Одлука У.бр.167/2002

У.бр.167/2002-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 23 април 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за условите и начинот на користење на услугите што ги врши Службата за општи и заеднички работи во Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.86/2002).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во ” Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Петре Илиевски-адвокат од Скопје, со решение У.бр.167/2002 од 19 февруари 2003 година поведе постапка за оценување уставноста на Уредбата означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со уставното начело на владеење на правото и начелото на еднаквост утврдени во Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека врз основа на член 46 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија, Владата на Република Македонија на 2 февруари 1998 година, донела Уредба за условите и начинот на користење на услугите што ги врши Службата за општи и заеднички работи во Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 8/98).

Со оваа Уредба се уредуваат условите и начинот на користење на услугите што ги врши Службата за општи и заеднички работи во Владата на Република Македонија (член 1 став 1).

Во ставовите 2 и 3 на член 1 од наведената Уредба се утврдени услугите што ги врши Службата за потребите на Претседа-телот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија и органите на управата, опфатени со Одлуката за основање на Службата на заеднички работи во Владата на Република Македонија.

Во членот 21 од Уредбата е уредено прашањето дека моторните возила со кои управува и располага Службата (патнички возила, специјални возила и др.) се користат за потребите на репрезентацијата на Републиката, за извршување на службени работи, за потребите на корисниците на услугите од член 1 на оваа Уредба.

Во членот 22 од Уредбата е предвидено што се подразбира под службени работи во смисла на член 21 од Уредбата а тоа е: работа што произлегува од надлежноста на органот на управата утврден со закон, учество на седници и состаноци и вршење на работи од протоколарна природа.

Во членот 25 став 1 од Уредбата е предвидено дека “право на постојано користење на патничко возило имаат Претседателот на Републиката, Претседателот на Собранието на Република Македонија и Претседателот на Владата на Република Македонија.

Во став 2 на член 25 од Уредбата било предвидено дека Владата на Република Македонија може да донесе одлука, право на постојано користење на патничко возило да имаат и други функционери избрани, именувани или назначени од Собранието на Република Македонија, Претседателот на Републиката и Владата на Република Македонија.

На 14 март 2000 год. Владата на Република Македонија донела Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за условите и начинот на користење на услугите што ги врши Службата за општи и заеднички работи во Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 22/2000).

Во членот 2 од наведената Уредба било предвидено дека по членот 25 по став 1 се додава нов став 2 кој гласи: “право на постојано користење на патничко моторно возило со возач и придружно возило има и поранешниот претседател на Владата на Република Македонија во траење од една година по престанок на функцијата.

На 24 септември 2002 година Владата на Република Македонија донела Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за условите и начинот на користење на услугите што ги врши Службата за општи и заеднички работи во Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 75/2002).

Во член 1 од наведената уредба било предвидено дека: во Уредбата за условите и начинот на користење на услугите што ги врши Службата за општи и заеднички работи во Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 8/1998 и 22/2000)” членот 25 ставот 2 се менува и гласи: “право на постојано користење на службено патничко моторно возило со возач и придружно службено патничко моторно возило со возач поединечно имаат поранешниот претседател на Владата на Република Македонија и поранешниот претседател на Собран ието на Република Македонија во времетраење од 4 години по престанок на функцијата.

Во членот 2 од Уредбата било предвидено дека во членот 25 по став 2 се додава нов став 3 кој гласи: “право на постојано користење на службено патничко моторно возило со возач, поединечно имаат поранешниот министер за одбрана и поранешниот министер за внатрешни работи во времетраење од 4 години по престанок на функцијата.

На 18 ноември 2002 година Владата на Република Македонија донела Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за условите и начинот на користење на услугите што ги врши Службата за општи и заеднички работи во Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 86/2002).

Во член 1 од наведената уредба е предвидено дека: “во Уредбата за условите и начинот на користење на услугите што ги врши Службата за општи и заеднички работи во Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 8/1998, 22/2000 и 75/2002) членот 25 став 2 се менува и гласи: “право на постојано користење на патничко моторно возило со возач и придружно возило има и поранешниот претседател на Владата на Република Македонија во траење од една година по престанок на функцијата.

5. Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт, која своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Според член 91 од Уставот, Владата на Република Македонија, покрај другото, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, донесува уредби и други прописи за извршување на законите, утврдува начела за внатрешната организација и за работата на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа и врши и други работи утврдени со Уставот и со закон.

Според член 2 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” 59/2000), Владата на Република Македонија како носител на извршната власт е орган на Република Македонија кој работите од својата надлежност ги врши самостојно, во рамките на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, а врз основа на принципите на транспарентност, ефикасност и заштита на човековите слободи и права.

Во член 8 од наведениот закон се утврдени надлежностите на Владата, а во член 35, пак, е утврдено дека за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.

Во член 36 точка 2 од Законот за Владата е предвидено дека со уредба Владата го уредува извршувањето на законите: утврдува начела на внатрешна организација на министерствата и другите органи на државната управа и уредува други односи во согласност со Уставот и со законите.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека Владата на Република Македонија, во системот на организацијата на државната власт, заснована врз принципот на поделбата на власта, е дефинирана како носител на извршната власт, и како т аква таа е самостојна и независна во утврдувањето на политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието, во донесувањето на прописи за извршување на законите и во вршење на другите работи, што ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека Владата има уставно и законско овластување, покрај другото, да донесува уредба со која ќе ги утврди условите и начинот на користење на услугите што ги врши Службата за општи и заеднички работи во Владата на Република Македонија која е основана како заедничка служба за вршење на општите и заедничките услуги за потребите на Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, Републичкиот судски совет и органите на управата.

6. Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и се еднакви пред Уставот и законите.

Имајќи ја предвид содржината на Уредбата за условите и начинот на користење на услугите што ги врши Службата за општи и заеднички работи во Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/1998) произлегува дека со неа се уредуваат условите и начинот на користење на услугите што ги врши Службата за потребите на државните органи за извршување на службените работи кои произлегуваат од надлежностите на соодветниот орган.

При тоа, Судот смета дека со Уредбата за условите и начинот на користење на услугите што ги врши Службата за општи и заеднички работи во Владата на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.86/2002) со која е предвидено право на користење на патничко возило на поранешниот претседател на Владата по престанок на функцијата, Владата ги пречекорила овластувањата и несомнено за претседателот на Владата по престанок на функцијата утврдила права кои не се во функција на извршување на службените работи.

Според тоа Судот оцени дека со предвидување на одредени права по престанок на функцијата на поранешниот претседател на Влада овие права стануваат привилегии само поради фактот што одредено лице во определен временски период бил носител на јавна функција, односно со тоа се доведува во прашање начелото на еднаквост и начелото на владеење на правото утврдени во Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.167/2002
23 април 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply