181/2004-0-0

181/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 февруари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 133 став 1 точка 3 во делот “ќе донесе решение со кое на трговецот ќе му забрани вршење на дејност во траење од 30 дена” и став 2 од Законот за заштита на потрошувачите (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите означени во точката 1 од ова решение од Законот за заштита на потрошувачите.

Според наводите во иницијативата со оспорените одредби се повредувале членовите 8 став 1 алинеја 3 и 4, 9, 13 став 1, 14 став 1, 32 став 1 и 3, 51, 54 став 1 и 98 став 1 и 2 од Уставот, затоа што на инспекторот противуставно му е дадено законско овластување наместо суд, тој да донесува решение со кое на трговецот му забранува вршење на дејност во траење од 30, односно 90 дена. Решението веднаш станува извршно, бидејќи жалбата изјавена против тоа решение не го одлага неговото извршување.

Понатаму според подносителот на иницијативата вакви одредби не можат да опстојат во кој било друг закон на што упатува и член 25 став 3 од Законот за прекршоците, според кој времето на траењето на изречената мерка на безбедност забрана на вршење професија, дејност или должност тече од денот на правосилноста на пресудата за прекршоци.

Од друга страна, пак, согласно член 24 став 1 од Законот за прекршоците, само под услови предвидени со Кривичниот законик и со Законот за прекршоците за прекршоци можат да се изречат наведените мерки на безбедност, а не како што тоа е пропишано во оспорената одредба.

Оттука, според подносителот на иницијативата со оспорените одредби се доведува во прашање владеењето на правото, правната и животната сигурност на трговецот, поделбата на државната власт, еднаквоста на граѓаните, правото на работа и правото на соодветна заработувачка.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за заштита на потрошувачите се уредува заштитата на правото на потрошувачите, условите и начинот на заштита на потрошувачите, условите за трговско работење што се од значење за заштита на потрошувачите, како и надлежноста на органите на државната управа во однос на заштита на потрошувачите.

Според член 130 од наведениот закон надзор над спроведување на овој закон врши министерството за економија.

Според став 2 на овој член инспекцискиот надзор на спроведувањето на одредбите од овој закон го врши Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина преку инспекторите, во согласност со овластувањата утврдени со овој закон.

Понатаму, Судот утврди дека во оспорениот член 133 став 1 точка 3 од Законот за потрошувачите е предвидено дека ако инспекторот при вршењето на надзорот утврди дека трговецот дополнително ја наоплати издадената сметка од членот 20 став 1 на овој закон (член 20 став 3) ќе донесе решение со кое на трговецот ќе му забрани вршење на дејност во траење од 30 дена.

Во оспорениот став 2 на член 133 е предвидено дека “доколку и по втор пат во текот на годината се утврди дека трговецот не се придржува на забраната од став 1 на овој член инспекторот ќе донесе решение за забрана на вршење на дејност во траење од 90 дена.

Од наведеното произлегува дека инспекциски надзор на спроведување на одредби од законот спроведуваат надлежните инспектори кои во вршење на надзорот можат да преземат соодветни управни мерки предвидени со закон.

Имено инспекцискиот надзор претставува посебен вид на правен надзор што го вршат инспекциски органи формирани да обезбедат законитост во работењето во областите за кои се основани. Овој надзор во суштина е репресивен надзор тргнувајќи од карактерот и природата на средствата и санкциите со кои инспекторите се служат во случај на констатирање на незаконско дејствување.

Во вршењето на надзорот инспекцискиот орган, односно инспекторот врз основа на непосреден увид и контрола, постојано проверува дали претпријатието и граѓаните во вршењето на својата дејност се придржуваат кон законот, или не како и дали одстапуваат од легалното работење, поради што може веднаш да интервенира и да презема управно надзорна мерка за која е овластен.

5. Според член 8 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, покрај другото, се и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Во член 14 став 1, пак, е предвидено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не било предвидена казна.

Во член 32 од Уставот е предвидено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работење и материјална обезбедност за време на привремена невработеност.

Секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Во член 96 од Уставот е предвидено дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 98 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Од наведените уставни одредби произлегува дека вината за одредено казниво дело или вината за сторен прекршок мора да биде утврдена со судска одлука, што значи за сите казниви дела одлучуваат судовите кои се самостојни и независни.

Меѓутоа, имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба во однос на уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата, Судот смета дека во конкретниов случај не станува збор за дела кои граѓанинот може да ги стори според одредбите од Кривичниот законик и Законот за прекршоците и за кои дела вината треба да биде утврдена со правосилна судска пресуда, туку за недозволени дејствија од страна на трговецот кои подлежат на управни мерки според одредбите на други соодветни закони.

Во прилог на ваквото стојалиште упатува и член 61 од Законот за прекршоците според кој со закон овластените службени лица во органите на управата можат на сторителот на прекршокот привремено да му забранат вршење на дејност и должност се до поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка веднаш а најдоцна во рок од осум дена. Доколку барањето не е поднесено во рокот од став 1 се смета дека привремената забрана престанала да важи.

6. Оттука, имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека во конкретниов случај се работи за управна мерка и со нејзиното изрекување од страна на инспекторот не се суспендира водењето на судска постапка. Напротив, целта на изрекувањето на ваквата мерка е да се забрза судската постапка, а притоа до завршувањето на судската постапка да биде заштитена одредена вредност во системот која со дејствие на трговецот била загрозена.

Преземањето на оваа управна мерка според Судот има смисла само ако тоа се остварува веднаш во моментот кога трговецот е затекнат во вршење на недозволено дејствие од страна на лице кое има овластување за тоа.

Според тоа, Судот оцени дека законското овластување на инспекторот да донесе решение за забрана на вршење на дејност не може да се подведе под сомнение со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.181/2004
16 февруари 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply