154/2003-0-0

У.бр.154/2003

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 март 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 66 став 2 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003 и 42/2003).

2. Благој Ангелов, претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – Основна организација при Основното училиште “Гоце Делчев” од Кавадарци, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Законот било повредено уставното право на работа, поради тоа што на наставниците со завршена учителска школа им било скратено правото да изведуваат одделенска настава.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 66 став 2 од Законот за основното образование, учител односно наставник во одделенска настава може да биде лице со завршено соодветно високо, односно више образование.

Разгледувајќи ја иницијативата Судот утврди дека со Решение У.бр.155/2002 од 18 декември 2002 година Судот не повел постапка за оценување на уставноста на одредбата од членот 66 став 2 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999 и 29/2002).

Согласно членот 28 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одлучување.

Со иницијативата се оспорува наведената одредба од Законот дека со неа било повредено уставното право на работа.Поаѓајќи од определбите во членот 32 од Уставот на Република Македонија, дека секој има право на работа, слободен избор на вработување и секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, Судот оцени дека со оспорената законска одредба се пропишани услови врз основа на кои одредено лице како учител односно наставник може да врши одделенска настава во основното образование, и се еднакви за граѓаните, а со тоа воопшто не се доведува во прашање остварувањето на уставното право на работа.

Со оглед на тоа што Судот не повел постапка за оценување на уставноста на членот 66 став 2 од Законот за основното образование, а нема основи за поинакво одлучување по однос на наводите во оваа иницијатива, согласно членот 28 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.154/2003
24 март 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply