапело спротивно на нормите утврдени со Законот за просторно и урбанистичко планирање и нормативите донесени согласно истиот, со што ќе се оневозможело остварување на граѓанските уставни и законски права на правна заштита на сопственоста, уредување на просторот и обезбедување услови за остварување на безбедна и здрава животна средина што се најважни компоненти за жителите во една урбана средина.

На крајот, во иницијативата се бара поништување на оспорената Одлука како и времена мерка за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на Одлуката, а со цел да се спречат несогледливите последици.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 1 со оспорената Одлука се усвојува Деталниот урбанистички план (ДУП) од Урбан влок 54 во Тетово ограничен со улиците “Ј. Сандански”, “М. Тито”, “Б. Тоска” и “ЈНА”.

Според членот 2, составен дел на оваа Одлука е техничката документација бр.06/02, изработена од ДОО “Теплан” Тетово, која не се објавува, а два примероци се чуваат во Министерството за транспорт и врски ПЕ Тетово и два примероци во Секторот за урбанизам и заштита на животна средина, сообраќај и патишта и комунални дејности.

Членот 3 определува дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Тетово”.

4. Судот на седницата, исто така утврди дека Советот на општина Тетово со писмо бр.03-114/1 од 2 февруари 2005 година, ја достави Одлуката за усвојување на Деталниот урбанистички план на Урбан блок 54 во Тетово бр.07-1673/6 од 24 ноември 2004 година заедно со следната документација: одлука на градоначалникот на општина Тетово за поведување постапка за измени и дополнување на ДУП на дел од шеста станбена заедница; ДУП за блок 54 на општина Тетово; извештај за извршена стручна ревизија; одговор на стручна ревизија; мислење на главниот архитект на градот; стручно мислење на Министерството за транспорт и врски Скопје; одлука на градоначалникот на Општина Тетово за организирање на јавна анкета по нацртот на ДУП; соопштение за организирање на јавна анкета; барање за објавување на оглас за јавна анкета (Дневник, Факти, Кис и Коха); решение за формирање на комисија за изготвување извештај за спроведената јавна анкета; записник од работата на комисијата; извештај од работата на комисијата; известување за постапување по стручната ревизија и јавната анкета; барање согласност за примена на планот; и согласност на Министерството за транспорт и врски за примена на планот.

5. Согласно член 17 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 4/1996, 8/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета. Во ставот 5 на овој член од законот, меѓу другото, е предвидено дека јавната анкета по деталниот урбанистички план ја организира општината.

Според член 18 став 1 и 2 од Законот, јавна анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот доставуваат писмени забелешки, на анкетни листови, до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила.

По завршувањето на јавната анкета, согласно член 18 став 4 од Законот, општината изработува извештај со образложение за неприфатените забелешки.

Согласно член 19 став 1 од Законот, на нацртот на плановите, пред организирањето на јавна анкета се врши стручна ревизија.

Од изнесените законски одредби произлегува дека општината е овластена по нацртот на деталниот урбанистички план да спроведе јавна анкета во траење од најмалку 10 дена, дека заинтересираните субјекти преку анектни листови можат да даваат свои забелешки по планот, дека по завршувањето на јавната анкета општината изготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки и дека на нацртот на планот се врши стручна ревизија.

Во конкретниот случај, според доставената документација што претходела на донесувањето на оспорената одлука е евидентно дека:

1) Јавната анкета по Нацртот на Деталниот урбанистички план за дел од ВИ станбена заедница Тетово траела 10 дена (од 9 до 19 април 2003 година) за што заинтересираните субјекти биле известени преку средствата за јавно информирање и тоа “Дневник”, “Факти”, РТВ “КИСС” – Тетово и ТВ “Коха” – Тетово.

2) По завршувањето на јавната анкета односно на 8 мај 2003 година, Комисијата за изготвување на извештај за спроведената јавна анкета разгледала 65 доставени анкетни листови и 6 барања кои биле доставени до Канцеларијата на главниот градски архитект, а кои се однесувале на предметниот урбан блок. Комисијата има изготвено записник со образложенија за сите неприфатени забелешки.

Повеќе граѓани, подносители на иницијативата пред Уставниот суд доставиле анкетни листови, но нивните забелешки на планот не биле прифатени со конкретно образложение содржано во извештајот од спроведената јавна анкета.

Овие граѓани за неприфатените забелешки не биле лично известени.

3) На Нацртот на Деталниот урбанистички план за Урбан блок бр.54 Тетово е извршена стручна ревизија за што постои извештај со технички бр.06/02 кој содржи општи констатации, посебни забелешки и заклучок.

Во одговорот на стручната ревизија е наведено дека дадените забелешки и сугестии во основа се прифаќаат и ќе бидат вградени во планот.

Со оглед на тоа што по Нацртот на Деталниот урбанистички план е организирана јавна анкета во траење од 10 дена, дека е изготвен извештај за спроведената јавна анкета со образложение на неприфатените забелешки, дека нема законска обврска учесниците во јавната анкета да бидат поединечно известувани за неприфатените забелешки и дека има извештај за извршена стручна ревизија, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Поради тоа, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот акт.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.217/2004
23 март 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply