Решение У.бр.127/2002

У.бр.127/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 7 мај 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 57-а и 57-б од Законот за надворешно – трговското работење (“Службен весник на Република Македонија” бр. 31/93, 41/93, 59/96, 15/97, 13/98, 13/99, 50/99, 82/99, 4/2001 и 2/2002).

2. Стопанската комора на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 57-а и 57-б од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата намените од членот 57- б од Законот за кои се воведува плаќање на надоместокот како јавна давачка, по својата природа и карактер претставувале типично деловни, односно стопански дејности, кои спаѓаат во сферата на претприемништвото.

Затоа, подносителот смета дека не е во согласност со Уставот Министерството за економија, односно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како органи на државната управа, да вршат зафаќање од сите деловни субјекти средства со цел, тие, наместо самите субјекти според нивниот интерес и потреби непосредно или посредно да се бават со стопански, односно деловни активности какви што се оние утвредни во членот 57-б.

Доколку се ценело дека наведените дејности за кои се воведува надоместокот треба да се вршат како јавни дејности, тогаш, според подносителот на иницијативата овие дејности требало да се прогласат како дејности од јавен интерес, па во таков случај државата, преку основање на јавно претпријатие, да се јави како претприемач, и да се бави со овие дејности, односно услуги, за чие вршење ќе наплатува и соодветен надоместок, во зависност од интересот, потребите и барањата на стопанските субјекти за таквите услуги.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека надоместокот што се воспоставува со оспорениот член 57-а, според член 33 од Уставот неможе да има карактер на јавна давачка и да го плаќаат сите деловни субјекти без оглед дали некои од нив постојано се занимаваат со надворешна трговија, односно извоз и увоз, или пак само еднократно извршиле некој увоз или извоз и не им е потребна никаква подршка во надворешната трговија.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорените одредби од Законот не биле во согласност со Уставот и поради тоа што и под претпоставка овие дејности да можат да се дефинираат како државни функции, надоместокот како јавна давачка според Уставот не можел да биде непосреден приход на Министерството за економија, но само на Буџетот на Република Македонија.

Членот 57-б од Законот не бил во согласност и со член 55 од Уставот, бидејќи со него се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото, како и слободната иницијатива на стопанските субјекти.

И на крајот, се наведува дека овие членови не биле во согласност со Уставот затоа што за иста функција на орган на државната управа, деловните субјекти кои се бават со увоз или извоз плаќале данок, односно јавна давачка по два основа.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 57-а од Законот “; Деловните субјекти што вршат увоз и извоз на производи, стоки и услуги плаќаат надоместок.

Обврзниците се должни да го платат надоместокот на посебна сметка на Министерството за економија.

Обврската за плаќање на надоместокот настанува во моментот на увозното, односно извозното царинење на производите, стоките и услугите.

Обврзникот задолжително го презентира пред царинскиот орган доказот за платениот надоместок во корист на сметката на Министерството за економија, при поднесување на царинската декларација.

Основицата за пресметување на надоместокот е основи-цата врз која се пресметува царината.

Стапката на надоместокот изнесува 0,1% од утврдената царинска основица.”

Во оспорениот член 57-б пак е утврдено дека:

“Средствата за надоместокот се рапоредуваат по една третина за следните намени: потикнување на индустриското производство и извозот на индустриски производи; унапредување на надворешно-трговската размена на стоки и услуги и развој и унапредување на земјоделското производство и извоз на земјоделски производи.

Средствата ќе се користат врз основа на Програма која на предлог на Министерот за економија и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ја донесува Владата на Република Македонија.”

Судот на седницата, исто така, утврди дека овој вид на надоместок за прв пат е воведен во 1999 година, со дополнувањата на Законот за надворешно – трговско работење извршени во таа година. (“Службен весник на Република Македонија” бр. 50/99).

Со новиот Закон за надворешно-трговско работење (“Службен весник на Република Македонија” бр. 45/2002), кој што влезе во сила на почетокот на јули месец 2002 година, не е предвидено плаќање на ваков надоместок. Меѓутоа, во членот 25 од овој закон е утврдено дека со неговото влегување во сила престанува да важи Законот за надворешно-трговското работење од 1993 година, со сите негови изменувања и дополнувања и тоа заклучно со изменувањата и дополнувањата објавени во “Службен весник 2/2002”, освен членовите 7 став 5, 11-а, 57-а, 57-б, 57-г, 79, 84 точка 11-а, 87 точка 1, 88 ставови 1 и 5 во однос на членовите 79 и 87 точка 1, кои ќе се преименуваат до 31 декември 2005 год.

4. При оценување на уставноста на оспорените членови од Законот, Судот го имаше предвид членот 33 од Уставот, во однос на кој главно и се оспорувше нивната уставност.

Имено, според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намиру-вањето на јавни расходи утврдени со закон.

Смислата и содржината на оваа уставна одредба е утврдувањето општа обврска на сите субјекти, а не само на граѓаните, во Републиката, за обезбедување финансиски средства за функциите на државата утврдени со Уставот и со закон, а кои ги вршат нејзините органи и институции.

При тоа Уставот именува само еден вид на јавна давачка-данокот, секако најизразит вид на алиментирање на државата, а другите видови ги предостава на закон.

Освен тоа, Уставот упатува данокот и сите други јавни давачки да се плаќаат на начин утврден со закон. Во тој поглед во соодветните закони, при утврдувањето на видовите даноци и другите јавни давачки ќе мора да се утврдат субјектите кои се должни да ги плаќаат тие давачки, основот, односно предметот за кои се однесува плаќањето, нивната основица, висина и сл.

Разгледувајќи ги оспорените членови, а особено член 57-а од Законот во однос на наведената смисла и содржина на член 33 од Уставот, Судот утврди дека надоместокот од наведениот член од Законот по својот вид и карактер претставува јавна давачка бидејќи за неговото плаќање се утврдени сите елементи како и за другите видови јавни давачки, со еден спецификум, а тоа е што за разлика од другите јавни давачки, во конкретниот случај се определени и намените и целите за користење на средствата од надоместокот, односно однапред се знае за што ќе се наменат приходите од оваа јавна давачка.

Тоа што овој надоместок не е директен приход на Буџетот на Република Македонија, но се уплаќа на сметка на Министерството за економија и користењето на средствата од надоместокот е врзан со Програма што ја носи Владата на Република Македонија, не е причина и аргумент надоместокот да не се смета како јавна давачка во смисла на член 33 од Уставот.

Исто така, според мислењето на Судот со воведувањето на обврската за плаќање на овој надоместок при увоз и извоз на производи, стоки и услуги по стапка од 0,1% од утврдената царинска основица не се воведува двојно оптоварување на субјектите кои вршат увоз и извоз, од кој аспект исто така се оспоруваат наведените членови од Законот. Ова од причина што овој надоместок не може да се поистовети со царината, бидејќи надоместокот и царината претставуваат две различни давачки со оглед дека царината е посреден данок, односно давачка која практично не ја плаќа обврзникот, но крајниот корисник (граѓанинот) преку цената на прозводот или услугата, а во случај на надоместокот не е така. Плус тоа, средствата што се собираат по овој основ не претставува чист трошок на државата, но инвестирање во развојот и унапредувањето на намените за кои е воведен овој надоместок од што имаат корист самите субјекти, а со кофинансирањето на некој начин им се враќаат овие средства.

Поради напред наведеното Судот оцени дека оспорените одредби од Законот не се во несогласност со членот 33 од Уставот на Република Македонија, поради што и не го постави прашањето за нивната согласност со овој член од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.127/2002
07 мај 2003 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply