Решение У.бр.157/2004

У.бр.157/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 26 јануари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на

а) уставноста на член 31 став 5 од Законот за социјална заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/1997, 16/2002 и 17/2003) ии

б) уставноста и законитоста на:

Правилникот за начинот на остварување, критериумите за утврдување на висината и висината на износот на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице донесен од министерот за труд и социјална политика на 5 мај 2003 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/2003).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 31 став 5 од Законот означен во точката 1-а од ова решение и уставноста и законитоста на правилникот означен во точката 1-б од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената законска одредба не е во согласност со членовите 1 став 1, 8 став 1 алинеја 3, 4 и 8, 35, 51, 68 став 1 алинеја 2, 91 алинеја 1 и 5 и 96 од Уставот, затоа што министерот не можел со закон да биде овластен со свој акт да го определи начинот на остварување критериуми за утврдување на висината и висината на износот на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице.

Оваа материја единствено може да биде уредена со закон или уредба на Владата, а никако со акт на министерот.

Од друга страна, пак, министерот за труд и социјална заштита не може со еден ист закон да биде овластен да донесува подзаконски акт и истовремено да биде овластен да решава по жалба против решенијата на Центарот за социјална заштита.

Оспорениот правилник не бил во согласност и со членовите 1 и 31 од Законот за социјална заштита затоа што со него се пропишува надлежност на матичниот лекар и на Комисијата за пензиско и инвалидско осигурување што е предмет на уредување со закон и нема основа таа материја да се уредува со правилник.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 31 став 5 од Законот било предвидено дека начинот на остварување на правото на паричен надоместок за помош и негоа од друго лице, критериумите за утврдување на висината и висината на износот на ова право со акт ќе ги определи министерот за труд и социјална политика.

Исто така, Судот утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2004) оспорениот член 31 став 5 е изменет и дополнет односно е изменета неговата содржина со член 31 став 6.

4. Во натамошната постапка Судот утврди дека врз основа на член 31 став 6 од Законот министерот за труд и социјална политика донел Правилник за содржината на образецот за издавање наод, оценка и мислење за утврдување на потребата за помош и нега од друго лице, потребната документација, начинот на остварување на критериумите за утврдување на висината и висината на износот на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице (“Службен весник на Република Македонија” бр.88/2004) со кој престанал да важи оспорениот правилник.

5. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај оспорениот член од Законот и оспорениот правилник престанале да важат, Судот утврди дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата и одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.157/2004
26 јануари 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply