164/2003-0-0

164/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 7 април 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 138 став 2 од Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 53/1997, 59/1997, 21/1998, 25/2000, 34/2000, 50/2001 и 40/2003).

2. Јулијана Димитровска од Битола и Кире Сотироски од Крушево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на членот 138 став 2 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата овој член од Законот не бил согласен со Уставот затоа што во постапката за заштита на правата на работникот од престанокот на работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени, надлежниот суд не ја ценел потребата и оправданоста од престанокот на работниот однос по оваа основа.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 138 став 2 од Законот во постапката за заштита на правата на работникот од престанокот на работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени, надлежниот суд оценува само дали работниот однос престанал под условите и начинот утврдени со закон, колективен договор и договорот за работа, при што не ја оценува потребата и оправданоста од престанокот на работниот однос по оваа основа.

Судот утврди, исто така, дека со решение У.бр.67/2000 од 31 мај 2000 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 138 став 2 од Законот за работни односи, затоа што оценил дека е согласно со Уставот, во постапката за заштита на правата на работникот од престанок на работниот однос поради економски, структурални или слични промени, надлежниот суд да оценува само дали работниот однос престанал под условите и начинот утврдени со закон, колективен договор или договорот за работа, при што не ја оценува потребата и оправданоста од престанокот на работниот однос по оваа основа.

4. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Судот веќе се произнел за уставноста на одредбата од членот 138 став 2 од Законот, а нема основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 на ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.164/2003
7 април 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply