114/2003-0-0

114/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 и 11 декември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 16 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија во делот “воено лице” (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002, 98/2002 и 25/2003).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се поставува прашање дали сите воени лица имаат право на штрајк, а особено војниците на служење на воен рок, питомците на Воената академија, како и воените обврзници во резервниот состав на Армијата, бидејќи овие воени лица не остваруваат економски и социјални права додека се во Армијата и поради тоа не се вклучени – зачленети во синдикат. Според подносителот на иницијативата, право на штрајк во вооружените сили имаат само вработените, а не и воените обврзници кои ја извршуваат воената обврска на служење воен рок и служење во резервниот состав. Според тоа, со оспорениот дел од членот 16 од Законот, се повредуваат членовите 8 став 1 алинеја 3, 28, 32 став 5, 37, 38 и 51 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 16 од Законот, право на штрајк во согласност со закон воено лице може да оствари најмногу еднаш во текот на годината.
4. Од содржината на поднесената иницијатива произлегува дека подносителот на иницијативата поставува прашање дали сите воени лица имаат право на штрајк, а особено војниците на служење воен рок, питомците на Воената академија и воените обврзници во резервниот состав на Армијата.
Истовремено, подносителот на иницијативата одговара дека војниците на служење воен рок, питомците на Воената академија и воените обврзници во резервниот состав на Армијата, не остваруваат економски и социјални права додека се во Армијата и не се членови на синдикат па поради тоа овие лица не можат да го остваруваат правото на штрајк во вооружените сили. Ова право можат да го остваруваат само воените лица вработени во вооружените сили.
Врз основа на наведеното, според мислењето на Судот, подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да даде толкување дали право на штрајк имаат сите воени лица или само оние кои имаат засновано работен однос.
5. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Оттука произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да толкува одредби од закони, поради што, согласно член 28 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи иницијативата да ја отфрли.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.114/2003
10 и 11 декември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply