50/2003-0-0

50/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 23 април 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 1 и член 2 од Одлуката за условите и начинот на изградба во населено место село Балиндол Општина Гостивар кое нема урбанистичка документација бр.07-604/1 донесена од Советот на Општина Гостивар на 25 декември 2002 година.
2. Индустрија и рудници за украсен камен “Мермери” АД Гостивар, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбите од актот означен во точката 1 од ова решение. Иницијаторот смета дека членот 1 и членот 2 од Одлуката се во спротивност со член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и со член 8 став 1 алинеи 3, 4, 5, 6, 7 и 10, член 55, член 57, член 58 и член 59 од Уставот. Според иницијаторот, оспорената одлука не е во согласност и со Одлуката на Уставниот суд У.бр.141/2001 со која е укината Одлуката за определување на локација за изградба на училишна зграда во село Балиндол донесена од Советот на Општина Гостивар на 27 декември 1994 година.
Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука нема законско покритие бидејќи не може да претставува општ акт кој ги третира условите за градба во населено место што се однесуваат општо на сите субјекти без за грозување на нивните правни интереси. Одлуката утврдувала конкретен правен интерес само на поедини субјекти со што се создавала неотстранлива материјална штета врз други субјекти односно блокирање на единствениот влез и излез на стопански правен субјект.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Советот на Општина Гостивар донесол Одлука за условите и начинот на изградба во населено место село Балиндол Општина Гостивар кое нема урбанистичка документација.
Според оспорениот член 1 со оваа Одлука се утврдуваат условите и начинот на изградба на населено место Балиндол во Општина Гостивар кое нема урбанистичка документација за населено место.
Според членот 2, со оваа Одлука се определува подрачјето за изградба на објекти, согласно графички прилог 1 : 2500 за населено место Балиндол од член 1 на оваа Одлука со определување на границите на зоната за градба, основна намена на површината локација за јавни објекти и основа на сообраќајна мрежа. Графичките прилози се составен дел на оваа Одлука, а се чуваат и се реализираат во подрачната организациона единица на Министерството за транспорт и врски.
4. Согласно член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, изградбата во населено место кое нема урбанистичка докуметнација за населено место во општина, може да се врши, до нејзино донесување, под услови и на начин што со општ акт ќе ги утврди општината. Општиот акт се донесува по претходна согласност на Министерството надлежно за работите на урбанизмот.
Од анализата на содржината на оспорената Одлука е видно дека е таа донесена од Советот на Општината Гостивар врз основа на членот 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и дека со графичките прилози кои се составен дел на Одлуката се определуваат границите на зоната за градба, основната намена на површината, локацијата за јавни објекти и основа на сообраќајуната мрежа. Покрај тоа, од доставената документација од Главниот архитект на градот Гостивар е видно дека Министерството за транспорт и врски на 8 ноември 2002 година дало согласност на Предлог-Одлуката за начинот на изградба на населеното место Балиндол во општина Гостивар со градежен опфат од 117,40 ха.
Од изнесеното произлегува дека сите елементи содржани во членот 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање се исполнети односно дека Одлуката ја донесол Советот на Општината, дека Одлуката по својата содржина претставува општ акт и дека има претходна согласност од Министерството за транспорт и врски.
Оттука, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука со членот 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Во врска со наводите во иницијативата дека оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4, 5, 6, 7 и 10, член 55, член 57, член 58 и член 59 од Уставот, Судот не се впушти во оценка на уставноста бидејќи кога станува збор за урбанистички планови или за општи акти за населени места, Судот ја цени само валидноста на постапката за нивното донесување. Освен тоа, Судот смета дека наведените членови од Уставот не се директно поврзани со конкретниот предмет како на пример одредбите за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, политички плурализам, правна заштита на сопственоста, слобода на пазарот и претприемништвото, грижата на Републиката за поттикнување на економскиот напредок и порамномерен просторен и регионален развој, сопственоста и трудот како основа за управување и учество во одлучувањето, гарантирањето право на странските вложувачи слободно да го изнесуваат вложениот капитал и добивка итн.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Л азова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.50/2003
23 април 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply