44/2003-0-0

44/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 25 јуни 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 9 од Законот за изменување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија (” Службен весник на Република Македонија” бр.98/2002).
2. Самостојниот синдикат на вработените во одбраната, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 9 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорениот член од Законот се брише членот 254 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.62/2002), а со тоа се предизвикала правна празнина која ја загрозувала правната и социјалната сигурност на вработените во Армијата на Република Македонија бидејќи тие биле доведени во ситуација да немаат право на плата и надоместоци во периодот до 1 март 2003 година кога требало да започне примената на системот на плати и надоместоци на плати, согласно со членот 12 од Законот за изменување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Од овие причини се предлага Судот да го укине оспорениот член од Законот со што ќе го врати во важност членот 254 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Имено, оспорената одредба од Законот би ла во несогласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 32 став 2 и 5, членот 34, членот 51 и членот 54 став 1 и 3.
3. Судот на седницата утврди дека Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002), во делот на преодните и завршни одредби со членот 254, предвидел дека воените и цивилните лица кои засновале работен однос со Министерството за одбрана до денот на влегувањето во сила на овој закон согласно со прописите кои биле во сила продолжуваат да ја примаат платата која ја примале пред влегувањето во сила на овој закон, се до отпочнување на примената на системот на плати утврден согласно со овој закон.
Системот на плати и надометоци на плати на воените лица е уреден во главата ЏИ од Законот, со членовите од 144 до 163.
Согласно членот 263 од овој Закон, примената на овие одредби од глава ЏИ било предвидено да започне од 1 јануари 2003 година, меѓутоа со членот 12 од Законот за изменување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, нивната примена е одложена да започне од 1 март 2003 година.
Со Законот за изменување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.98/2002) во членот 9 е утврдено дека се брише член 254 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.
4. Разгледувајќи ја иницијативата Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по неа затоа што согласно членот 110 став 1 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Според оваа уставна одредба, Уставниот суд не е надлежен да врши изменување и дополнување на законите и другите прописи ниту, пак, е во негова надлежност да ја оценува уставноста на одредби што не се во правниот поредок.
Од друга страна, согласно членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите, па според тоа исклучиво право е на Собранието да врши нивно изменување и дополнување.
Со оглед на тоа што во иницијативата се бара Уставниот суд со укинување на оспорениот член од Законот да го врати во важење членот 254 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, за што не е надлежен, согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.44/2003
25 јуни 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply