147/2004-0-0

147/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 октомври 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за обезбедување на сред-ства за давање помош на општи-ните за отстранување на последи-ците од поплавите настанати во месец јуни 2004 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2004).

2. Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Ре-публика Македонија се наведува дека со оспорениот закон се повредувало правото на сопственост, кое е загарантирано со член 30 став 1 од Уставот на Република Македо-нија, како едно од основните економски, социјални и културни права на граѓаните на Република Македонија и со кој се забранувало одзе-мањето или ограничувањето на сопственоста и правата кои произле-гуваат од неа. Дури и во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантирало праведен надомест. Исто така, правото на сопственост било подиг-нато на едно високо ниво во Уставот на Република Македонија во кој согласно член 8 од Уставот, заштитата на сопственоста била опреде-лена како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Повредата на Европската Конвенција за човековите права се состоела во тоа што со овој закон се прекршувал член 1 од Првиот Протокол кон Конвенцијата за човековите права, во кој е утврдена заштитата на сопственоста и гаранцијата дека никој нема да биде лишен од својата сопственост.

Во иницијативата на Стамен Филипов се наведува дека со оспорениот закон се повредувало гарантираното право на сопстве-ност на граѓаните – вработените и корисниците на пензиско и инвалид-ско осигурување, бидејќи им се одземал дел од нивната гарантирана заработувачка, односно пензија (член 32 став 3 и член 34 од Уставот). Тоа одземање никако не можело да се вброи во даночни давачки (член 33 од Уставот). Според подносителот на иницијативата овој закон бил неодржлив и од аспект што за оваа материја веќе постои Закон за формирање на средства на солидарноста на Социјалистичка Република Македонија за отстранување на последиците од елемен-тарни непогоди и за воведување “Недела на солидарноста”, така да, во случајот, се применувале двата закони и на граѓаните им се одземало од нивните примања по две основи. Поради тоа, со оспорениот Закон се повредувале членовите 8 став 1 алинеите 1, 3 и 6, 9, 32 став 3, 33, 34, 51 и 54 став 1 од Уставот како и членот 1 од Првиот протокол кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи од 20 март 1952 година.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 1 од оспорениот закон, со овој закон се обезбедуваат средства за давање помош на општините за отстранување на последиците од поплави и буици настанти во месец јуни 2004 година.

Според членот 2 од овој закон средствата од членот 1 на овој закон се обезбедуваат со издвојување од: средствата наменети за плати на вработените во трговските друштва, јавните претпријатија и други правни лица и кај физичките лица кои вршат дејност, како и од средствата наменети за плати на вработените кај корисниците и единките корисници на сред-ства од Буџетот на Република Македонија, единиците на локалната самоуправа и градот Скопје и фондовите основани со закон, во висина на еднодневна нето заработувачка по вработен, исплатена од денот на влегувањето во сила на овој закон, до крајот на месец јули 2004 година; средствата остварени од вршителите на стопанска дејност (производна, услужна, трговска, угостителска, превозничка и друга слична дејност), давателите на професионални и други интелек-туални услуги, во износ добиен како количник меѓу годишниот нето приход утврден со решение на Управата за јавни приходи за 2003 година и бројот 252; вршителите на земјоделска дејност во износ добиен како количник меѓу годишната основа на која им се пресметува придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за 2004 година и бројот 365 и средствата наменети за пензии на корисниците на пензи-ско и инвалидско осигурување во висина од еднодневен износ на пензиите исплатени за месец јуни 2004 година.

Обврска за уплата на средствата од ставот 1 алинеи 1 и 4 на овој член имаат исплатувачите при исплата на платите и пензиите.

Доколку исплатувачите од ставот 1 алинеи 1 и 4 на овој член, кои во определениот период утврден во ставот 1 од овој член не извршат исплата на плати, односно пензии, утврдената обврска од овој закон ќе ја извршат при првата наредна исплата на плати, односно пензии.

Пресметувањето на износот од ставот 1 алинеја 2 на овој член го врши со решение Управата за јавни приходи.

Пресметувањето на износот од ставот 1 алинеи 3 и 4 на овој член го врши со решение Фондот за пензиско и инвалидско осигу-рување на Република Македонија.

Обврзниците од ставот 1 алинеи 2 и 3 на овој член утвр-дениот износ се должни да го уплатат во рок од 30 дена по добива-њето на решението за задолжување од страна на Управата за јавни приходи, односно на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија.

Согласно член 3 од овој закон средствата од членот 2 на овој закон се уплатуваат на трезорска сметка 100000000063095, потсметка 650010001978976 – Средства на солидарноста на Републиката за отстранување на последиците од елементарни непогоди, приходно конто 725916 – Други средства за солидарност, Програма 00.

Членот 4 од овој закон уредува дека средствата од членот 2 на овој закон се пренесуваат на општините што претрпеле штети од поплави и буици согласно со Одлуката за донесување на Единствената методологија за процена на штети од елементарни и други непогоди (“Службен весник на Република Македонија” бр.75/2001).

Според членот 5 од овој закон контрола над издвојувањето и уплатувањето на средст-вата од членот 2 на овој закон врши Министерството за финансии – Управа за јавни приходи. Владата на Република Македонија во рок од шест месеци од влегувањето во сила на овој закон ќе подготви извештај за обезбе-дувањето и распределбата на средствата за давање помош на општи-ните за отстранување на последиците од поплави и буици настанати во месец јуни 2004 година и ќе го достави до Собранието на Република Македонија.

Членот 6 од овој закон уредува дека овој закон влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Подигнувајќи ги хуманизмот, социјалната правда и соли-дар-носта на ниво на основни принципи, Уставот има цел да афир-мира се што е човечко во позитивна смисла. Имено, без социјална правда и без солидарност не може да се замисли ниту една совре-мена држава бидејќи остварувањето на прокламираните слободи и права на човекот и граѓанинот најдобро може да се врши со почитување на принципите на социјална правда и солидарност.

Според член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Гарантирајќи го правото на сопственост, Уставот ја утврдува сопственоста како категорија која создава не само права туку и обврски што значи дека е од интерес за граѓаните но истовремено е и општ интерес, така што сопстве-но-ста треба да служи за доброто на поединецот но истовремено и на заедницата.

Оваа заемност, според мислењето на Судот произлегува од неспорениот факт дека поединецот е дел од заедницата и затоа својот интерес мора да го усогласува со интересот на заедницата. Притоа правото на сопственост и правото на државата да зафаќа во сопственоста меѓусебно не се исклучуваат. Имено, принципот на заемност на правата и обврските, значи дека користењето и остварувањето на определени права е условено со исполнување на утврдени обврски. Тие можат да се однесуваат и на исполнувањето на обврски кон заедницата кои се главно од материјален и финансиски карактер преку определени давачки во вид на даноци, но и други зафаќања утврдени со закон.

Членот 33 од Уставот ја утврдува должноста на секого да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Оваа уставна должност има цел секој да придонесува во создавањето средства на државата за да може таа непречено да ги врши своите функции од општ интерес.

Поради тоа, оспорениот закон разгледуван во корелација со членот 33 од Уставот, претставува начин на собирање на средства по принципот на солидарност, а за потребите на државата за покривање на јавните расходи.

Тргнувајќи од уставниот принцип за хуманизам, социјална правда и солидарност, уставната определба дека сопственоста служи за доброто на поединецот, но, и на заед-ницата, како и должноста на секого да учествува во намирувањето на јавните расходи на државата, оспорениот закон е донесен со цел да се над-минат состојбите настанати по силното невреме во јуни 2004 година. Притоа покрај средствата обезбедени од Буџетот на Република Македонија кои се во рамките на финансиските можности на држа-вата и кои според проценките на штетите се очекува да бидат недо-волни, со оспорениот закон се обезбедуваат дополнителни сред-ства од сите граѓани кои остваруваат приходи.

Врз основа на изнесеното, според Судот, со закон може да се утврди обврска за граѓаните за обезбедување на средства во согласност со принципот на солидарност и дека таквата обврска има карактер на јавна давачка утврдена со закон како што е тоа направено во конкретниот случај со оспорениот закон, поради што Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспоре-ниот закон со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.147/2004
20 октомври 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply