Решение У.бр.168/2003

У.бр.168/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 декември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 11 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2003 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/2003), во делот “од Владата на Република Македонија”.

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Здружението на јавни и државни службеници од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членовите 11 и 12 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата Законот правел разлика меѓу раководните работници и раководните државни службеници кои ги именува Владата на Република Македонија и истоимените работници кои имаат еднаков општествен статус како именуваните од Владата, но кои ги немаат правата предвидени во членовите 11 и 12 од Законот.

Според наводите во иницијативата вработените во Министерството за внатрешни работи, исто така биле ставени во дискриминаторска положба во однос на раководните работници и раководните државни службеници именувани од Владата на Република Македонија.

Имено, повикувајќи се на членот 56 став 1 од Законот за внатрешни работи, според кој работник со решение може да биде распореден во организациона единица надвор од седиштето на Министерството на работно место кое одговара на неговата стручна подготовка заради немање на работници со соодветна стручна подготовка и работна способност за конкретните работи и задачи и заради стручна помош во извршувањето на работите и задачите на подрачната организациона единица и поефикасно извршување на функцијата на Министерството, подносителот на иницијативата смета дека по основ на постоење на иста околност – извршување на работните обврски по основ на добиено решение, со предвидувањето на поволностите за раководните работници и раководните државни службеници, работниците од Министерството за внатрешни работи биле ставени во понеповолна положба со што се повредувало начелото на еднаквост загарантирано со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека согласно членот 11 од Законот, на раководните работници и раководните државни службеници именувани од Владата на Република Македонија кај буџетските корисници, од денот на нивното именување заклучно со денот на нивното разрешување им следува надоместок на трошоци за одвоен живот од семејството во висина од 40% од просечната месечна нетто плата, исплатена во Република Македонија во претходните три месеци.

Надоместокот на трошоците за одвоен живот не им припаѓа на лицата од став 1 на овој член, доколку местото на живеење е оддалечено помалку од 100 километри од местото на работење.

Членот 12 од Законот предвидува на лицата на кои им следува право на користење на службен стан согласно со закон, доколку истиот не може да им биде обезбеден имаат право на надоместок за закупнина на стан. Владата на Република Македонија со одлука ќе ја определи висината на надоместокот за закупнина на стан.

Доколку се користи надоместок за закупнина на стан или службен стан, не се исплаќа надоместок за трошоци за одвоен живот.

5. Согласно член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Во членот 32 став 2 од Уставот е предвидено дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според ставот 5 на овој член од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно членот 51 став 1 од Уставот законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, како спорно пред Судот се постави прашањето дали раководните работници и раководните државни службеници, именувани од Владата на Република Македонија се ставени во попривилегирана положба во однос на раководните работници и раководните државни службеници, кои имаат ист статус, но кои се именувани од Собранието на Република Македонија, претседателот на Република Македонија итн.

Според член 6 точка 1 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003 и 40/2003) државните службеници во зависност од службените задачи што ги извршуваат се класифицираат во следните групи и звања:

I. раководни државни службеници
II. стручни државни службеници
III. стручно административни државни службеници.

Според точката 2 на член 6 раководни државни службеници се: генерален секретар, односно државен секретар, државен советник, раководител на сектор, помошник раководител на сектор и раководител на одделение.

Во член 2 од Законот за изменување на Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.98/2003) со кој се менува член 85 е предвидено дека раководните работници именувани според Законот за органите на управата со денот на влегување во сила на овој закон, стекнуваат звање согласно со член 6 од овој закон и ќе примаат плата соодветно на звањето и работното место на кое се распоредени согласно со актот за систематизација на работните места, според постојниот начин на исплата на плати во органите од член 3 на овој закон се до отпочнувањето на примена на системот на плати утврден согласно со овој закон.

Имајќи ги предвид одредбите од член 9, член 32 став 2 и член 51 од Уставот на Република Македонија, одредбите од Законот за државните службеници, содржината на член 14 став 4 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2003 година, како и фактот што принципот на еднаквоста подразбира со еднаквите еднакво да се постапува, пред Судот се постави прашањето дали со наведената одредба која се однесува само на некои корисници на средства од Буџетот на Република Македонија, односно само за раководни работници и раководни државни службен ици именувани од Владата, а не и раководни работници и раководни државни службеници именувани од Собранието, Претседателот на Републиката, Уставниот суд на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија, Републичкиот судски совет, Народниот правобранител, Агенцијата за државни службеници, Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство кои се во иста општествена положба, а остваруваат средства од тој ист извор, се доведува во прашање принципот на еднаквоста.

Имено, независно што со Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2003 година, се уредува една посебна сфера на дејности кои се финансираат од посебни извори и на посебен начин и кои подлежат на посебни ограничувања како дејности на јавна потрошувачка, Судот оцени дека со правењето дистинкција помеѓу раководните работници и раководните државни службеници именувани од Владата на Република Македонија и останатите раководни работници и раководни државни службеници именувани од Собранието на Република Македонија, претседателот на Републиката и други органи, се повредува начелото на еднаквост загарантирано со Уставот на Република Македонија.

Од тие причини, Судот оцени дека може основано да се постави прашањето за уставноста на членот 11 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2003 година во делот “од Владата на Република Македонија”.

6. Што се однесува до прашањето за правото на користење на службен стан или правото на надоместок на закупнина на стан, доколку службениот стан не може да им биде обезбеден, Судот смета дека општествениот статус на раководните и раководните државни службеници кои се именувани за определен мандат сам по себе бара посебно ангажирање и одговорност во извршувањето на задачите за кои се именувани, што налага и поинакви услови за извршување на тие задачи за време додека се именувани на тие работни места.

Од тие причини, Судот оцени дека законодавецот е овластен да предвиди одредени предуслови (надомест на трошоци за одвоен живот, право на користење на службен стан или надомест на закупнина на стан доколку не живеат во местото каде ја извршуваат функцијата), а се со цел за нејзиното поуспешно извршување.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека од овој аспект, не би можело да се постави прашањето за повреда на начелото на еднаквоста помеѓу овие две категории работници.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.168/2003
24 декември 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply