107/2004-0-0

107/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 септември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 17 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003 и 50/2004).

2. Димитрија Атанасовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 17 став 1 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 9 и член 51 од Уставот затоа што граѓаните ги става во нееднаква положба по однос на полот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 17 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж) односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

4. Според член 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Во членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичко и верско уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална правичност.

Со член 42 став 1 од Уставот е утврдено дека Републиката посебно го заштитува мајчинството, а според ставот 3 од овој член на Уставот мајките имаат право на посебна заштита при работа.

Според член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 54 став 3 од Уставот ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално и социјално потекло, имот или општествена положба.

Според членот 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од наведените уставни одредби, јасно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Уставот, исто така, ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална правичност, како и посебната заштита на мајките. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата што се стекнуваат со социјалното осигурување, нивната висина, начин на стекнување и користење се резервирани за законодавната власт, која има широк простор во уредувањето на сите релевантни односи кои се од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.

Според тоа посебната општествена заштита на мајката и мајчинството, хуманата популациона политика од аспект на жената односно кон семејството и детето и посебните права и обврски што од тоа произлегуваат е израз на интересот и грижата на општествената заедница за жената со оглед на нејзините биопсихолошки својства.

Во таа смисла заштитата на жената и забраната на сите облици на дискриминација е посебен интерес и на меѓународните правни акти. Така, според член 25 од Универзалната декларација за правата на човекот, мајките и децата имаат право на посебна нега и заштита.

Според член 4 став 2 од Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација на жената (донесена од Генералното собрание на ООН во 1979 година, која е во сила од 3 септември 1981 година) усвојувањето на посебни мерки од страна на државите членки, вклучувајќи ги и мерките содржани во оваа конвенција, чија цел е заштита на мајчинството не се сметаат за дискриминаторски.

Според член 11 точка 1 алинеја Е од Конвенцијата, елиминирањето на дискриминацијата на жената, покрај другото, содржи и утврдување на право на здравствена заштита и заштита на работа, особено заштита во случај на заминување во пензија.

Имајќи го предвид наведеното, според мислењето на Судот утврдувањето на поповолни услови односно скратувањето на годините на старост на жената работник за остварување на право на старосна пензија е во функција на остварување на еднаквост со мажот, а не дека мажот се става во понеповолна положба односно дека тој е во дискриминирана положба во однос на жената.

Според тоа Судот смета дека со оспорената одредба според која осигуреникот жена стекнува право на старосна пензија порано од осигуреникот маж во суштина се прокламира принципот на афирмативна акција, односно принципот на позитивна дискриминација на жената поради што не може да се постави прашањето за нејзината согласност со наведените уставни одредби и меѓународни правни акти.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.107/2004
29 септември 2004 година
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply