23/2003-0-0

23/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 23 април 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката на Собранието на епублика Македонија за укинување на правото на признавање право на ревалоризиран допринос за станбена изградба од јуни 1996 година.

2. Матије Оташевиќ и Цвијан Даничиќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата, и во нејзиното дополнување и допрецизирање, се наведува дека со оспорената одлука било укинато правото на признавање финансиски средства по основ на придонесот за станбена изградба за откуп на станови на носителите на станарско право од станбениот фонд на ЈНА. По Законот за продажба на станови во општествена сопственост од 1990 година ова право можеле да го користат лицата кои не поседувале стан или куќа на територијата на Република Македонија, а се применувало на цела територија на поранешна СФРЈ.

Понатаму, се наведува дека со оспорената одлука се укинувала институцијата самопридонес, што значи и правото на склучување договори за здружување на материјални средства заради станбена изградба и покрај тоа што Законот за самопридонес се уште бил во важност.

Со наведената одлука исто така се повредувале одредбите на Законот за продажба на становите во општествена сопственост, семејните, наследните и општествените права на граѓаните, а се повредувала и преамбулата на Уставот и правата од член 110 од Уставот.

Во допрецизирањето на иницијативата направено со дописот од 3.02.2003 година на подносителите, се наведува и тоа дека со “Одлуката за укинување права на користење парични средства остварени по пат со самопридонесот за станбена изградба (не се наведува бројот на службениот весник во кој е објавена, ниту датата на нејзиното донесување) се повредувале член 9, член 30 и член 51 од Уставот, а се повредувал и член 5 став 2 од Законот за продажба на становите во општествена сопственост.

3. Разгледувајќи ја иницијативата Судот на седницата утврди дека Собранието на Република Македонија нема донесено одлука со ист или сличен назив како таа што се оспорува со оваа иницијатива.

Меѓутоа, имајќи предвид дека наводите во иницијативата се однесувааат во врска со откуп на становите од станбениот фонд на поранешната ЈНА, Судот во однос на овие наводи утврди дека Законот за станбено обезбедување во Југословенската народна армија и членот 2 од Уредбата за начинот и условите за продажба на становите и деловниот фонд на ЈНА донесена од Владата на Република Македонија во 1992 година, а во кои се предвидуваа поповолни услови за продажба на становите од станбениот фонд на ЈНА во однос на становите во општествена сопственост, а според кои услови откупната цена на овие станови меѓу другото, се намалуваше и за ревалоризираниот износ на средствата на придонесот за станбена изградба, уплатен во станбениот фонд на ЈНА, Судот со своја Одлука У.бр.329/95, 330/95 и 331/95 од 26 јуни 1996 година ги укина поради нивната несогласност со Уставот на Република Македонија.

4. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по истата.

Со оглед дека Собранието на Република Македонија нема донесено Одлука со која посебно се укинува правото за признавање право за ревалоризиран допринос за станбена изградба ниту Одлука за укинување права на користење парични средства остварени по пат на самопридонес за станбена изградба, како што наведуваат подносителите на иницијативата, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по оваа иницијатива, поради што и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Ба хри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.23/2003
23 април 2003 година
С к о п ј е
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply