Решение У.бр.200/2003

У.бр.200/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, како и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 22 септември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување Детален урбанистички план на град Гостивар – урбан блок детален лист бр. 68а (9) и 74 (13), бр.07-625/1, донесена од Советот на општина Гостивар на седницата одржана на 13 октомври 2003 година (“Службен гласник на општина Гостивар” бр.6/2003).

2. Барзул Џемаили, Фатмир Џемаили и Абдурахим Карпузи од Гостивар, застапувани од адвокатот Неџат М. Мемеди од Гостивар, а Абдурахим Карпузи застапуван и од адвокатот Љупчо Лазарески од Гостивар, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со оспорената одлука биле повредени одредбите на член 21-а став 1 и член 21-б став 1 и 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи по барање на нивните соседи, кое било усвоено со оваа одлука, пристапот на подносителите на иницијативата од нивните локации кон новоасфалтираната улица на исток бил нарушен, односно затворен. Поради наведените причини со иницијативата поконкретно се оспорува членот 3 став 1 точката 3 од Одлуката во делот на графичкиот прилог за деталниот сообраќаен план и параметрите за спроведување на планот. Подносителите на иницијативата предлагаат во овој дел Одлуката да се поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 1 од оспорената одлука, се донесува детален урбанистички план на град Гостивар – урбан блок детален лист 68а (9) и 74 (13) и дека деталниот урбанистички план ги почитува определбите на Основниот урбанистички план на град Гостивар.

Во членот 2 од Одлуката се утврдува површината и границите на просторот за кој се донесува овој детален урбанистички план.

Според членот 3 од Одлуката, деталниот урбанистички план содржи: документациона основа, планирана состојба и графички прилози, со тоа што во секој од овие делови подробно е утврдено што содржи. Според истиот член на Одлуката, освен текстуалниот дел на планот и графичките прилози, нејзин составен дел се и параметрите за спроведување на планот, извештајот од јавната анкета со осврт од стручната консултација и согласноста на Министерството за транспорт и врски.

Во членовите 4, 5 и 6 од Одлуката се уредени прашањата во врска со заверувањето на планот, како и органите кои ќе се грижат за обезбедување комплетна документација за остварување и за спроведување на планот.

На крајот, во членот 7 од Одлуката е утврдено дека таа влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на град Гостивар”.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето во неа.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и тоа дека подносителите на оваа иницијатива законитоста на оспорената одлука не ја оспоруваат поради повреда на постапката во која е донесена, туку затоа што при нејзиното донесување не биле почитувани одредбите на член 21-а став 1 и член 21-б од Законот за просторно и урбанистичко планирање (иако членот 21-б е избришан со изменувањата и дополнувањата на овој закон – “Службен весник на Република Македонија” бр.53/2001), Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува законитоста на оспорената одлука од аспект на примената на урбанистичките нормативи и стандарди за планирање на просторот утврдени во истоимениот правилник, а кои според член 21-а став 1 од Законот задолжително се применуваат при изработување на просторен и урбанистички план, ниту е надлежен да ја оценува согласноста на оспорената одлука со други подзаконски акти.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.200/2003
22 септември 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply