167/2003-0-0

167/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 31 март 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт “Тасино Чешмиче ИИ” – Скопје, бр.07-205/1, донесена од Советот на општина Центар на 5 февруари 2003 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.2/2003).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот на барањето за оценување на согласноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002, 50/2003) и Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и постапката за донесување на урбанистички планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002).

3. Борис Цветановски и Стојан Петровски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, како и за оценување на согласноста на истата одлука со Правилниците означени во точката 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата и нејзините две дополнувања, со оспорената одлука на КП.бр.2448 се предвидувало маркица за изградба на нов објект покрај веќе постојниот, кој бил изграден со градежна дозвола издадена под бр.11-7554 од 26 јануари 1989 година. Вкупната површина на оваа градежна парцела изнесувала 250 м2, а за двата објекти била потребна градежна површина од најмалку 800 м2. Во иницијативата се наведува и тоа дека растојанието меѓу новиот објект кој бил предвиден да се гради на урбанистичката парцела бр.8.5 и соседниот изграден објект на урбанистичката парцела бр.8.6 изнесувало 90 см.

Во иницијативата понатаму се наведува дека предвидувањето на ваква мала површина да се градат два станбени објекти било спротивно на Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот и на Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите. Истовремено тоа значело и непочитување на Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и повреда на членот 8 став 1 алинеите 3, 6 и 10 од Уставот на Република Македонија.

За наведените неправилности во Планот, подносителите на иницијативата кои биле и први соседи на урбанистичката парцела бр. 8.5, во текот на јавната анкета и по донесувањето на планот приговарале до надлежните општински и републички органи, бидејќи со евентуалната изградба на ново предвидениот објект ќе им биле нарушени елементарните услови за користење на нивните станбени објекти, со оглед на тоа дека до нив не можело да допира сонечва светлина.

Поради наведените причини, подносителите на иницијативата бараат Судот да го поништи Деталниот урбанистички план во урбаниот модул бр.8.5, а до донесувањето на конечната одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземани заради изградба на станбениот објект предвиден на овој урбан модул, со цел да се спречи настанување на тешко отстранливи последици.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од оспорената одлука е утврдено дека со оваа одлука се донесуваат измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за Градска четврт “Тасино Чешмиче ИИ” – Скопје и дека овие измени и дополнувања ги почитува определбите на Генералниот урбанистички план на град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за поблиска содржина и начин на графичка обработка на плановите и Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот.

Според членот 2 од Одлуката, просторот за кој се донесуваат измените и дополнувањата на овој Детален урбанистички план е со површина од 23,12 ха и е во рамките на границите кои се детално опишани во овој член од Одлуката.

Според членот 3 од Одлуката, составен дел на оваа одлука се: Текстуалниот дел на планот, Графичките прилози, Параметрите за уредување на просторот и Извештајот од јавната анкета со осврт од Стручната консултација.

Согласно членот 4 од Одлуката, Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот и со потпис на претседавачот на Советот на општина Центар.

Според членот 5 од Одлуката, Одделението за урбанизам на општината во рок од 60 дена од донесувањето на планот ќе обезбеди комплетна документација за остварување на планскиот документ.

Според членот 6 од Одлуката, Деталниот урбанистички план со сите негови делови се чува и за неговата реализација се грижи Одделението за урбанизам на Општината.

И во членот 7 од Одлуката се утврдува дека таа влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на град Скопје”.

5. Судот на седницата, исто така, а врз основа на документацијата доставена од Советот на општината Центар, го утврди следното:

Изработката на измените и дополнувањата на овој детален урбанистички план се вклопува во рамките на Програмата за уредување на градежното земјиште на општина Центар за 2002 година.

Нацртот на планот е изготвен од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија ИН-ПУМА, со технички број 45/2002 година. Главниот архитект на град Скопје по изработениот нацрт план дал свое стручно мислење со акт бр.18а-1371/1 од 12 јуни 2002 година.

Стручната ревизија на Нацрт планот била изготвена од АД “ЗУАС” – Скопје во јуни 2003 година, а изготвувачот на планот дал одговор на стручната ревизија.

Министерството за транспорт и врски под бр.13-7968 од 17 јуни 2002 година дало стручно мислење по нацртот на планот.

Нацртот на планот е утврден со Заклучок бр.18-824/3 од 19 јуни 2002 година на Одделението за урбанизам на општина Центар.

Градоначалникот на општина Центар под бр.08-824/3 од 19 јуни 2002 година донел Одлука за организирање на јавна анкета по нацртот на планот. Соопштението за организирање на јавната анкета, која траела 10 дена, е објавено во “Утрински весник” и “Дневник” од 21 јуни 2002 година.

На 28 јуни 2002 година била одржана стручна консултација по Нацртот на планот со претставници од: Министерството за транспорт и врски; Канцеларијата на главниот архитект на град Скопје; АД “Македонски телекомуникации”; ЕСМ “Електродистрибуција” Скопје; ЈП “Комунална хигиена”; ЈП “Паркови и зеленило”; ЈП “Водовод и канализација”; изготвувачот на планот и стручната служба на општината Центар.

Извештајот од јавната анкета по Нацртот на планот е изготвен под бр.18-824 од 17 ноември 2002 година од стручната комисија, формирана од градоначалникот на општина Центар.

Од Извештајот на Комисијата се гледа дека во текот на јавната анкета по Нацртот на планот биле поднесени вкупно 33 забелешки, од кои некои се прифатени, а некои не и за истите е дадено стручно образложение. Од извештајот исто така се гледа дека подносителите на оваа иницијатива учествувале во јавната анкета, но нивните приговори, односно забелешки во однос на објектот предвиден на КП.2448 (во кој дел и се оспорува овој план) не биле прифатени.

Имено, подносителите на оваа иницијатива, како и други четворица граѓани, барале спорниот објект да се избрише од планот, а наспроти нив сопственикот на оваа парцела во јавната анкета истакнал две барања и тоа: во урбанистичката парцела 8.5 да се потврди постојниот објект и ако е можно да се оформат две урбанистички парцели, со цел да се задржи постојниот и ново предвидениот објект.

Барањата и на едните и на другите не се прифатени со образложение дека “Големината на парцелата не овозможува да се потврди постојниот објект, според важечките стандарди и нормативи, урбанистичкото решение на парцелата било преземено до измената и дополнувањата на планот во 1997 година, а се почитува текстот од Извештајот од јавната анкета од 1997 година по забелешка бр.7 и дека просторот претставува една катастарска парцела, со минимална површина според правилникот за стандарди и нормативи” .

На Предлогот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план, во кој претходно биле вградени сугестиите и забелешките од стручната ревизија, како и прифатените барања на граѓаните од јавната анкета, Министерството за транспорт и врски има издадено согласност под бр.13-13534 од 27 ноември 2002 година.

Предлогот за изменување и дополнување на Планот бил разгледан на седницата на Советот на општина Центар одржана на 5 февруари 2003 година, кога е донесена и Одлуката.

6. При оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, Судот ги имаше предвид следните уставни и законски одредби:

Во членот 8 став 1 алинеите 3, 6 и 10 од Уставот на Република Македонија, на кои се повикуваат подносителите на оваа иницијатива, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени принципот на владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Според членот 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) кој што важел во време кога е донесена оспорената одлука, просторното и урбанистичко планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.

Според членот 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирање, покрај другите планови, се донесува и детален урбанистички план.

Согласно членот 11 од Законот, деталниот урбанистички план се донесува за одделни делови на населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план и содржи синтензен графички приказ на планските решенија во границите на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Синтезниот графички приказ содржи: граница на урбаното подрачје, намена на земјиштето на урбаните модули со градежни парцели, површини за изградба на објекти определени со градежни линии и максимална висина, сообраќајна мрежа и др. Билансните показатели содржат: податоци за површините, показатели за инфраструктурата и параметри за уредување на просторот на урбаните модули согласно со соодветните стандарди и нормативи.

Во Законот за просторно и урбанистичко планирање се утврдени и субјектите кои можат да ги изработуваат урбанистичките планови, а исто така се утврдени и нивните обврски, односно задолженија при изработувањето на овие планови. Во овој контекст значаен е членот 21-а од Законот според кој при изработувањето на урбанистичките планови, во кои спаѓа и деталниот урбанистички план, задолжително се применуваат нормативи и стандарди за уредување на просторот, кои ги донесува министерот надлежен за работите на уредувањето на просторот.

Во членот 20 став 1 од Законот е утврдено дека измените и дополнувањата на плановите од член 7 на овој закон се вршат по иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено. Постапката за донесување на плановите е уредена со членовите од 17 до 22 од Законот.

Така, од содржината на членот 17 од Законот, која се однесува и на деталните урбанистички планови, произлегува дека тие се изработуваат како нацрт и предлог на план.

По нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета која ја организира општината. Одлуката за јавната анкета ја донесува градоначалникот на општината, по утврдувањето на нацртот на планот од страна на општинската администрација.

Според член 18 од Законот, јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најдоцна 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје доставуваат писмени забелешки на анкетни листови, до организаторот на анкетата.

За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. За јавната анкета се изготвува извештај, со образложение за неприфатените забелешки.

Пред организирање на јавна анкета, по нацртот на деталните урбанистички планови, согласно член 19 од Законот се врши стручна ревизија од страна на правно лице кое има добиено овластување, а што ќе го определи градоначалникот на општината.

Според член 22 став 6 од Законот, деталните урбанистички планови се донесуваат по издавањето согласност на предлогот на планот од страна на министерството надлежно за работите на уредувањето на просторот.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби, од една страна, и утврдената фактичка состојба, од друга страна, Судот утврди дека Одлуката целосно, а тоа значи и во оспорениот дел, е донесена во постапка пропишана со Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што не го постави прашањето за нејзината согласност ниту со овој закон, ни со членовите од Уставот во однос на кои се оспорува нејзината уставност.

Во однос на наводите во иницијативата дека во оспорениот дел на Одлуката спротивно на Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002 и 50/2003) и Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистички планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002) било предвидено изградба на два станбени објект, Судот утврди дека овие наводи се неосновани.

Имено, од утврдената фактичка состојба произлегува дека на урбанистичката парцела 8.5 со овие измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план е предвидена изградба само на еден објект, со тоа што постојниот објект кој што бил изграден според планот кој што важел во времето на изградбата сега не се предвидува. Според одговорот добиен од Советот на општината Центар, при оваа и другите измени и дополнувања во графичкиот дел на овој детален урбанистички план, биле почитувани стандардите и нормативите за уредување на просторот.

Но, независно од тоа дали при овие измени и дополнувања на планот биле почитувани или не соодветните нормативи и стандарди за уредување на просторот, на чие непочитување се укажува во иницијативата, е прашање што излегува од доменот на надлежноста на Уставниот суд. Ова затоа што во случај Судот да се впушти во оценка и на овие наводи, тогаш тоа во суштина би значело оценување на меѓусебната усогласеност на овој план со горе означениот правилник, а со оглед дека се работи за прописи од ист правен ранг, согласно член 110 од Уставот Судот не е надлежен да одлучува за тоа.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.167/2003
31 март 2004 година
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply