Решение У.бр.201/2002

У.бр.201/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 23 април 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на Програмата за продажба на деловните згради и деловните простории, донесена од Управниот одбор на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор бр.02-526/8 од 20 март 1995 година.

2. Јанко Бачев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија врз основа на интерен акт при огласена лицитација на деловен простор помеѓу останатите услови (цена постигната на лицитација и пресметан данок) при склучување на договор за купорпдажба на излицитиран деловен простор наплатува од купувачот дополнителен износ од 3% од постигнатата цена на лицитација, што не е во согласност со член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој собранието ги утврдува јавните давачки.

3. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија на 20 март 1995 година, донело Програма за продажба на деловни згради и деловни простории на Република Македонија во ИИ тромесечие за 1995 година. На оваа програма Владата на Република Македонија на 8 мај 1995 година дала согласност.

Во Програмата покрај другото е предвидено дека “со Законот за продажба на деловните згради и деловните простории на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.2/94) е создадена обврска и поблиску се определуваат условите, начинот и постапката за продажба на деловните згради и простории на кои права, должности и одговорности во поглед на користењето, управувањето и располагањето го има Република Македонија.

Имено, според член 15 од Законот за продажба на деловните згради и деловните простории на Република Македонија, продажбата на деловниот простор треба да се врши според годишна програма што ја донесува Владата на Република Македонија.

Во рамките на вака утврдените обврски со овој акт се исполнуваат дел од задачите во погоре цитираниот член од Законот.

Преку ваквото искажување и превземање на претходни припреми и мерки за реализација на задачата, се има намера да се постигне подобар финансиски ефект како приход од Буџетот на Републиката, како и отпочнување процесот на приватизацијата и во оваа област.

Поаѓајќи од фактот што се исполнети сите претходни дејствија околу принципиелните плански основи, во Програмата преку заклучните обврски, предвидена е меѓу другото, непосредната контрола на соодветните министерства за водење грижа околу продажбата на деловниот простор и уплатата на паричните средства во Буџетот на Република Македонија.

Вкупниот број на деловните единици што ќе бидат предмет за продажба во ИИ -то тромесечие во 1995 година со податоци за локалитет, корисник, површина во м 2 и вкупна вредност на објектот во бодови се прикажуваат во преглед”.

Понатаму во Програмата е даден преглед на деловните згради, деловните простории по подрачни единици, по површина и просечна цена.

Во Програмата исто така е предвидено дека цената на услугите за реализација на оваа програма ќе изнесува 3% од постигнатата пазарна цена на купениот деловен простор, што ќе се внесат на сметка на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија ц.о. Скопје.

Исто така Судот утврди дека на 10 јули 1995 година согласно член 15 од Законот за продажба на деловните згради и деловните простории на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.2/94) Владата донела Програма за продажба на деловните згради и деловните простории (која Уставниот суд на Република Македонија ја оценувал и утврдил дека истата не претставува пропис подобен за уставно судска оценка У.бр.69/96 од 10 јули 1996 година.

Воедно Судот утврди дека по 1995 година ЈП за стопансиување со станбен и деловен простор нема донесено други програми за продажба на деловни згради и простории.

Во 2001 година Владата на Република Македонија има донесено програма за продажба на деловни простории во сопственост на Република Македонија во која не е предвидено обврска за купувачот на деловен простор да плаќа 3% од излицитираната цена.

Од изнесеното Судот утврди дека оспорената програма од 1995 година во која е утврдена обврска за купувачите да плаќаат 3% од излицитираната цена имала темпорален карактер и таа престанала да важи.

4. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

5. Со оглед на тоа што оспорениот акт во кој била предвидена обврска за купувачите на деловен простор да платат 3% престанала да важи а во Програмата на Владата на Република Македонија за 2001 година таква обврска не е предвидена, согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судии те Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.201/2002
23 април 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply