111/2003-0-0

111/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 март 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 42 став 4, член 45 став 2, член 64 и член 66 став 2 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/2001).
2. Панче Докузов од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, членовите 42 став 4, 45 став 2 и 66 став 2 од Законот не биле согласни со Уставот на Република Македонија, затоа што законодавецот му давал дискреционо право на министерот за транспорт и врски да го пропишува степенот на уреденост на градежното земјиште, да го определува начинот на пресметување на трошоците за уредување на градежното земјиште и да одлучува по барањето за трансформација на правото на користење на градежното земјиште во право на сопственост.
Меѓутоа, бидејќи дискреционото право не било право во смисла на член 8 од Уставот, според подносителот на иницијативата актите со кои министерот уредува прашања од оваа област треба да бидат во надлежност на Собранието на Република Македонија, односно да бидат уредени со закон.
Со други зборови, според него, законот не можел на поединецот да му дава дискреционо право да одлучува за работи што се од поширок интерес за Републиката.
Членот 64 од Законот се оспорува од причина што правните лица ги ставал во привилегирана положба во однос на физичките лица, затоа што предвидувал надоместокот за трансформација на правото на користење на градежното земјиште во право на сопственост, покрај со денари и обврзници на Република Македонија издадени за намирување на побарувањата на граѓаните по основ на депонираните девизни влогови или по други основи определени со закон, да можат да го платат и со акции што тие ги издале според нивната номинална вредност при издавањето и со претворање на износот на надоместокот во сопственички удели на Републиката до висината на надоместокот.
Ваквата недореченост на законот, според подносителот на иницијативата ги доведувала во нееднаква положба субјектите на пазарот што било спротивно на членот 55 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека согласно член 42 став 1 од Законот под уредување на градежно земјиште во смисла на овој закон се подразбира изградба на објекти на инфраструктурата, заради обезбедување непречен пристап до градежната парцела од јавен пат, поставување на водоводна, канализациона, електрична, ПТТ и друга инсталација со приклучоци до градежната парцела.
Ставот 2 на овој член од Законот предвидува дека планирањето, проектирањето и изведувањето на инфраструктурата од став 1 на овој член се врши според просторните и урбанистичките планови, и актите што ги заменуваат тие планови како и според коефициентот на искористување на земјиштето утврден со плановите.
Во ставот 3 на овој член од Законот е определено дека уредувањето на градежното земјиште од ставот 1 на овој член може да биде извршено целосно или делумно, што го определува оштината или градот.
Согласно членот 4 на овој член од Законот степенот на уреденост на градежното земјиште поблиску го пропишува министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски.
Исто така, во членот 45 став 2 од Законот е предвидено дека начинот на пресметување на трошоците за уредување на градежно земјиште според степенот на уреденост поблиску го пропишува министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски.
Според членот 64 од Законот правните лица покрај средствата определени од член 62 на овој закон, надоместокот на градежно земјиште можат да го платат и со акции што тие ги издале според нивната номинална вредност при издавањето и претворање на износот на надоместот во сопственички удели на Републиката до висината на надоместокот.
Согласно ставот 2 на овој член од Законот, плаќањето на надоместокот од став 1 на овој член можат да го вршат правните лица откако се целосно трансформирани според одредбите од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал и е завршена постапката за денационализација на градежното земјиште.
Членот 66 став 2 од Законот предвидува дека по барањето за спроведување на трансформацијата на правото на користење на градежното земјиште во право на сопственост, одлучува министерот кој раководи со министерството за транспорт и врски.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Во членот 55 став 1 од Уставот е предвидено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
Согласно ставот 2 на овој член од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Согласно член 27 алинеја 9 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерството за транспорт и врски ги врши работите што се однесуваат на уредување на просторот и управувањето со градежното земјиште во сопственост на Републиката.
Во членот 49 од овој закон, меѓу другото, е предвидено министерот да го претставува министерството, да организира и обезбедува законито и ефикасно вршење на работите и задачите, да донесува прописи и други акти за кои е овластен и да презема други мерки од надлежност на министерството во согласност со закон.
Од наведените одредби произлегува дека уредувањето и химанизацијата на просторот се една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Исто така, од наведените одредби произлегува дека министерството за транспорт и врски, како орган на државната управа ги врши работите што се однесуваат на уредување на просторот и управување со градежното земјиште во сопственост на Републиката и дека министерот, како претставник на министерството е овластен да го пропишува степенот на уреденоста на градежното земјиште, да го определува начинот на пресметување на трошоците за уредување на градежното земјиште и да одлучува по барањата за трансформација на правото на користење на градежното земјиште во право на сопственост.
Всушност, според оценката на Судот, прописите што министерот ги донесува од оваа област се во функциија на операционализација на Законот за градежното земјиште.
Во врска со прашањето за дискреционото право на кое се повикува подносителот на иницијативата, Судот оцени дека од содржината на оспорените одредби од Законот не произлегува ваков вид на право на министерот да одлучува за која опција ќе се определи при утврдувањето на степенот на уреденоста на градежното земјиште или при утврдувањето на начинот на пресметувањето на трошоците за уредување на градежното земјиште, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со Уставот на Република Македонија од овој аспект.
Во однос на прашањето дали постои повреда на начелото на еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, односно помеѓу правните и физичките лица при определувањето на начинот на плаќањето на надоместок за трансформираното право на користење на градежното земјиште во право на сопственост, Судот оцени дека не постои повреда на ова начело, затоа што во случајов станува збор за различни начини за плаќање на надоместокот, во зависност од инструментите на плаќање со кои располагаат правните и физичките лица.
Имено, само правните лица, односно трговските друштва можат да издаваат акции што би ги пренеле на Републиката, односно да запишуваат удели во нејзина корист како замена на ефективното плаќање на надоместокот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.111/2003
3 март 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply