130/2003-0-0

130/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 ноември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точките 5.3. од Процедурите за организирање јавна берзанска аукција на акции, од 20 мај 2003 година и Процедурите за организирање јавна берзанска аукција на удели, од 11 јуни 2003 година донесени од Одборот на директори на Македонската берза АД-Скопје.

2. Јанко Бачев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точките 5.3. од Процедурите донесени од Одборот на директори на Македонската берза АД-Скопје означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените точки од Процедурите било предвидено секоја аукција да трае по 40 минути и да се врши во две сесии: 20 минути за плаќање во готово и 20 минути за плаќање со хартии од вредност издадени од Република Македонија. Доколку не се извршела трансакција во првата сесија, акциите и уделите се нуделе на продажба во втората сесија, доколку ваквиот начин на продажба претходно го објавиле учесниците од продажната страна. Со оглед на тоа што потенцијалните купувачи биле рангирани во последователните сесии со можност за меѓусебно исклучување во зависност о д начинот на плаќањето (плаќање во готово или со хартии од вредност), се вршело рангирање на привилегирана група на купувачи и приоритет имале тие кои плаќале во готово наспроти другите купувачи кои плаќале со хартии од вредност.

Поради тоа, во иницијативата се наведува дека оспорените точки 5.3. од наведените Процедури биле спротивни на членот 22 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал и на одредби од други закони, и биле спротивни на определбите во Уставот во членот 9 став 2 според кој граѓаните се еднакви пред Уставот и законите и членот 52 кој се однесува на тоа дека законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Исто така, со иницијативата се бара согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Репу блика Македонија, Судот да донесе решение за запирање од извршување на оспорените Инструкции.

3. Судот на седницата утврди дека Одборот на директори на Македонската берза АД-Скопје на 20 мај 2003 година донел Процедури за организирање јавна берзанска аукц ија на акции, а на 11 јуни 2003 година донел Процедури за организирање јавна берзанска аукција на удели. Овие Процедури, како точка 5 содржат идентични одредби за одржување и времетраење на аукцијата, освен што првиот акт се однесува на акции, а вториот акт се однесува на удели. Во точката 5 од Процедурите е предвидено:

“5.1. Аукцијата преку електронски систем на Берзата се одржува секој работен петок од 9:30 до 13:30 часот.

5.2. Во текот на денот се организираат 6 аукции, на кои по правило се нудат најмногу по 10 акции-удели, по аукција. По потреба, бројот на акции-удели кои се нудат на продажба по аукција, може да биде поголем, односно помал од 10 акции-удели.

5.3. Секоја аукција трае по 40 минути и се одвива во две сесии: 20 минути за плаќање во готово и 20 минути за плаќање со хартии од вредност издадени од Република Македонија. Доколку не се изврши трансакција во првата сесија, акциите-уделите се нудат на продажба во втората сесија, доколку учесниците од точката 3.1. во аукцијата претходно го објавиле ваквиот начин на продажба” .
Процедурите во точката 3.1. предвиделе дека учесници во аукцијата од продажната страна се Агенцијата за приватизација и други државни институции кои поседуваат акции – удели во трговските друштва, односно застапуваат државна институција која ги поседува истите.

4. Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр. 38/1993, 48/1993, 21/1998, 25/1999, 39/1999, 81/1999, 49/2000, 6/2002 и 31/2003) во членот 1 став 1 определил дека предмет на уредување со овој закон се условите, начинот и постапката за трансформација на претпријатијата со општествен капитал во претпријатија во кои е определен сопственикот, како и начинот и постапката за продажба на акциите и уделите кои во постапката за трансформација и се издадени на Агенцијата.

Во главата ВИИ -а од овој Закон – Продажба на акциите и уделите издадени на Агенцијата, се содржани одредби кои ја регулираат продажбата на акциите и уделите издадени на Агенцијата, а во тие рамки и правата и обврските кои произлегуваат од продажбата на акциите и уделите.

Имено, според членот 95 став 1 и став 3 од Законот, акциите и уделите издадени на Агенцијата согласно одредбите на овој закон, Агенцијата ги става на продажба, а начинот и постапката за нивна продажба поблиску ги пропишува Владата на Република Македонија.

Со членот 95 – а став 1 од овој Закон е пропишано дека акциите и уделите од член 95 став 1 на овој закон, се продаваат по пат на јавна берзанска аукција, согласно со процедурите за тргување на акциите и уделите донесени од страна на берзата врз основа на претходно добиено мислење на Агенцијата.

Со одредбите на став 2, став 3 и став 4 од овој член од Законот, предвидени се исклучоците од продажбата на акциите и уделите и дека за нив соодветно се применуваат одредбите на член 48 став 3, член 50, член 50-а и член 62 став 2 и 3 од овој закон, кои се однесуваат на трансформацијата на малите и средни претпријатија.

Според ставот 5, одлуката за продажба на акциите и уделите освен за исклучоците од ставот 2 на овој член од Законот ја донесува Управниот одбор на Агенцијата, а според ставот 6, продажбата на акциите и уделите се врши во пакет, а налогот за продажба го издава директорот на Агенцијата.

Понатаму, во Законот со членот 95-б е уредено дека плаќањето на акциите и уделите може да се врши во готово или со хартии од вредност издадени од Република Македонија, а според членот 95 –в, почетната продажна цена на акциите и уделите, предмет на продажба, ја утврдува Управниот одбор на Агенцијата.

Според Судот од изнесените одредби од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, произлегува дека во уредувањето на прашањето за продажба на акциите и уделите кои во постапката на трансформација и се издадени на Агенцијата на Република Македонија за приватизација, законот ги пропишал правата и обврските на субјектите во односите на продажбата на акциите и уделите што се врши по пат на јавна берзанска аукција, препуштајќи го само нејзиното реализирање да се разработи со техничко нормирање преку процедури за тргување на акциите и уделите, кои се донесуваат од страна на берзата врз основа на претходно добиено мислење на Агенцијата која е продавач во тргувањето.

Законското овластување за донесува ње на Процедурите за организирање јавна берзанска аукција на акции и Процедурите за организирање јавна берзанска аукција на удели, од страна на Одборот на директори на Македонската берза АД – Скопје со претходно добиено мислење од Агенцијата, произлегува од о дредбата на членот 95-а став 1 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, и според Судот овие процедури по својата суштина само ја операционализираат работната постапка на тргувањето на берзата за акциите и уделите кои и се издадени на Агенцијата и таа ги продава. Имено, процедурите содржат технички норми во кои се и оспорените точки 5.3 од Процедурите, па оттука за ваков вид на акти со норми за реализација на права и обврски на субјектите во правото кои се утврдени со закон, Судот утврди дека не претставуваат пропис подобен за уставно-судска оценка во смисла на членот 110 од Уставот на Република Македонија, и Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Неподобноста на оспорениот акт за уставно-судска оценка претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата, па според изнесеното становиште, Уставниот суд одлучи да ја отфрли иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92).

Соодветно на изнесеното правно мислење Судот оцени дека и по однос на барањето во иницијативата за запирање на извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорените акти, не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.130/2003
5 ноември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply