65/2004-0-0

У.бр.65/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 јуни 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста на член 209 став 2 во делот “Условите за стекнување на воздухопловно-техничко звање” од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002, 98/2002, 25/2003 и 71/2003) и

б) уставноста и законитоста на Правилникот за условите за стекнување на воздухпловно-техничко звање, вршењето на воздухопловно-техничката служба, облеката и опремата на воздухопловно-техничкиот персонал и обликот и содржината на воената дозвола за работа на воен воздухоплов (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/2004), во делот од насловот на Правилникот “условите за стекнување на воздухопловно-техничко звање”, член 1 во делот “условите за стекнување на воздухопловно-техничко звање”, Главата “2 УСЛОВИ ЗА СТЕКНУВАЊЕ НА ВОЗДУХОПЛОВНО-ТЕХНИЧКО ЗВАЊЕ”, точка “1. Услови за стекнување на воздухопловно-техничко звање”, членовите 2 до 8, точка “2. Стручно оспособување и усовршување за стекнување на одредено воздухопловно-техничко звање” и членовите 9 до 17.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 под а) од ова решение и уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 под б) од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека според член 209 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, поблиски прописи за условите за стекнување на воздухопловно-техничко звање, вршењето на воздухопловно-техничка служба, облеката и опремата на воздухопловно-техничкиот персонал како и обликот и содржината на воената дозвола за работа на воен воздухоплов донесува министерот за одбрана. Подносителот на иницијативата смета дека прописи за условите за стекнување на водздухопловно-техничко звање не можат да се пропишуваат со подзаконски пропис, бидејќи тоа може да се прави единствено со закон. Затоа, смета дека со делот од член 209 став 2 од Законот “условите за стекнување на воздухопловно-техничко звање” се повредувале членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, 51 и 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Понатаму подносителот на иницијативата смета дека и насловот во делот “условите за стекнување на воздухопловно-техничко звање”, од оспорениот Правилник, како и членот 1 во тој дел и членовите 2 до 17 од Правилникот биле во спротивност со наведените уставни одредби, како и со членовите 56 став 1 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Согласно член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, со правилник се утврдувале и се разработувале одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување. Меѓутоа, со оспорениот Правилник спротивно од тоа изворно се пропишувале услови за стекнување на воздухопловно-техничко звање. Според член 61 став 1 од истиот закон, со актите кои ги донесува министерот не можело за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи. Во случајот, пропишаните услови за стекнување на воздухопловно-техничко звање не било ништо друго туку утврдување на права.

3. Судот на седницата утврди дека според член 209 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, поблиски прописи за условите за стекнување на воздухопловно-техничко звање, вршењето на воздухопловно-техничката служба, облеката и опремата на воздухопловно-техничкиот персонал, како и обликот и содржината на воената дозвола за работа на воен воздухоплов, донесува министерот за одбрана.

Со оспорениот член 1 од Правилникот се пропишуваат условите за стекнување на воздухопловно-техничко звање, вршењето на воздухопловно-техничката служба, облеката и опремата на воздухопловно-техничкиот персонал и обликот и содржината на воената дозвола за работа на воен воздухоплов на воздухопловно-техничкиот персонал (во натамошниот текст: професионален војник и воен старешина).

Во делот ИИ точка 1 од оспорениот Правилник (членови 2, 3, 4, 5, 6, 7 и 8) се утврдени условите за стекнување на воздухопловно-техничко звање, а во точката 2 (членови 9, 10, 11, 12, 13, 14, 15, 16 и 17) се уредува стручното оспособување и усовршување за стекнување на одредено воздухпловно-техничко звање.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Макеоднија се владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Во членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Во членот 56 став 1 од овој закон е предвидено дека со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.

Согласно член 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, под служба во Армијата се смета вршење воени должности во Армијата.

Согласно членот 3 став 1 од овој закон, служба во Армијата вршат воени и цивилни лица. Според ставот 2 на овој член од Законот воени лица во смисла на овој закон се: воени старешини, офицери и подофицери; професионални војници; војници на служење воен рок; питомци на Воената академија; лица на стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери и воени обврзници во резервниот состав на Армијата додека се повикани да извршуваат права и должности од областа на одбраната во врска со извршувањето на воената обврска.

Овие воени лица според член 4 од Законот, службата во Армијата ја вршат со засновање на работен однос со Министерството за одбрана, со школување на Воената академија, односно стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери и со извршување на воената обврска утврдена со Закон. Служба во Армијата со засновање на работен однос во Министерството за одбрана вршат офицери, подофицери и професионални војници, а со школување односно стручно оспособување и усовршување вршат питомци на Воената академија и лицата упатени на стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери.

Членот 24 став 1 од Законот утврдува дека работен однос во Министерството за одбрна како офицер, подофицер или професионален војник на служба во Армијата на Република Македонија може да заснова лице кое ги исполнува општите и посебните услови утврдени со овој закон.

Во членот 197 од Законот кој спаѓа во главата Воени летачи, воздухопловно-технички персонал, падобранци и нуркачи, е предвидено дека воени летачи, воздухопловно-технички персонал, воени падобранци и воени нуркачи се воени лица кои имаат едно од звањата утврдени со овој закон.

Членот 199 од Законот предвидува дека военото летачко звање означува стручна оспособеност на членот на екипажот за извршување на определени должности во воениот воздухоплов во текот на летот. Воено летачко звање се стекнува по завршување на школување, односно стручно оспособување и усовршување за одредено летачко звање.

Во членовите 205, 206, 207 и 208 од Законот е утврдено кои се припадници на воено воздухопловно-технички персонал; што се подразбира под поимот воено воздухопловно-техничко звање и начинот на стекнување на ова звање; кои се воено воздухопловно-техничките звања што се добиваат според степенот на стручната оспособеност и должноста што ја врши воено воздухопловно – технички персонал.

Согласно членот 209 став 2 од Законот, поблиски прописи за условите за стекнување на воздухопловно-техничко звање, вршењето на воздухопловната служба, облеката и опремата на воздухопловно-техничкиот персонал како и обликот и содржината на воената дозвола за работа на воен воздухоплов, донесува министерот за одбрана.

Од изнесеното произлегува дека воздухопловно-техничкиот персонал се воени лица кои имаат засновано работен однос во Министерството за одбрана, а воздухопловно-техничкото звање го стекнуваат по завршување на школувањето односно стручното оспособување и усовршување за одредено воздухопловно-техничко звање.

Работен однос со Министерството за одбрана како офицер, подофицер или професионален војник на служба во Армијата може да заснова лице кое ги исполнува општите и посебните услови утврдени во Законот.

Според тоа, припадниците на воздухопловно-техничкиот персонал се воени лица кои имаат засновано работен однос со Министерството за одбрана за служба во Армијата, во со закон утврдена постапка, при што треба да исполнуваат со закон утврдени општи и посебни услови.

Со воздухопловно-технички звања, утврдени во членовите 207 и 208 од Законот, припадниците на воено воздухопловно-техничкиот персонал се стекнуваат по завршување на школувањето, односно стручното оспособување и усовршување. Оваа законска одредба упатува на тоа дека воздухопловно-техничките звања кои се утврдени во Законот се стекнуваат на начин утврден во законот, односно со школување, стручно оспособување и усовршување за одредено воздухопловно-техничко звање.

Оттука, Судот оцени дека одредбата од членот 209 став 2 од Законот само упатува на донесување на подзаконски акт од страна на министерот за одбрана со кој се доразработуваат условите за стекнување на воздухоповно-техничките звања утврдени во Законот за воените лица кои се на служба во Армијата и ги имаат исполнето потребните услови за стекнување статус на воен старешина или професионален војник, а кои се неопходни заради специфичноста на должностите кои ги извршуваат при вршењето за служба во Армијата.

Во врска со оспорениот Правилник чиј основ за донесување е членот 209 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Судот оцени дека министерот за одбрана со овој правилник, всушност, ги доразработил одредбите од Законот за служба во Армијата на Република Македонија што се однесуваат на воените летачи и воздухопловно техничкиот персонал.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека членот 209 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија е во согласност со Уставот, а Правилникот за условите за стекнување на воздухопловно-техничко звање, вршењето на воздухопловно-техничката служба, облеката и опремата на воздухопловно-техничкиот персонал и обликот и содржината на воената дозвола за работа на воен воздухоплов (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/2004), во означените делови е во согласност со Уставот и со закон поради што одлучи како во точката 1 под а) и б) од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.65/2004
30 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply