128/2003-0-0

128/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 декември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Програмата за утврдување на потребата од воведување на економски, структурални и слични промени со предлог за решавање на правата на работниците за чија работа престанала потребата во АД “Електростопанство на Македонија” УО.бр.02-3587/5/3 донесена од Управниот одбор на АД ” Електростопанство на Македонија” во државна сопственост – Скопје на 25 мај 2003 година.
2. Димитар Радински и Дејан Бошковски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведуваат членовите 125 и 126 од Законот за работните односи според кои на работникот може да му престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени во случај кога работодавецот има намера да воведе поголеми промени во производството, реорганизацијата, структурата и технологијата, а кои ќе предизвикаат потреба од намалување на бројот на работниците. Пред да ги воведе промените работодавецот е должен претходно да ги информира работниците и Синдикатот за видот на промените и нивните последици од престанокот на работниот однос на работниците, бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос, мерките што ќе ги преземе за спречување и ублажување на последиците од таквите промени и правата на работниците што ќе ги обезбеди.
Според подносителите на иницијативата со наведената Програма во АД ” Електростопанство на Македонија” не се воведуваат никакви промени во производството, програмата, реорганизацијата, структурата или технологијата на “Електростопанство на Македонија”, а се искажува бројка од 1100 работници за чија работа престанала потребата поради економски, технолошки, структурални или слични промени. Во програмата само таксативно се наведуваат мерки за ублажување на последиците, односно работодавецот само се декларира дека такви мерки ќе преземе, а во суштина тоа не го прави.
Со оглед на тоа што според цитираните законски одредби на работникот може да му престане работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени само во случај ако работодавецот воведува поголеми промени во производството, реорганизацијата, структурата и технологијата, со наведената Програма се повредуваат правата на работниците бидејќи со Програмата такви промени не се воведуваат од страна на АД “Електростопанство на Македонија” како работодавец, поради што истата е во спротивност со цитираните законски одредби и како таква не може да послужи како основа за престанок на работниот однос на работниците.
На крајот подносителите на иницијативата бараат Судот до конечното одлучување да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти – решенија за престанок на работниот однос издадени од генералниот директор на АД ” Електростопанство на Македонија” – Скопје.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорената Програма се утврдува потребата од воведување на економски, структурални и слични промени со предлог за решавање на правата на ра-ботниците за чија работа престанала потребата во АД “Електростопанство на Македонија”, во државна сопственост, Скопје.
Програмата содржи анализа на постојната состојба на друштвото (основање, фирма и седиште, предмет на работење на друштвото и организациона поставеност на друштвото); анализа на промените кои ќе бидат воведени со посебен осврт на причините за потребата од воведување на промените во друштвото; број и квалификациона структура на работници за чија работа престанува потребата во друштвото; мерки кои ќе се преземат за ублажување на негативните последици; начин на решавање на правата на работниците за чија работа престанала потребата ; обезбедување на финансиски средства, како и носители и рокови на активностите за реализација на програмата.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Тргнувајќи од содржината на оспорената Програма, Судот оцени дека таа е акт на работење на АД “Електростопанство на Македонија” во државна сопственост Скопје, поради што не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот и не подлежи на уставносудска оценка.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.128/2003
17 декември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply