149/2004-0-0

149/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 октомври 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на член 4 од Правилникот за начинот и постапката за вршење на набавки од мала вредност, донесен од Советот на Јавната научна установа Институт за сточарство на 30 јули 2004 година.

2. Симо Георгиев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на член 4 од правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член од правилникот не бил во согласност со член 20 алинеја 1 и 4 од Законот за јавни набавки, затоа што наместо именката “комисијата” како што е наведено во законот во оспорениот член стои именката “служба”.

Според подносителот на иницијативата, дејностите што по својата суштина ги одредуваат именките “комисијата” и “службата” се сосема различни. Комисијата е тело составено од вработени во јавното претпријатие чии работни места во институцијата немаат никаква врска со материјалното и финансиското работење каде се вршат финансиските трансакции меѓу фактурирањето на нарачките со мала вредност. Меѓутоа, служба како облик на внатрешна организација фигурира во Статутот на Институтот.

Службата подразбира ангажирање на лица на кои учеството во активностите при одлучувањето за набавките им е поврзано со работни обврски дефинирани со Правилникот за систематизација на работните задачи.

Од наведеното, според подносителот на иницијативата произлегува сомнение дека сето тоа е сторено со предумисла институционализирано да се покрие кршење на Законот за јавни набавки, односно да се заобиколат и избегнат пречките за малверзации.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник е донесен врз основа на член 72 став 3 од Законот за јавни набавки и со него се уредува начинот и постапката на вршење на набавки на одделен вид или група на стоки и услуги и работи во висина од 3000 евра во денарска противвредност и тоа еднаш во текот на календарската година.

Во членот 2 од правилникот е утврдено дека набавките од мала вредност се однесуваат на набавка на одделни групи на производи (набавка на опрема, набавка на хемикалии, гуми и резервни делови, канцелариски материјали и средства за хигиена, научна литература, списанија, копирање и печатење, сервисирање на леки коли, сервисирање на опрема, одржување на градежни објекти, договорни услуги и репрезентација).

За набавка од мала вредност Институтот спроведува постапка само доколку претходно има планирано и обезбедено средства од буџетот, финансиски план или со инвестициона програма.

Во оспорениот член 4 е предвидено дека целокупната постапка за реализирање на набавки од мала вредност ја спроведува Служба за набавки од мала вредност што ја формира директорот на Институтот.

Во натамошните одредби од Правилникот (членовите 5 – 15) е предвидено како и кој ја утврдува потребата од набавки, водењето на регистар за набавки од мала вредност; начинот на упатување на покана за доставување на понудите; рокот за доставување на понудите; изборот на најповолната понуда; правото на понудувачот да достави приговор за извршениот избор како и рокот во кој од денот на конечноста на одлуката за избор на најповолна понуда се склучува договор.

Во членот 16 од Правилникот е предвидено дека тој влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето на огласна табла на Институтот.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд покрај другото, е надлежен да одлучува и за согласноста на прописите со Уставот и законите.

Според член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека во случајот оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба и не е подобен за уставносудска оценка.

Имено, согласно член 72 од Законот за јавни набавки (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/2004) е предвидено дека:

(1) Набавка од мала вредност набавувачот во текот на годината може да спроведе за купување на стоки, услуги и работи од помал обем и вредност, во износ од 3000 евра во денарска противвредност, при што треба да обезбеди најмалку три понуди од кои ќе ја избере најповолната понуда.

(2) Набавката од ставот 1 на овој член набавувачот може да ја изврши само еднаш во текот на годината за одреден вид и група на стоки, услуги и работи.

(3) Набавувачот начините на набавката од ставот 1 на овој член го регулира со свој интерен акт.

(4) Со актот од ставот (3) на овој член набавувачот ќе го утврди организациониот облик или лицето кое ќе биде одговорно за собирање на понудите од кандидатите, начинот на собирање на понудите (по писмен пат, факс, електронска пошта и слично) начинот на извршување на договорот доколку е склучена и контрола на неговото извршување, особено во рамките на гарантираниот период.

5) За набавките од овој член набавувачот води евиденција.

5. Имајќи го предвид основот за донесување на наведениот правилник, неговата содржина и оспорениот член 4, Судот утврди дека тој не е пропис, туку интерен акт со кој во рамките на законот се овозможува спроведување на постапка за реализација на набавки на стоки и услуги од мала вредност, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.149 /2004
20 октомври 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply