124/2004-0-0

124/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 27 октомври 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 614 став 2 од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/2004).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за ослободување од плаќање на надоместоци по тарифни ставки 1 и 2 од Тарифата за надоместоци за вршење на услуги бр.23-1460/1 донесена од Владата на Република Македонија на 4 мај 2004 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/2004).

3. ПП “Ротекс” од Битола и Пеце Ристевски од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со Одлуката за ослободување од плаќање на надоместоци по тарифни ставки 1 и 2 од Тарифата за надоместоци за вршење услуги се дерогира државна институција наведена во член 614 став 2 од Законот за трговските друштва, односно се врши измена на законски член што е во надлежност на Собранието на Република Македонија.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека во членот 2 од Одлуката е предвиден рок од 60 дена во кој субјектите треба да мигрираат кај некој од носителите на платниот промет, но не е уредено што се случува по истекот на рокот од 60 дена. Оттаму, подносителот на иницијативата се прашува дали тоа значи дека ќе бидат казнети субјектите или ќе бидат поништени?

Во однос на член 614 став 2 од Законот за трговските друштва подносителот на иницијативата смета дека со него директно се повредува член 30 и член 55 од Уставот, дека определениот рок од 6 месеци во кој правните субјекти треба да ја деблокираат сметката е несоодветен и дека треба да биде пофлексибилен односно да трае се до завршување на судските постапки кои дирекно влијаат на состојбата на жиро сметката на субјектот.

Оттука, според наводите од иницијативата, со Одлуката и со оспорениот член 614 став 3 од наведениот закон се повредува правото на судска заштита и се ограничува правото на пристап до Судот.

4. Судот на седницата утврди дека во Глава ЏИ од Законот за трговските друштва во Преодните и завршни одредби, односно во поднасловот “Усогласување со одредбите на овој закон на запишани правни лица во трговскиот и во судскиот регистар” е предвидена обврска за усогласување на правните лица со наведениот закон.

Имено, во член 614 став 1 од Законот е предвидено дека правните лица запишани во судскиот регистар, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон не се усогласени со одредбите од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/1996, 7/1997, 21/1998, 37/1998, 63/1998, 38/1999, 81/1999, 37/2000, 31/2001, 50/2001, 6/2002, 61/2002, 4/2003 и 51/2003) се бришат од судскиот регистар на начин и според условите определени во овој член ако во рок од шест месеци од денот на примената на овој закон не се усогласени со овој закон. Бришењето на овие правни лица го спроведува судот по службена должност.

Во оспорениот став 2 на овој член е предвидено дека трговските друштва и трговците – поединци, чиишто сметки се блокирани и пренесени во соодветната институција за блокирани сметки се бришат од трговскиот регистар на начин и услови определни во овој член ако во рок од шест месеци од денот на примената на овој закон не ја деблокираат блокираната сметка.

Во став 3 на овој член е предвидено ако во роковите од ставовите 1 и 2 на овој член не биде пријавено побарување од доверител, судот по службена должност ги брише правните лица од став 1 на овој член и трговските друштва и трговците поединци од став 2 на овој член од судскиот, односно трговскиот регистар.

Во став 4 на овој член, пак, е предвидено дека ако во рокот од ставовите 1 и 2 на овој член биде пријавено побарување од доверител, судот по службена должност започнува постапка за ликвидација во согласност со овој закон, односно постапка за стечај во согласност со Законот за стечај. Трошоците за спроведување на ликвидација или стечај паѓаат на товар на правното лице, на трговецот – поединец, односно на трговското друштво. Ако од нивниот имот не може да се обезбедат потребните средства за надомест на трошоците, разликата на средствата за покривање на трошоците лично, неограничено и солидарно, со сиот свој имот ја надоместува управителот, односно членовите на органот на управување.

Од содржината на член 614 од Законот произлегува дека законодавецот утврдил обврска за правните субјекти запишани во судскиот регистар, а кои не биле усогласени со тогаш важечкиот Закон за трговските друштва своето работење да го усогласат во рок од шест месеци по влегување во сила на постојниот закон.

Доколку овие правни лица кои не биле усогласени со Законот за трговските друштва од 1996 година и сите негови измени и понатаму во рок од 6 месеци не се усогласени со сега важечкиот Закон за трговски друштва ќе бидат бришани од судскиот регистар по службена должност. До бришење од судскиот регистар доаѓа и во случаите кога трговското друштво и трговец-поединец чии сметки се блокирани и пренесени во соодветна институција за работа со блокирани сметки ако во рок од 6 месеци од денот на влегувањето во сила на Законот не ја деблокираат сметката.

Притоа до бришење од судскиот регистар и во едниот и во другиот случај доаѓа доколку не биде пријавено побарување од доверител. Ако биде пријавено побарување од доверител, судот по службена должност започнува постапка за ликвидација согласно со Законот за трговски друштва или постапка за стечај согласно Законот за стечај.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 7 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 55 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Имајќи ги во вид наведените уставни одредби како и анализата на член 614 од Законот за трговските друштва, произлегува дека законодавецот во насока на почитување на начелото на еднаква правна положба на субјектите на пазарот утврдил обврска за субјектите во определен временски период да го усогласат своето работење, односно да ги испочитуваат сите услови кои се потребни за настапување на еден правен субјект на пазарот.

Имено, Судот смета дека законодавецот на правните лица и трговските друштва и трговецот – поединец им оставил доволно време да го прилагодат своето работење согласно пропишаните норми.

Оттука интенцијата на законодавецот според мислењето на Судот не е во насока на ограничување на правото на сопственост кое служи за доброто на поединецот и на заедницата, туку е во насока на пазарот да егзистираат правни субјекти кои се легално регистрирани и кои рентабилно работат.

Со вака поставениот концепт законодавецот не сака на пазарот во недогледно време да егзистираат правни субјекти кои во подолг временски период не ги испочитувале законските норми или, пак, работат нерентабилно, односно нивните сметки подолг временски период се блокирани.

Оттука, според мислењето на Судот, законската одредба според која трговските друштва и трговци – поединци чии сметки биле блокирани и пренесени во соодветна институција за блокирани сметки (31 декември 2001 – 31 декември 2003) се бришат од трговскиот регистар ако во рок од 6 месеци по влегување во сила на законот не ја деблокираат сметката, не значи ограничување на правото на сопственост и повреда на принципот на слобода на пазарот и претприемништвото, поради што не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

6. Судот, исто така, утврди дека врз основа на член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија на 4 мај 2004 година, Владата донела Одлука за ослободување од плаќање на надоместоци по тарифните ставки 1 и 2 од Тарифата за надоместоци за вршење на услугите.

Според член 1 од наведената одлука “се ослободуваат од плаќање надоместоци по тарифните ставки 1 и 2 од Тарифата за надоместоци за вршење на услуги на Агенцијата за работа со блокирани сметки, правните лица чии немигрирани сметки се водеа во Агенцијата од 31 декември 2001 до 31 декември 2003 година”.

Правните лица ослободени од плаќање надоместоци на тарифните ставки 1 и 2, се должни во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на оваа одлука, до пристапат кон мигрирање на сметките кај носителите на платниот промет.

Во член 3 од Одлуката е предвидено дека се задолжува Управата за јавни приходи да ја спроведе оваа одлука.

Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

7. Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ја предвид содржината на оспорената одлука Судот утврди дека таа имала времен карактер и по протек на 60 дена од денот на нејзиното влегување во сила (11 мај 2004 – 11 јули 2004) таа престанала да важи, поради што согласно Деловникот на Уставниот суд нема процесни претпоставки за нејзина уставносудска оцена.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.124/2004
27 октомври 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply