169/2003-0-0

169/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 март 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 65 став 1 точка 11 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/1995, 55/1997, 38/2002 и 33/2003).

2. Здружението на граѓани за заштита на човековото достоинство и професијата во јавната управа и јавните служби на Република Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 65 став 1 точка 11 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека членот 65 став 1 алинеја 11 бил во спротивност со член 13 став 1 од Уставот. Имено, наспроти јасно зацртаната презумпција на невиност, во оспорениот член било предвидено дека лицето, односно вработениот во Министерството за внатрешни работи може да добие отказ од работа поради извршување на дејствие што претставува кривично дело, кое согласно законот е пречка за засновање работен однос или извршување на дејствие што претставува потежок прекршок против јавниот ред и мир.

Понатаму се наведува дека со оспорениот член од законот, била дадена можност овластен орган на Министерството за внатрешни работи да се постави во улога на кривичен или прекршочен суд и да утврдува дека стореното дејствие претставува кривично дело и дека согласно утврдената одговорност работникот, односно полицаецот добива отказ од работа. Со ова се елиминирала потребата од постоење на судови и потребата од водење на кривични или прекршочни постапки, а уште повеќе донесувањето на правосилна пресуда, бидејќи кривичната одговорност била веќе утврдена од надлежен орган во Министерството за внатрешни работи, кој ценел без судска постапка дали некое дејствие е кривично дело.

Конечно, подносителот на иницијативата бара Судот да донесе решение со кое ќе ги запре постапката и делењето на решенија за престанок на работен однос со отказ по основ на член 65 став 1 точка 11 од Законот за внатрешни работи.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 65 став 1 точка 11 од Законот за внатрешни работи, како кршење на работната дисциплина се смета извршување на дејствие што претставува кривично дело кое согласно Законот за внатрешни работи е пречка за засновање на работен однос во Министерството или извршување на дејствие кое претставува потежок прекршок против јавниот ред и мир.

4. Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Членот 115 став 1 од Законот за работните односи утврдува дека работниот однос на работникот му престанува со отказ од страна на работодавецот поради кршење на работната дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор и договор за работа, при што наведува и причини кои особено ќе резултираат со престанок на работниот однос со отказ.

Меѓутоа, во Законот за работните односи не се утврдени сите видови односно случаи на кршење на работниот ред и дисциплина и на работните обврски. Поради тоа, во членот 115 став 2 од овој Закон е допуштено со закон и со колективен договор да може да се утврдат и други случаи на кршење на работниот ред и дисциплина и на работните обврски.

Специфичниот законски утврден делокруг на работа на Министерството за внатрешни работа ја наметнува потребата при определувањето на случаите кои се сметаат за кршење на работната дисциплина од страна на работниците во Министерството за внатрешни работи да се нормираат и причини кои се непознати кај другите работодавци.

Имено, со цел да се елиминира состојба, на лице кое извршило дејствие што претставува кривично дело или потежок прекршок против јавниот ред и мир да му се довери овластување да ги гони сторителите на кривични дела, во член 65 став 1 точка 11 од Законот за внатрешни работи е предвидено дека извршувањето на дејствие што претставува кривично дело кое согласно Законот за внатрешни работи е пречка за засновање на работен однос во Министерството или извршување на дејствие што претставува потежок прекршок против јавниот ред и мир се смета како кршење на работната дисциплина.

Од наведеното произлегува дека секој вработен во Министерството за внатрешни работи кој ќе изврши дејствие што претставува кривично дело, кое согласно Законот за внатрешни работи е пречка за засновање на работен однос во Министерството или извршување на дејствие кое претставува потежок прекршок против јавниот ред и мир, всушност ја прекршил работната дисциплина.

Притоа, согласно член 65 став 2 и 3 од Законот, кои не се оспорени одредби, работникот може да биде привремено оддалечен од работа од Министерството или работниот однос да му престане со отказ.

Работникот, пак, има право на приговор, а доколку не е задоволен со одлуката донесена по приговорот, има право да поведе спор пред надлежниот суд.

Во конкретниот случај е битно дека оспорената одредба од членот 65 став 1 точка 11 од Законот за внатрешни работи претставува кршење на работната дисциплина за што одлучуваат надлежните органи во Министерството и нема никаква врска со водењето на кривична постапка пред суд.

Имено, во дисциплинска постапка, работникот не е обвинет за казниво дело туку тој одговара за кршење на работната дисциплина и само поради тој факт работникот може да биде отстранет од работа.

Доколку, пак, работникот биде обвинет за казниво дело, неговата вина ќе биде утврдена во судска постапка со правосилна судска одлука.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 65 став 1 точка 11 од Законот за внатрешни работи со членот 13 став 1 од Уставот, од аспект на причините за оспорување наведени во иницијативата.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не се исполнети условите, до конечното одлучување да донесе решение за запирање на поединечните акти донесени врз основа на оспорениот член 65 став 1 точка 11 од Законот за внатрешни работи.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.169/2003
24 март 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply