94/2003-0-0

94/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 март 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 48 став 2 во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 48 став 1 точка 4 во делот: “да не биде поврзано со активности околу извршување на кривични дела или прекршоци со елементи на насилство или други казниви дела што го прават недостојно за работа во Министерството”, од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените делови на одредбите од членот 48 став 1 точка 4 и став 2 од Законот за внатрешни работи, било предвидено по сила на самиот закон да настапат правни последици како ограничувачки фактор за одредено лице да може да заснова работен однос во Министерството за внатрешни работи. Со оглед на тоа што со овие законски одредби било пропишано правните последици да настапат автоматски по сила на самиот закон а не од конкретна забрана за вршење на дејност или работа што ја изрекол судот со правосилна судска одлука, произлегува дека оспорените одредби биле спротивни на членот 13 став 1 од Уставот на Република Македонија, според кој лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, и спротивни на други одредби од Уставот (членот 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4, членот 9, членот 13 став 1, членот 14 став 1, членот 32 став 1 и 2, членот 54 став 1, членот 98 став 1 и 2 и членот 112 став 3).

Во однос на членот 70-в од Законот, во иницијативата се наведува дека уредува забрана на штрајк во Министерството за внатрешни работи во воена или вонредна состојба, меѓутоа тоа било спротивно на членот 38 од Уставот кој го гарантира правото на штрајк. Исто така во иницијативата без образложение се наведува дека со оспорениот член од Законот се повредувале повеќе одредби од Уставот, и тоа членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 51, членот 54 став 1 и 2, членот 124 и членот 125 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со одредбата од ставот 2 на членот 48 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/1995, 55/1997, 38/2002 и 33/2003), е предвидено дека на работник кој е осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за работа во Министерството или на кого му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност, му престанува работниот однос во Министерството со денот на врачувањето на правосилната пресуда.

Со иницијативата се оспорува наведената одредба во делот “кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за работа во Министерството”.

Исто така, Судот утврди дека со оспорениот член 70-в од наведениот Закон е предвидено дека се забранува штрајк во Министерството во воена или вонредна состојба.

Во случај на сложена безбедносна состојба, нарушување на јавниот ред и мир во поголем обем, природни непогоди и епидемии или загрозување на животот и здравјето на луѓето и имотот во поглем обем, во штрајк истовремено не може да учествуваат повеќе од 10% од вработените во Министерството и штрајкот не може да трае подолго од три дена.

Доколку штрајкот започнал пред настапувањето на кој било од условите од ставовите 1 и 2 на овој член, вработените во Министерството се должни штрајкот веднаш да го прекинат.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно членот 32 став 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување и достапност на секое работно место под еднакви услови.

Во членот 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот може да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според членот 98 став 1 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, а според ставот 2, судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

6. Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/1995, 55/1997, 38/2002 и 33/2003) во членот 1 меѓу другото определил дека внатрешни работи во смисла на овој закон се работи кои се однесуваат на: заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните; спречување на вршење на кривични дела, откривање и фаќање на сторители на кривични дела и нивно предавање на надлежни органи; заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот загарантирани со Уставот; спречување на насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија; одржување на јавниот ред и мир; спречување на разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост; обезбедување на определени личности и објекти; регулирање и контрола на сообраќајот на патиштата и други работи сврзани со безбедноста на сообраќајот на патиштата; контрола на преминување на државната граница, движење и престој во граничен појас; престој и движење на странци; утврдување и решавање на гранични инциденти; заштита од пожари и експлозии; контрола на условите во врска со производство, промет, набавување, поседување и носење на оружје, делови за муниција и муниција.

Во членот 2 е предвидено дека во надлежност на Министерството за внатрешни работи е вршењето на внатрешните работи наведени во членот 1 од овој закон.

Поаѓајќи од изнесените уставни и законски норми, Судот во оценката на уставноста на оспорената одредба од ставот 2 на членот 48 од Законот за внатрешни работи, оцени дека таа не е во несогласност со Уставот кога како посебна причина за престанок на работниот однос на работникот во Министерството за внатрешни работи ја предвидел конкретната состојба, предизвикана од самиот вработен во Министерството како сторител на кривично дело во врска со службената должност или кое го прави недостоен за работа во Министерството.

Ова поради тоа што со оспорената законска одредба јасно е утврден причинскиот однос на забраната на вработениот да продолжи да биде во работен однос во Министерството како резултат од неговото извршување на такво кривично дело со кое ја злоупотребил својата положба бо брска со вршењето на службените дејности или должностите, или кривично дело кое го прави недостоен за работа во Министерството, и тоа од денот на врачувањето на правосилната пресуда на осудениот.

Поаѓајќи од основните надлежности на Министерството за внатрешни работи кои се однесуваат на спречувањето и откривањето на кривичните дела, според Судот, произлегува и потребата со закон да бидат уредени прашањата за постоење на персонален и морален кредибилитет на кадарот во овој државен орган кој може компетентно и ефикасно да ги врши тие надлежности исклучувајќи ја можноста вработените да имаат елементи кои ги прават недостојни за вршење на специфичните надлежности на Министерството. Од овој аспект и оспорената законска одредба прецизно утврдува дека за престанок на работниот однос на работникот во Министерството за внатрешни работи се поаѓа од постоење на правосилна пресуда на судот со која тоа лице е осудено за кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за работа Министерството а не се препушта на претпоставки за сторено кривично дело.

Оспорената одредба од ставот 2 на членот 48 од Законот за внатрешни работи регулира одредена состојба како причина за престанок на работниот однос во Министерството што е право на законодавецот со закон да пропише определени критериуми инкорпорирани во професијата на вработените во овој орган на извршната власт, заради обезбедување на неговото функционирање и елиминирање на степенот на загрозување на специфичното професионално делување на овој орган, насочено кон заштита на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Оттука, за оспорената одредба Судот оцени дека не може да се постави прашањето за несогласност со Уставот, од аспект на причините изнесени во иницијативата.

7. Во однос на членот 70-в од Законот за внатрешни работи кој со иницијативата се оспорува затоа што спротивно на Уставот уредувал забрана и ограничувања на правото на штрајк на вработените во Министерството за внатрешни работи, Судот исто така оцени дека не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот. Имено, согласно членот 38 став 1 од Уставот се гарантира правото на штрајк, а според ставот 2, со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Со оглед на тоа, Уставот начелно го гарантира правото на штрајк, но едновремено го овластува законодавецот ова право да може да го ограничува во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според членот 124 став 1 од Уставот, воена состојба настапува кога претстои непосредна воена опасност од напад врз Републиката или кога Републиката е нападната или и е објавена војна. Додека според членот 125 став 1 од Уставот, вонредна состојба настапува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека во случајов со членот 70-в од Законот со кој се забранува правото на штрајк во Министерството за внатрешни работи во период додека трае воена или вонредна состојба, а исто така штрајкот се ограничува под определени услови доколку настане сложена безбедносна состојба, нарушување на јавниот ред и мир во поголем обем, природни непогоди и епидемии или загрозување на животот и здравјето на луѓето и имотот во поголем обем, односно во такви услови во штрајкот истовремено не можат да учествуваат повеќе од 10% од вработените во Министерството и не може да трае подолго од три дена, законодавецот се движел во рамките на уставните овластувања.

Ова поради тоа што траењето на определени состојби и појави од битно значење за безбедноста на државата се регулирани како околности за ограничување на условите за остварување на правото на штрајк додека тие постојат, меѓутоа во отсуство односно престанок на наведените состојби и појави, со законот воопшто не се попречува уставно-загарантираното право на штрајк на вработените во Министерството, поради што не би можело да се постави прашањето за уставноста на оспорената законска одредба.

8. Во однос на оспорениот дел од точката 4 на членот 48 став 1 од Законот за внатрешни работи, Судот утврди дека точката 4 во целост била предмет на уставносудска оценка и со Одлука на Судот У.бр.98/2003 од 17 декември 2003 година е укината, па поради тоа согласно членот 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата во овој дел се отфрла.

9. Поради погоре изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

Судот со мнозинство гласови одлучи за точката 1 од ова решение во однос на оспорениот дел од членот 48 став 2 од Законот означени во оваа точка.

У.бр.94/2003
17 март 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply