Решение У.бр.78/2003

У.бр.78/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за поширокото централно градско подрачје Охрид со измени и дополнувања во МЗ 10 Центар – дел, МЗ 11 Стар Град дел, МЗ 6 Кошишта и крајбрежниот појас од мостот Студенчишта до Канео, бр.08-579 од 13 април 1995 година, (“Службен гласник на Општина Охрид” бр.1/1995) донесена од Собранието на Општина Охрид.

2. Миле и Наум Христоски, двајцата од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата во постапката за донесување на Детален урбанистички план за поширокото централно градско подрачје Охрид со измени и дополнувања во МЗ 10 Центар – дел, МЗ 11 Стар Град – дел, МЗ 6 Кошишта и крајбрежниот појас од мостот Студенчишта до Канео, не биле доследно испочитувани одредбите од член 31, 32, 33 и 35 од Законот за системот на просторното и урбанистичко планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/1995, 18/1989, 38/1990 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/1993). Имено, подносителите во ииницијативата наведуваат дека по завршувањето на јавниот увид и јавната расправа по нацртот на урбанистичкото решение за деталниот урбанистички план на оспорената одлука, била извршена измена на нацртот на КП.бр.16333/2 КО Охрид на начин што на нацрт на планот кој што бил ставен на јавен увид и на јавна расправа пред граѓаните и другите заинтересирани субјекти, КП.бр.16333/2 КО Охрид претставувала дел од пат, а во предлог на планот што бил доставен на усвојување на седница на Собранието на општината Охрид за КП.бр.16333/2 била предвидена можност – локација за градба на градежен објект. По вака несоодветниот предлог на план Собранието на општината Охрид ја донело сега оспорената одлука за усвојување на Деталниот урбанистички план за поширокото централно градско подрачје Охрид со измени и дополнувања во МЗ 10 Центар – дел, МЗ 11 Стар Град дел, МЗ 6 Кошишта и крајбрежниот појас од мостот Студенчишта до Канео. Со ваквата одлука сега за КП.бр.16333/2 КО Охрид постоело урбанистичко решение кое не постоело и не било предвидено со нацрт на планот кој како таков бил ставен на јавен увид и јавна расправа.

Исто така, во иницијативата се наведува дека за објектот на Кп.бр.16333/2 КО Охрид било поднесено барање за издавање услови за градба, односно одобрение за градба, и со тој објект кој “наводно” требал да се гради ќе се попречел влезот на објектот на подносителите на иницијативата, како и дека ќе се нарушело архитектонското решение на нивната куќа.

Од причина што вака донесената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членовите 31, 32, 33 и 35 од Законот за системот на просторното и урбанистичко планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/1985, 18/1989, 38/1990 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/1993) подносителите предлагаат да Судот поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека Собранието на општина Охрид донесе Одлука за усвојување на Деталниот урбанистички план за поширокото централно и градско подрачје Охрид со измени и дополнувања во МЗ 10 Центар – дел, МЗ 11 Стар Град – дел, МЗ 6 Кошишта и крајбрежниот појас од мостот Студенчишта до Канео бр.08-579 од 13 април 1995 година објавена во “Службен гласник на Општината Охрид” бр.1/1995.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со иницијативата подносителите ја оспоруваат Одлуката на Собранието на општина Охрид бр.08-579 од 13 април 1995 година, за усвојување на Деталниот урбанистички план за поширокото централно градско подрачје Охрид со измени и дополнувања во МЗ 10 Центар – дел, МЗ 11 Стар Град дел, МЗ 6 Кошишта и крајбрежниот појас од мостот Студенчишта до Канео, поради тоа што постапката на донесување на оспорената одлука била водена спротивно на одредбите од Законот за системот на просторното и урбанистичко планирање, поточно дека била извршена измена на нацртот на планот за КП.бр.16333/2 која преставува пат, а во предлогот на планот врз основа на кој била донесена сега оспорената одлука истата преставувала локација за градба на градежен објект, а кое нешто не произлегувало од забелешките дадени на јавната расправа.

Уставниот суд во фаза на претходна постапка изврши увид во предметот на Уставниот суд У.бр.256/1995, во кој биле содржани актите кои претходеле на постапката на донесување на оспорената одлука и врз основа на истите всушност Уставниот суд ја оценувал законитоста на постапката за донесување на сега оспорената одлука, па наоѓајќи дека во конкретниов случај не може да се постави прашањето за несогласност на Одлуката со Законот, со решение У.бр.256/1995 од 17 јануари 1996 година Уставниот суд не повел постапка за нејзина оценка со Законот. Притоа, причините поради кои Судот не повел постапка за оценување на законитоста на оспорената Одлука, меѓу другото биле: “Од цитираната одредба на член 33 од Законот за системот на просторното и урбанистичко планирање, произлегува дека забелешките по предлог планот што ќе бидат дадени од граѓаните на јавната расправа не мора да бидат прифатени, но образложението за нивното неприфаќање е задолжително, односно составен дел на постапката за донесување на урбанистичкиот план.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај, надлежниот орган дал образложение за неприфатените забелешки по предлог-планот (бр.08-351 од 13.04.1994 година), Судот оцени дека не може да се постави прашањето за законитоста на оспорената одлука од овој аспект.

Во конкретниов случај, Судот утврди дека графичкиот приказ е согласен со текстуалниот дел на Планот, поради што не може да се поставува прашањето за согласноста на оспорената одлука за усвојување на деталниот урбанистички план со Законот за системот на просторното и урбанистичко планирање”.

Оттука, несомнено произлегува дека Судот во оваа постапка во целост ја оценувал законитоста на постапката на донесување на сега оспорената одлука, кое нешто е во надлежност на Уставниот суд.

Судот, исто така, со решение У.бр.75/1996 од 8 мај 1996 годин, а согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, ја отфрлил иницијативата за преиспитување на решението У.бр.256/1995 од 17 јануари 1996 година, наоѓајќи дека во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување.

Оттука, Судот оцени дека бидејќи оспорената одлука, веќе била предмет на оцена пред Уставниот суд, а не постојат основи за поинакво одлучување, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативата треба да се отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.78/2003
29 декември 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply