Одлука У.бр.179/2001

У.бр.179/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 23 април 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 7 алинеја 2 и член 58 став 4 точка 3 од Законот за банките (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/2000, 103/2000 и 37/2002).

2. Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.179/2001 од 19 февруари 2003 година, поведе постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека согласно алинеја 2 на член 7 од Законот акционер на банка не може да стане лице кое е осудено за кривично дело против имотот и кривично дело од областа на финансиското работење.

Исто така, Судот утврди дека согласно член 58 став 4 точка 3 од Законот член на управен одбор на банка не може да биде лице кое е осудено за кривично дело против имотот и од областа на финансиското работење.

5. Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Согласно член 14 став 2 од Уставот, никој не може повторно да биде осуден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена судска одлука.

Од означените уставни одредби произлегува дека пред донесувањето на правосилна судска одлука (со која се утврдува дали постои или не постои вина за некое дело на граѓанин), граѓанинот не може да трпи штетна последица. Имено, правните последици од осудата не можат да се утврдуваат со закон и да настапуваат автоматски по сила на закон, туку тоа може да се прави само со правосилна судска одлука, што значи дека казнено-поправниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречената казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Со оглед на тоа што, во случајов правните последици од осудата настапуваат по сила на закон, а не како казна што ја изрекува судот во рамките на видовите на казни, односно санкции, Судот утврди дека со оспорените оредби од членовите 7 и 58 став 4 точка 3 се повредени правата на граѓаните, поради што оцени дека се несогласни со Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.179/2001
23 април 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply