56/2003-0-0

56/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 септември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 од Законот за посебните права на припад-ниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002, 17/2003 и 30/2004).

2. Димитрија Атанасовски од Скопје и Игњат Панчевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на устав-носта на член 12 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата на Димитрија Атанасовски оспорената одредба не била во согласност со член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, затоа што при постоење на одредба (член 190 став 1) во Законот за облигациони односи, семејствата на загинатите и починатите припадници на безбеднос-ните сили се доведуваат во нееднаква положба со другите граѓани на Република Македонија. Кај овие семејства надоместокот е ограничен на одреден износ. Ако се има предвид важноста на задачите што ги извршуваат припадниците на безбедносните сили – одбрана на зем-јата, нивните семејства ако не се повластени, не треба да се доведу-ваат во понерамноправна положба со останатите граѓани.

Имено, на другите граѓани за претрпени душевни болки поради смрт на блиско лице, судот им досудувал справедлив надомест и не се ограничувал во висината на надоместокот. Инаку, така досудениот износ, барем според досегашната судска практика бил над износот предвиден во оспорениот член.

Според наводите во иницијативата на Игњат Панчевски се наведува дека оспорениот член 12 од Законот не бил во согласност со член 9 и член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, затоа што спротивно на Законот за облигациони односи во членот 12 од Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили е определен единствен паричен надомест за целото семејство на починатиот припадник без разлика на бројот на членовите на семеј-ството и големината на претрпената болка на секој член одделно.

Според него, неспорно е дека ниту еден член од семејст-вото на заги-натиот односно починатиот припадник на безбедносните сили не ја трпи болката со еднаков интензитет. Од друга страна, пак, неспорно е дека секој починат односно загинат припадник настрадал во различни околности кои, исто така, треба да претставуваат основ за утврдување на висината на надоместокот на носителот на правото на нематери-јалната штета. Со определувањето надоместок од 40 просечни плати остварен во Републиката како надомест на нематеријална штета поради претр-пени душевни болки, а како сатисфакција на сите члено-ви на семеј-ството на загинатите, односно починати припадници на безбедносните сили доаѓа до различно важење на законите спротив-ност на член 9 од Уставот на Република Македонија.

Со оглед на наведеното, поради енормно нискиот износ предвиден како парична сатисфакција за нематеријална штета (износ кој законодавецот предвидел да се подели на членовите на семејст-вата без разлика на нивната бројност и интензитет на болка поеди-нечно и нејзиното траење, како и околностите под кои настанал случајот), примената на оспорените одредби укажувала на нееднакво третирање на граѓаните пред Уставот и законите.

Оспорениот член 12 од Законот не бил во согласност со член 52 став 4 од Уставот, затоа што со овој закон во суштина се регулира надоместокот на штета која настанала пред неговото влегу-вање во сила, а кој бил понеповолен за граѓаните имајќи предвид дека еднок-ратниот паричен надомест во висина од 40 просечни плати се утврдува во месецот кога настанала смртта на припадникот на безбедносните сили.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека доколку судот определи справедлив надомест согласно Законот за облига-ционите односи за претрпена душевна болка утврдувајќи ги околносите под кои е предизвикана насилната смрт, интензитетот на болката и должината на траењето за една мајка, татко, брат, сестра, сопруга, деца, а имајќи ја предвид судската практика за смрт предизвикана од сообраќајна незгода, било неспорно дека примената на член 12 од Законот е понеповолна за семејството на загинатиот и починат при-падник на безбедносните сили.

Оттаму, според подносителот на иницијативата наместо да се обезбедуваат поголеми права на семејството на починатиот и загинат припадник на безбедносните сили, се предвидуваат помали права што упатувало на заклучок дека граѓаните не се еднакви пред законот и Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за посеб-ните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства се уредуваат посебните права на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства, како и условите и постапката за нивно остварување.

Со овој закон утврдено е кое лице се смета за припадник на безбедносните сили и со што се докажува статусот и времето поминато како припадник на безбедносните сили (член 2 и 3).

Во член 4 од овој закон е утврдено дека како членови на семејството на припадник на безбедносните сили се сметаат: брач-ниот другар, децата и родителите.

Понатаму, со Законот е утврдено кои права освен посеб-ните права утврдени со овој закон им припаѓаат на воените инвалиди и на нивните семејства по основ на друг закон (член 5).

Во член 7 од Глава ИИ на овој закон насловена како “Посеб-ни права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства” се утврдени следните посебни права на припад-ниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства

1. ослободување од учество со лични средства при користење на здравствени услуги,
2. вработување,
3. стан под закуп – станбено згрижување,
4. еднократен паричен надоместок,
5. права од областа на образованието и
6. семејна пензија.

Во наредните одредби од законот секое од наведените права е разработено во смисла на тоа кога и како се остварува.

Во оспорениот член 12 од Законот е уредено прашањето на еднократен паричен надоместок. Имено, според овој член семеј-ството на загинатиот или починатиот припадник на безбедносните сили има право на еднократен паричен надоместок за претрпени душевни болки поради смрт на блиско лице, во висина од 40 просечни плати остварени во Република Македонија во месецот кога настапила смртта на припадникот на безбедносните сили.

Барање за остварување на правото од став 1 на овој член се поднесува до Министерството за одбрана односно до Министер-ството за внатрешни работи.

Семејството на загинатиот или починат припадник на без-бедносните сили кое остварило право на еднократна парична помош во случај на смрт, односно загинување на граѓанин во извршу-вање на должности во одбраната согласно Законот за одбрана или еднократен надоместок во случај на смрт на вработен во Министер-ството за внатрешни работи согласно Законот за внатрешни работи има право само на разлика до висината на еднократниот паричен надоместок од став 1 на овој член.

Во Глава В во преодните и завршни одредби, односно во член 20 е предвидено дека постапките по барањето за остварување на правата утврдени со овој закон, поднесени до денот на влегување во сила на овој закон, ќе се довршат согласно одредбите на овој закон.

4. Според член 1 став 1 од Уставот на Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 8 од Уставот.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство освен по исклучок во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Репуб-лика Македонија е социјална држава во која хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се издигнати на ниво на темелни вредности на уставниот поредок, а на сите граѓани им се гарантира еднаквоста во слободите и правата пред Уставот и законите.

Како начин на остварување на наведените уставни начела со Законот за посебните права на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства Републиката им гарантира посебни социјални права. Меѓу другите социјални права во оспорениот член 12 од Законот е предвидено и правото на еднок-ратен паричен надоместок на семејството на загинат или починат припадник на безбедносните сили кое се остварува во посебна постапка пред надлежни државни органи.

Притоа законодавецот во овој закон не го ограничува правото со тужба во парнична постапка пред надлежен суд да се бара справедлив надоместок за претрпени душевни болки согласно Законот за облигационите односи.

Оттука, според мислењето на Судот, државата според своите материјални можности, а со цел да ја исполни својата социјал-на и хумана функција на одредена категорија на граѓани кои се нашле во одредена состојба определила едно посебно право без да задира во правото на оваа категорија граѓани во судска постапка да бара да се утврди спроведлив надоместок за претрпени душевни болки. Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека е право на државата со закон да утврди посебни права за припадниците на безбедносните сили и за членовите на нивните семејства кои права ги уживаат сите кои се наоѓаат во еднаква правна положба.

Во рамките на тие права, право е на државата да утврди еднократен паричен надоместок и да ја утврди неговата висина при што основен критериум за највисокиот лимит е просечната плата во Републиката во моментот на настапување на смртта на припадникот на безбедносните сили, поради што Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со начелото на еднаквост.

Ова дотолку повеќе што законодавецот во насока на максимално можно остварување на начелото на еднаквост и социјал-на праведност на семејството на загинат или починат припадник на безбедносните сили кое остварило право на еднократна парична помош согласно Законот за одбрана или Законот за внатрешни работи му овозможува остварување на право на разликата од висината што ја примил по основ на наведените закони до висината предви-дена со оспорениот член.

5. Во врска со наводите од иницијативата дека оспорениот член не бил во согласност со член 52 став 4 од Уставот, затоа што со овој закон во суштина се регулирал надоместок на штета која настанала пред неговото влегување во сила што било понеповолно за граѓаните Судот оцени дека се неосновани.

Имено, Судот смета дека донесувањето на Законот за посебните права се наложи од една претходна состојба во Република Македонија односно по престанокот на внатрешниот конфликт во кој загинаа односно починаа одреден број на припадници на безбеднос-ните сили. Како резултат на тоа, а тргнувајќи од овластувањата утврдени со Уставот законода-вецот утврдил посебни права за безбедносните сили и за членови на нивни семејства.

Според тоа сосема логично и разбирливо е новото закон-ско решение да се протега на сите субјекти и дејствија што настанале во определен временски период и што се нашле во иста правна ситуација.

Доколку наведениот закон би се однесувал само на субјек-ти и дејствија што настанале по неговото влегување во сила, а не и на сите други, според мислењето на Судот би се создал двоен режим во поглед на остварување на правата на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивни семејства. Имено, во таков случај одредена категорија лица би ги оствариле правата кои се предвидени со оспорениот закон, а друга категорија не би можела да ги оствари тие права и тоа за односи кои се завршени пред влегување во сила на Законот.

Според тоа, Судот смета дека со оспорениот закон се воспоставува објективна мера за тоа кои правила во постапката за остварување на предвидените права ќе се применуваат по денот на влегување во сила на законот што е поповолно за граѓаните поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со член 54 став 2 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.56/2003
У.бр.100/2003
15 септември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply