Одлука У.бр.163/2002

У.бр.163/2002-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 април 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ членот 52 став 1 точка б) и членот 77 став 9 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 29/2002).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

3. По иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.163/2002 од 22 јануари 2003 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со член 52 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/2002), предвидено е одредено ограничувања за директорот, заменикот на директорот и вработените во Агенцијата на начин да не смеат да прифатат било каква изборна политичка функција или да се кандидираат за таква функција.

Според содржината на оспорениот став 9 од членот 77 од Законот, во случај на бришење од регистарот на агенти согласно со ставот (8) на овој член Агенцијата нема да му дозволи повторно запишување на тоа лице во рок до пет години од датумот на бришењето.

5. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 5 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се: владеењето на правото, политичкиот плурализам и слободните и непосредни демократски избори.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 20 став 1 и 2 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Членот 22 став од Уставот го регулира избирачкото право. Во оваа одредба е определено дека, секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирач ко право. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Во членот 23 од Уставот е определено дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Во член 1 став 3 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/2002), е определено дека: со овој закон се основа Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (во натамошниот текст: Агенција).

Според содржината на член 46 став 2 од Законот, Агенцијата има својство на правно лице, а според содржината на ставот 6 Агенцијата за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија. Во членот 47 од Законот се определени надлежностите на Агенцијата.

Според член 51 став 1 од Законот, со Агенцијата раководи директор, а Директорот на Агенцијата има заменик на директорот. Во ставот 2 од оваа одредба е определено дека Директорот на Агенцијата и заменикот на директорот, на предлог на министерот за труд и социјална политика, го именува и го разрешува Владата на Република Македонија.

Во оспорениот член 52 став 1 точка б) е определена забрана за Директорот, заменикот на директорот и вработените во Агенцијата да прифатат било каква изборна политичка функција или да се кандидираат за таква функција.

Од анализата на изложените уставни одредби, произлегува дека Уставот, избирачкото право го условува единствено со полнолетноста на граѓаните и нивната деловна способност. Од друга страна Уставот во повеќе одредби утврдил неспојливост на поедини фукции тргнувајќи од претпоставката дека има функции чие вршење е неспојливо со други функции, како што се: член 63 став 5 по однос на функцијата – пратеник, член 67 став 3 по однос на функцијата – Претседател на Собрание, член 83 став 1 по однос на функцијата – Претседател на Републиката, член 89 став 4 по однос на функцијата – Претседател на Владата и министер, член 100 став 3 по однос на функцијата – судија, член 104 став 5 по однос на функцијата – член на Републичкиот судски совет, член 107 став 3 по однос на функцијата – јавен обвинител и член 111 став 1 по однос на функцијата – судија на Уставниот суд.

Во зависност од конкретната функција, Уставот определува неспојливост на таа функција со други јавни функции или професии, други политички функции или пак со забрана за членување во политичките партии, со цел непристрасно, објективно и совесно вршење на доверените функции, без оптовареност со припадноста кон одредена политичка партија. По однос на останатите функции Уставот оставил со закон да се уреди прашањето на неспојливоста на функцијата.

Понатаму, Уставот гарантира слобода на здружувањето помеѓу другото и заради остварување и заштита на политичките права и уверувања, гаранција за достапност во вршењето на јавните функции на сите граѓани.

6. По оценка на Судот, формулацијата “не смеат да прифатат било каква изборна политичка функција или да се кандидираат за таква функција” во оспорениот член 52 став 1 точка б) од Законот, не е поставена како неспојливост на функцијата Директор на Агенцијата, фу нкцијата заменик на директорот, или со положбата вработен во Агенцијата со други изборни политички функции, односно со членството во одредена политичка партија. Употребената формула-ција според мислење на Судот претставува забрана за остварување на пасивно то избирачко право, од кои причини Судот оцени дека оваа одредба од Законот е во несогласност со членот 22 од Уставот.

Имено, со вака поставена законска формулација лицата кои претендираат или се именувани на функцијата Директор на Агенцијата и негов з аменик, како и сите вработени не можат слободно да ја изразуваат својата политичка припадност и се додека ја обавуваат таа функција не би можеле да бидат предложени како кандидати и да прифатат кандидатура за било каква изборна политичка функција.

7. По оценка на Судот определбата на законодавецот од оспорениот член 77 став 9 од Законот да не се дозволи повторно запишување на агентот во регистарот во рок до пет години во никој случај не може да добие третман на правна последица од осудата, а од причина што до бришење од регистарот на агенти, не доаѓа како резултат на изречена правна последица на осудата во судска пресуда, што според смислата на член 13 и 14 од Уставот е единствен акт во кој може да биде содржана правна последица на осудата.

Меѓутоа, забраната за повторно запишување во регистарот е еден вид санкција преку која поранешниот агент за определниот период се оневозможува да работи во маркетингот и да склучува договори за пензиско осигурување, а дадениот рок со формулацијата “до 5 години”, по оценка на Судот би можел да создаде преголеми овластувања за Агенцијата, што не е на линија на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, определена во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Имено, вака определениот временски период, по оценка на Судот не е прецизен затоа што отсуствуваат дополнителни елементи од кои би зависело времетраењето на забраната за повторен упис, како што би била тежината на непочитувањето на одредбите од Законот. Ваквото законско решение остава простор за нееднаков третман на лицата за кои се исполнети условите за бришење од регистарот, бидејќи со ваквата формулација е можна ситуација, забраната за повторен упис за некого да трае еден ден, а за друг пак да трае и 5 години. Оттука, Судот оцени дека оспорениот став 9 од членот 77 од Законот е во несогласност и со членот 9 од Уставот и гарантираната еднаквост на граѓаните.

8. Од изнесените причини Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.163/2002
2 април 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply