6/2004-0-0

6/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 март 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на членот 251 став 2 од Колективниот договор на Јавното претпријатие за производство, пренесување и дистрибуција на електрична енергија “Електростопанство на Македонија” Скопје, потпишан од претседателот на Управниот одбор на Јавното претпријатие и претседателот на Самостојниот синдикат на работниците од електростопанството на Македонија на 27 октомври 1998 година.
2. Валентина Јанаќијеска, Марјан Милески, Татјана Калевска, Томица Хлоупек, Горан Стојаноски и Диме Ѓорѓиоски од Кичево и Васко Костески од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативите се наведува дека според членот 250, овој договор е склучен на определено време од 3 (три) години од денот на потпишувањето, што значи дека овој договор е општ правен акт од темопорален карактер, бидејќи однапред било одредено времето на неговото важење. Според подносителите на иницијативата овој договор престанал да важи на 27 октомври 2001 година, кога истекло времето на важење од 3 (три) години, а потоа не било извршено продолжување на неговото важење согласно Законот за работните односи.
Според членот 251 став 1 од Договорот, важењето на овој договор можело да се продолжи со спогодба на учесниците, која што се склучувала најдоцна 30 дена пред истекот на важноста на договорот. Оваа одредба била во согласност со одредбата од член 95 став 2 од Законот за работните односи. Од истата одредба јасно се гледало дека спогодбата со која се продолжувала важноста на темпоралниот договор се регистрирала кај надлежниот орган од член 92 од Законот за работните односи. Понатамошната анализа на оваа одредба упатувала на заклучок дека се работи за императивна одредба, со која потполно и прецизно се утврдувал начинот на продолжувањето на темпоралниот општ правен акт.
Спротивно на членот 95 став 2 од Законот за работните односи, со одредбата од членот 251 став 2 од Колективниот договор, се предвидувало автоматско продолжување на договорот како темпорален општ правен акт, доколку потписниците на договорот не покренале постапка за измена и дополнување 30 (триесет) дена пред истекот на важноста на истиот.
Законот за работните односи не дозволувал продолжување на темпорален договор по автоматизам, туку исклучиво и изречно со спогодба, по писмен пат. Општите правни акти од темопорален карактер не можело да се продолжат молкум и по принцип на автоматизам под никаков услов.
Врз основа на изнесеното, подносителите на иницијативата предлагаат Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на законитоста на одредбата од членот 251 став 2 од Колективниот договор.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 250 од Колективниот договор, овој договор се склучува за време од три години од денот на потпишувањето.
Членот 251 став 1 од Колективниот договор утврдува дека важењето на овој договор може да се продолжи со спогодба на учесниците која се склучува најдоцна 30 дена пред да истече важноста на овој договор.
Според оспорениот член 251 став 2 од Колективниот договор, доколку потписниците 30 дена пред истекот не поведат постапка за измена и дополнување на овој договор, важноста на овој договор автоматски се продолжува.
4. Со членовите 84 до 97 од Законот за работните односи е разработена материјата што се однесува на колективните договори и тоа на општите и гранските колективни договори, како и на колективните договори на ниво на работодавец.
Имајќи го предвид карактерот на оспорениот колективен договор, како и наводите содржани во иницијативата, Судот особено внимание и посвети на законската регулатива што се однесува на колективните договори на ниво на работодавец.
Според членот 85 од Законот, колективен договор се склучува во писмена форма на неопределено или на определено време.
Оттука произлегува дека по својата правна природа, колективниот договор е формален акт кој задолжително се склучува во писмена форма и може да се склучи на неопределено или на определено време.
Согласно членот 90 од Законот, на ниво на работодавец колективен договор склучуваат управниот одбор или друг соодветен орган на управување утврден со закон, односно со статутот на работодавецот, односно работодавецот и синдикатот.
Членот 92 од Законот уредува дека општите и гранските колективни договори и нивните измени и дополнувања се регистрираат во органот на државната управа надлежен за работите на трудот и се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, за разлика од колективниот договор на ниво на работодавец кој се објавува на начин утврден во договорот.
Прашањето за престанок на важењето на колективниот договор е регулирано во членот 95 од Законот. Според овој член од Законот, колективниот договор престанува да важи со истекот на времето за кое е склучен. Важењето на колективниот договор може да се продолжи со спогодба на учесниците, која се склучува најдоцна 30 дена пред да истече важењето на колективниот договор и се регистрира кај надлежниот орган од член 92 на овој закон. Важењето на колективниот договор склучен на неопределено време може да престане со спогодба на учесниците на начин утврден со договор.
Во конкретниот случај, со оспорениот член 251 став 2 од Колективниот договор е изразена волјата на двата потписници на колективниот договор, според која важењето на колективниот договор автоматски се продолжува доколку потписниците на овој договор не поведат постапка за измена и дополнување на овој договор во рок од 30 дена пред истекот на важењето на овој договор.
Оттука произлегува дека писмено изразената волја на потписниците на колективниот договор за автоматско продолжување на договорот е услов за автоматско продолжување на колективниот договор утврден во самиот колективен договор, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 251 став 2 од Колективниот договор со одредбите од Законот за работните односи.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.6/2004
3 март 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply