28/2003-0-0

28/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 14 мај 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката бр.07-720/2 од 5 јули 2001 година на Советот на општина Карпош, за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план на урбанистичката единица населба Влае (МЗ Влае 1 – н. Маврово и Водовод).
2. Милорад Миновски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата постапката за донесување на оспорената одлука била спроведена спротивно на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање поради тоа што не биле земени во предвид забелешките на иницијаторот кои ги поднесол во јавната анкета спроведена по нацрт планот и тој не бил известен за причините поради кои приговорот не у бил прифатен. Со оглед на тоа што при планирањето на просторот не се имала во предвид фактичката состојба на земјиштето од дворното место на кое иниција торот имал право на користење и бил сопственик на шупи кои сега со измените на планот не се предвидувале и токму тој дел од земјиштето се предвидува за проширување на дворното место на соседот, иницијаторот смета дека парцелацијата на дворните места не е о бјективно и правично вршена и не е спроведена стручна ревизија на нацрт планот. Поради тоа се предлага Судот да поведе постапка за оценување законитоста на оспорената Одлука и се бара Судот да донесе решение за привремена мерка со која ќе се спречи примената на планот донесен со оспорената Одлука.
3. Судот на седницата утврди дека според содржината на оспорената Одлука во членот 1 се определува дека се врши изменување и дополнување на Одлуката за донесување на ДУП за урбанистичката единица населба Влае (МЗ Влае 1 – н. Маврово и Водовод), Скопје и дека истата во целост е изработена согласно одредбите за спроведување на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, барањата во Програмата за содржината на Планот и постојните стандарди и нормативи за планирање на просторот.
Со членот 2 од оваа одлука, всушност се врши додавање на нова точка 1-е во членот 1 на дотогаш постојната Одлука за донесување на ДУП за оваа урбанистичка единица. Со неа се определува дека просторот за кој се донесува изменувањето и дополнувањето на ДУП, е со површина од 7, 17 ха, потоа се определува границата на урбаниот зафат и дека во овие граници се предвидуваат повеќе намени односно објекти за индивидуално и колективно домување, за јавни функции и канцеларија на месна заедница, максималната височина на планираните објекти, просечен процент на изграденост и друго.
Со членот 3 од Одлуката се определува содржината на изменувањата и дополнувањата на планот, односно дека тие содржат текстуален и графички дел. Во членот 4 се утврдува дека ДУП се заверува со печат на Советот на општината Карпош и потпис на претседавачот на Советот, во членот 5 се утврдува обврската на надлежниот орган (одделението за урбанизам, уредување на градежното земјиште, комунална инфраструктура и заштита на животната средина на Општината) во определениот рок од 60 дена да обезбеди комплетна документација за реализација на Планот, а во членот 6 се утврдува органот каде ќе се чува Планот, со сите негови делови.
Според членот 7 од Одлуката, оваа Одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Град Скопје”.
4. Согласно членот 8 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96, 28/97, 18/93 и 53/01), во членот 1 утврдил дека со овој закон меѓу другото се уредува планирањето на просторот, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите и утврдувањето на услови за градба.
Со иницијативата подносителот ја оспорува Одлуката бр.07-720/2 од 5 јули 2001 година на Советот на општина Карпош-Скопј е, за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на ДУП на урбаната единица – населба Влае (МЗ Влае И – н. Маврово и Водовод) поради тоа што постапката за планирање на просторот со наведените измени и дополнувања на планот била водена спротивно на одредбите од Законот за просторн о и урбанистичко планирање. Оттука, Судот се впушти во преиспитување на законитоста на оспорената Одлука од аспект на постапката за нејзино донесување, во која всушност и се остварува заштитата на правата и интересите на заинтересираните страни.
Врз основа на предложената документација Судот утврди дека врз основа на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96, 28/97 и 18/99) односно пред влегувањето во сила (20 јули 2001 година) на измените и дополнувањата на Законот (“Службен весник на РМ” бр.53/2001) е започната постапката за измените и дополнувањата на планот и е донесена оспорената Одлука. Главниот архитект на градот Скопје дал иницијатива на 14.03.2000 година до општината Карпош-Скопје, за измени и дополнувања на ДУП за предметната урбана единица, по што Елаборатот на Нацрт-планот бил изготвен од АД за урбанизам, архитектура и инженеринг ЗУАС – Скопје и на истиот е извршена стручна ревизија од страна на ИН-ПУМА – Скопје под бр.0301-52/6 во март 2000 година.
Ова е во согласност со членот 19 од Законот според кој пред организирањето на јавна анкета за нацртот на деталниот урбанистички план, се врши стручна ревизија од страна на стручно-научна институција или комисија што ги определува министерот надлежен за работите на урбанизмот.
Исто така, по Нацрт-планот е дадено стручно мислење од Главниот архитект на Градот Скопје, под бр.18а – 965/1 од 20.06.2000 година, согласно со членот 52 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.52/95), кој бил во важност во време на постапката, а која одредба предвидувала дека главниот архитект на градот дава стручно мислење на деталните урбанистички планови и урбанистичките и архитектонско-урбанистичките проекти.
Воедно, за Нацрт-планот е дадено стручно мислење од страна на Министерството за транспорт и врски, под бр.10-6981 од 20.10.2000 година, во кое се изнесени забелешки и е дадено мислење дека по вградувањето на сугестиите и забелешките од стручната ревизија и од стручното мислење на министерството, постапката за донесување на измените и дополнувањата на планот може да предложи.
Изготвувачот на планот, АД за урбанизам, архитектура и инженеринг ” ЗУАС” – Скопје, дало одговор бр.07-985/1 од 29.11.2000 година до општината Карпош-Скопје, за забелешките во наведеното стручно мислење од надлежното министерство, и за нивно усогласување во планот.
Советот на општината Карпош, донесол заклучок бр.07-855/7-1 од 27 декември 2000 година со кој ја утврдил нацрт-Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на ДУП за населба Влае (МЗ Влае И – населба Маврово и Водовод) и утврдил да се организира јавна анкета. Јавната анкета, е заклучено, да се спроведе со излагање на Планот на јавно место во општината Карпош и да трае 20 дена, за што ќе се објави соопштените во јавно гласило и општината треба да изготви извештај за јавната анкета со образложение за неприфатените забелешки на граѓаните.
Соопштението за јавна анкета по Нацрт-Одлуката, било објавено во весникот ” ;Утрински весник” на 25 јануари 2001 година и се известуваат заинтересираните лица дека на анкетни листови можат да ги изнесуваат своите забелешки во рок од 20 дена од денот на објавување на соопштението.
Ова е во согласност со членот 18 од Законот, според кој јавна анкета и за нацртот на деталниот урбанистички план, се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила, а извештај со образложение за неприфатните забелешки, изработува општината.
Од списите за спроведената јавна анкета, Судот утврди дека иницијаторот Милорад Миновски поднесол анкетен лист бр.35 во кој ги изнел своите забелешки. Во Извештајот на општина Карпош, бр.08-сл. од 20.06.2001 година се изнесени образложенија за приговорите од 130 анкетни листови и причините за неприфатените забелешки. Исто така, и по однос на приговорот на подносителот на иницијативата, е дадено образложение дека со измените на планот не се предвидува задржување на постојната состојба на дел од земјиштето од катастарската парцела на кое наведеното лице е корисник и шупите кои постојат не се предвидуваат со планот. Во анкетниот лист на иницијаторот бил содржан и приговор по друго прашање кој е прифатен.
По однос на овој дел од постапката за кој и се однесува иницијативата, Судот оцени дека таа била спроведена согласно со одредбите од Законот, со оглед на тоа што неспорно е дека во рамките на јавната анкета бил разгледуван анкетниот лист на иницијаторот и биле третирани изнесените забелешки. Меѓутоа, неприфаќањето на приговорот кој иницијаторот го изнел во однос на шупите кои не се задржувале со планот во рамките на земјиштето од катастарската парцела која тој ја користел и овој дел од земјиштето се предвидува за друга намена, според наше мислење е и клучен мотив за оспорување на Одлуката со поднесената иницијатива, не претставува аргумент дека постапката во овој дел, е незаконита. Имено, причините за неприфаќање на забелешките во анкетниот лист на иницијаторот, не можат да бидат предмет на оценка од страна на Уставниот суд, а исто така од Законот не произлегува дека одговор за неприфатените забелешки во анкетните листови треба да се доставува поединечно на лицата кои ги поднесле анкетните листови. Во контекст на ова може да се укаже дека и самото планирање на просторот кое се врши во постапка и од надлежни органи согласно со закон, по својата суштина е менување на постојната состојба на просторот и планирање на поинаква содржина на намени и објекти на земјиштето, кое во иднина може да се реализира.
Исто така, во текот на постапката бил изготвен Предлог – план со тех. бр.858/2000, во јуни 2001 година и по оваа фаза на постапката Советот на општината Карпош ја донесол оспорената Одлука бр.07-720/2 од 5.07.2001 година, која била објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.12/2001.
Ова е во согласност со членот 22 став 5 од Законот, спорд кој општината од подрачјето на Град Скопје донесува детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место за подрачјето на општината.
Министерството за транспорт и врски дало согласност под бр.13-7692 од 30.07.2001 година, за спроведување на ДУП за населба “Маврово и Водовод” МЗ “Влае И ” – Скопје, согласно со членот 22 став 6 од Законот, според кој и деталниот урбанистички план може да се спроведува само по издавање на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот.
Поаѓајќи од изложената фактичка и правна состојба, Судот оцени дека оспорената Одлука е донесена во согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96, 28/97 и 18/99) кои биле во важност во текот на спроведувањето на постапката, а пред влегувањето во сила на Законот за измени и дополнувања на овој Закон (” Службен весник на РМ” бр.53/2001), па со оглед на тоа не се сторени повреди на одредбите од Законот на кои се укажува во иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Тргнувајќи од околноста дека нема основ за поведување постапка за оценување законитоста на оспорената Одлука, произлегува дека не се исполнети условите за изрекување на привремена мерка од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд, поради што Судот одлучи да не издаде решение за привремена мерка.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.28/2003
14 мај 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply