Одлука У.бр.193/2002

У.бр.193/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 март 2004 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за утврдување надоместок за употреба на градежно земјиште на територијата на општина Велес, донесена од Советот на општина Велес на 26 мај 2000 година и на 25 април 2001 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на трговското друштво за производство и обработка на тутун “СОКОМАК БИТОЛА” – АД Битола, со решение У.бр. 193/2002 од 26 март 2003 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со законите.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 17 точка 4 од Законот за локалната самоуправа и членовите 44 и 45 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/1979, 18/1989 и 21/1991), Советот на општината Велес донел Одлука за утврдување надоместок за употреба на градежно земјиште на територијата на општина Велес, со која се утврдува обврска за плаќање на надоместок за употреба на градежното земјиште на подрачјето на општина Велес, висината и роковите на плаќање и начинот на пресметување на овој надоместок.

5. Согласно член 11 точка 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” број 5/2002), сопствени извори на приходи на општината се локалните даноци, надоместоци и такси утврдени со закон.

Според член 17 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/1995), кој согласно член 96 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), продолжува да се применува до усогласувањето на посебните закони со кои се уредуваат прашањата од надлежност на општините, но најдоцна до 31 декември 2003 година, единиците на локалната самоуправа самостојно донесуваат програма за уредување на градежното земјиште, вршат работи на уредување и употреба на градежното земјиште во согласност со закон и утврдуваат зони и собираат земјишна такса во согласност со закон.

Од наведеното произлегува дека единиците на локалната самоуправа вршат работи на уредување и употреба на градежното земјиште и утврдуваат зони и собираат земјишна такса во согласност со закон.

Во членот 13 од Законот за комуналните дејности од 1997 година, меѓу другото е уредено дека изградбата и одржувањето на објектите на комуналната инфраструктура се финансира од надоместок за употреба на градежно земјиште во висина од 50 % од вкупно прибраните средства по оваа основа.

Очигледно е дека наведената одредба од Законот за комунални дејности не може да биде основ за воведување на надоместок за употреба на градежно змејиште, туку ова е норма со која се утврдува дека изградбата и одржувањето на објектите на комуналната инфраструктура се финансираат од надоместокот за употреба на градежното земјиште кој во тоа време согласно Законот за градежно земјиште го утврдуваше собранието, односно советот на општината со одлука.

Имено, Законот за градежното земјиште кој престана да важи содржеше посебни глави кои се однесуваа на уредувањето и на употребата на градежното земјиште.

Така, во делот од овој закон кој се однесуваше на употребата на градежното земјиште, односно во членот 44 беше утврдено дека собранието, односно советот на општината може да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации. Со одлука се утврдува висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето на надоместокот. Надоместокот го плаќа непосредниот корисник на земјиштето, а како непосреден корисник се смета носителот на правото на користење на недвижности и нивниот сопственик.

Оттука произлегува дека надоместокот за употреба на градежното земјиште беше утврден со Законот за градежното земјиште.

Законот за градежното земјиште од 2001 година концепциски е поставен на сосема поинакви основи од претходниот закон. Имено, за разлика од поранешниот закон, според кој градежното земјиште единствено беше на Републиката, според постојниот закон градежното земјиште може да биде во сопственост на Република Македонија и на домашни физички и правни лица под услови утврдени со овој и друг закон. Носителот на правото на сопственост на градежното земјиште може земјиштето да го отуѓи и даде под долготраен и краткотраен закуп. Градежното земјиште во сопственост на Република Македонија може да се отуѓи, да се даде под концесија и под закуп.

Врз основа на изнесеното, произлегува дека според постојниот Закон за градежно земјиште, градежното земјиште може да биде во сопственост или пак за него да се плаќа закуп. Оттука, овој закон содржи одредби за уредувањето на градежното земјиште, меѓутоа не содржи одредби за употреба на градежното земјиште. Имено, ако се има предвид дека според Законот, градежното земјиште е во сопственост или, пак, за него се плаќа закуп, надоместокот за употреба на градежното земјиште не е уреден со овој закон, иако трансформацијата на градежното земјиште не е завршена.

Тргнувајќи од фактот дека надоместокот за употреба на градежното земјиште не е утврден со закон, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со Законот за градежно земјиште и со Законот за локалната самоуправа.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.193/2002
17 март 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply