139/2004-0-0

139/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 15, 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 27 октомври 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката бр.07-72/6 за донесување на Детален урбанистички план за дел од Месната заедница “Благој Стефковски-Гојчо” урбан блок 47 Куманово, донесена од Советот на општина Куманово на 30 јануари 2004 година.

2. Благоја Ѓорѓиевски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека при изготвувањето на оспорениот акт не биле земени предвид точните состојби на лице место поради што била предвидена надградба на објекти која практично била неизводлива. Во иницијативата се наведува дека кога оспорениот план бил јавно објавен подносителот на иницијативата не бил известен, а поради болест и старост не можел да направи увид во планот и да поднесе приговор.

Во дополнувањето на иницијативата, подносителот повторно укажува дека планерот не ја согледал фактичката состојба на теренот поради што со надградбата на неговиот непосреден сосед му биле нарушени нормалните услови за живеење (попречена светлина и проветрување) што не било во согласност со уставната гаранција секој граѓанин да има минимум услови за хумано живеење.

3. Судот на седницата утврди дека според документацијата доставена од главниот архитект на град Куманово со писмо бр.21-1846/1 од 6 октомври 2004 година, очигледно е дека по Нацртот на оспорениот акт била организирана јавна анкета за која граѓаните и правните лица биле известени и дека истите во законски предвидениот рок од 10 дена доставиле свои приговори.

Поради тоа според Судот е ирелевантен фактот што го наведува подносителот на иницијативата дека тој не бил информиран и дека поради старост и болест не можел да учествува во јавната анкета со свој приговор.

4. Согласно член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис и друг општ акт содржи: означување на законот, прописот или општиот акт односно одделни негови одредби што се оспоруваат, причините за нивното оспорување, одредбите од Уставот односно законот што се повредуваат со тој акт и името односно називот и седиштето на подносителот на иницијативата.

Од поднесената иницијатива како и од дополнувањето на истата очигледно е дека подносителот на иницијативата не наведува ниту една одредба од Законот за просторно и урбанистичко планирање која се однесува на постапката за донесување на деталните урбанистички планови. Напротив, подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот план бил јавно објавен но дека тој не бил информиран за тоа и дека поради старост и болест не можел да направи увид во планот и да поднесе приговор. Втората причина за оспорување на актот е што не биле земени предвид точните состојби на објектите на теренот.

Подносителот на иницијативата иако на тоа му беше укажано, не ги отстрани недостатоците во иницијативата, поради што Судот истата ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.139/2004
27 октомври 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply