Решение У.бр.172/2004

У.бр.172/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 2 февруари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 20 став 1 точка 5 и член 25 став 2 точка 2 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001и 5/2003).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека од уставноправен аспект било нелогично Министерството за одбрана да го организира пренесувањето на наредбата за спроведување на мерките на приправност од претседателот на Републиката до началникот на Генералштабот на Армијата или, пак, Генералштабот на Армијата да му предлага на Министерството за одбрана план за употреба на Армијата, кога се врши непосредна командна функција меѓу претседателот на Републиката и началникот на Генералштабот на Армијата.

Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените одредби се повредуваат членовите 8 став 1 алинеја 3, 51, 79 став 2 и 122 став 1 од Уставот на Република Македонија и предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 20 став 1 точка 5 и на член 25 став 2 точка 2 од Законот за одбрана.

При одлучувањето за основаноста на оваа иницијатива подносителот, исто така, предлага да се има во вид образложението на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.135/2001 и У.бр.155/2001 од 18 септември 2002 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/2002) со која е укинат членот 28 став 2 од Законот за одбрана.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 20 од Законот, во остварувањето на одбраната на Републиката, Министерството за одбрана: 1) подготвува стратегија за одбрана на Републиката; 2) врши процена на можните воени и други опасности со кои се загрозува суверенитетот, самостојноста и територијалниот интегритет на Републиката и загрозеноста на територијата од природни непогоди и други несреќи; 3) го организира и подготвува системот на одбраната и предлага мерки за негов развој и усовршување; 4) подготвува план за одбрана на Републиката; 5) го организира пренесувањето на наредбата за спроведување на мерките на приправност и го следи нивното спроведување (оспорена одредба); 6) го организира и спроведува планирањето на одбраната; 7) ги планира потребите на одбраната и изработува финансиски планови и програми за потребите на одбраната; 8) ги распоредува финансиските средства за одбраната во согласност со Буџетот на Републиката и др.

Според членот 25 став 1 од Законот, оперативните и стручните работи за организирање, подготвување и командување со Армијата ги врши Генералштабот на Армијата, како највисоко стручно тело во состав на Министерството за одбрана за прашањата кои се однесуваат на Армијата.

Според ставот 2 на членот 25 од Законот, во извршување на работите од став 1 на овој член, Генералштабот на Армијата му предлага на Министерството за одбрана: 1) организација и формација на Армијата; 2) план за употреба на Армијата (оспорена одредба); 3) мерки за зголемување на борбената готовност на Армијата; 4) годишен финансиски план за потребите на Армијата и др.

4. Според членот 79 став 2 од Уставот, претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, а според ставот 3 на овој член претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Во членот 122 став 1 од Уставот е утврдено дека вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката, а во ставот 2 на истиот член од Уставот е утврдено дека одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Врз основа на наведените уставни одредби, одбраната како систем на одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката е уредена со Законот за одбрана. Според член 1 став 2 од Законот одбраната на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како Армија на Република Македонија.

Од аспект на причините поради кои се оспоруваат означените законски одредби од посебно значење е членот 28 од Законот во кој што не само што се потврдува уставната улога на претседателот на Републиката како врховен командант на вооружените сили на Македонија, туку во овој член се утврдени и начинот и принципите на кои се заснова командувањето во Армијата.

Освен командувањето со Армијата, во остварувањето на одбраната претседателот на Републиката според Законот за одбрана има и други надлежности. Така, тој согласно член 18 од Законот донесува стратегија за одбрана на Републиката, донесува план за одбрана на Републиката, ги пропишува мерките на приправност и наредува нивно спроведување, пропишува организација и формација на Армијата, донесува документи за употреба на Армијата и наредува нејзина употреба и др.

Имајќи предвид дека согласно Законот за одбрана мерките на приправност ги пропишува и нивното спроведување го наредува претседателот на Републиката, за Судот не е спорно дека овластувањето на Министерството за одбрана да го организира пренесувањето на наредбата за спроведување на мерките на приправност и да го следи нивното извршување утврдено во оспорената одредба на членот 20 став 1 точка 5 од Законот е чисто од организационо-техничка природа, пред се поради тоа што пренесувањето на наредбата до сите субјекти на одбраната, меѓу кои и до Генералштабот на Армијата на Република Македонија, се врши преку комуникациско-информацискиот систем на Министерството за одбрана и е во функција на реализација на наредбата на претседателот на Републиката за спроведување на мерките на приправност. Со оглед на ваквиот карактер на овластувањето на Министерството за одбрана утврдено во оваа оспорена законска одредба Судот смета дека со неа не се нарушува системот на командување со Армијата на Република Македонија утврден во Законот за одбрана, ниту се врши повреда, односно ограничување на уставно утврденото право и позиција на претседателот на Републиката како врховен командант на вооружените сили на Република Македонија.

Оваа констатација се однесува и за одредбата на оспорениот член 25 став 1 точка 2 од Законот, според која Генералштабот на Армијата на Република Македонија му предлага на Министерството за одбрана план за употреба на Армијата. Имено, според Судот и со оваа одредба не се нарушува системот на командувањето со Армијата на Република Македонија утврден во Законот, односно и во овој случај не станува збор за мешање на Министерството за одбрана во функциите, односно ингеренциите на претседателот на Републиката, како врховен командант на вооружените сили на Република Македонија. Ова од причини што предлагањето на планот за употреба на Армијата претставува само оперативно стручна работа во смисла на членот 25 став 1 од Законот, според кој оперативните и стручните работи за организирање, подготвување и командување со Армијата ги врши Генералштабот на Армијата, како највисоко стручно тело во составот на Министерството за одбрана за прашањата кои се однесуваат на Армијата.

Со оглед на вака утврдениот статус и организациона поставеност на Генералштабот на Армијата, а што не се оспорува со иницијативата, логично и оправдано е што Генералштабот планот за употреба на Армијата го предлага на Министерството за одбрана, а не на претседателот на Републиката, како што смета подносителот на иницијативата.

Меѓутоа, од аспект на командувањето со Армијата, чиј врховен командат е претседателот на Републиката, според мислењето на Судот, не е суштествно што планот за употреба на Армијата Генералштабот на Армијата му го предлага на Министерството за одбрана, туку што овој план, односно документите за употреба на Армијата и наредбите за нејзината употреба согласно членот 18 став 1 точката 5 од Законот ги донесува претседателот на Републиката, на кој начин тој непосредно, а не преку Министерството за одбрана, ја остварува и командната функција со Армијата на Република Македонија утврдена во членот 79 став 2 од Уставот.

Во однос на наводите во иницијативата со кои се предлага Судот при одлучувањето по оваа иницијатива да го има предвид образложението на неговата Одлука У.бр.135/2001 и У.бр.155/2001 од 18 септември 2002 година, објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.78/2002, а со која е укинат членот 28 став 2 од Законот за одбрана, Судот смета дека решенијата на сега оспорените законски одредби се суштински различни од решението што беше утврдено во членот 28 став 2 од Законот, поради што означената одлука на Судот е ирелевантна за одлучувањето по овој предмет.

Поради тоа што со оспорените законски одредби не се повредува членот 79 став 2 од Уставот, а поврзано со него ниту членовите 8 став 1 алинеја 3, 51 и 122 став 1 од Уставот во однос на кои, исто така, се оспорува уставноста на овие законски одредби, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со овие членови од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.172/2004
2 февруари 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply