192/2002-0-0

192/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 2 април 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12 од Правилникот за начинот и условите под кои изграденото и неизграденото градежно земјиште се дава под краткотраен закуп, донесен од Министерот за транспорт и врски (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/2001).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 4,5,6,7,8,9,10,11 и 12 од правилникот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата оспорените членови од правилникот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 96 од Уставот и член 55 став 1 од Законот за организација и работа на државната управа, затоа што Уставниот суд со Одлука У.бр.208/2001 од 25 септември 2002 година го укинал член 40 став 5 од Законот за градежно земјиште и членовите 1, 2 и 3 од Правилникот за начинот и условите под кои изграденото и неизграденото градежно земјиште се дава под краткотраен закуп.
Со оглед на тоа што наведениот правилник е донесен врз основа на член 40 став 5 кој е укинат, Судот требало да го укине правилникот во целина затоа што повеќе не постои законски основ за негово опстојување.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник е донесен врз основа на член 40 став 5 од Законот за градежното земјиште.
Во член 4 од Правилникот е предвидено дека постапката за јавно давање на градежно земјиште сопственост на Република Македонија под краткотраен закуп, отпочнува со објава од страна на Министерството за транспорт и врски во средствата за јавно информирање.
Објавата од став 1 на овој член содржи:
податоци за градежното земјиште кое се дава под краткотраен закуп;
почетната цена на закупнината;
рок за поднесување и начин на поднесување на пријавите за учество;
депозит за учество на јавното наддавање;
место и време на одржување на јавното наддавање;
намената за давање под краткотраен закуп;
начин на објавување на резултатите од јавното наддавање.
Во член 5 од правилникот е предвидено дека постапката за јавното наддавање од член 4 на овој правилник се спроведува комисиски во Министерството за транспорт и врски.
Во член 6 е предвидено дека комисијата од член 4 на овој правилник, по приемот напријавите во определениот рок утврдува дали пријавите се комплетирани во согласност со условите од објавата.
Во член 7 од правилникот е предвидено дека на јавното наддавање учествуваат подносителите на комплетните пријави или нивните овластени полномошници или застапници.
Во член 8 од правилникот е предвидено дека на подносителите на пријавите за јавно наддавање кои ќе се откажат од учество во јавното наддавање, пред почетокот на јавното наддавање им се враќа депозитот за учество на јавното наддавање, намален за трошоците на постапката, како и на учесниците во јавното наддавање кои не понудиле најповолна цена.
Јавното наддавање отпочнува со објавувањето на почетната цена и се спроведува по пат на поединечно и постапно наддавање од страна на учесниците во наддавањето.
За текот на јавното наддавање се води записник (член 9).
Во член 10 од правилникот е предвидено дека за најповолен понудувач се смета понудувачот на последната понудена цена и усно повторена по трет пат од страна на Комисијата.
Комисијата по завршувањето на јавното наддавање со писмено известие го определува најповолниот понудувач и рокот за пристапување кон склучување на договорот.
По истекот на рокот на краткотрјниот закуп, лицето кое го користи градежното земјиште врз основа на правот на краткотраен закуп ги отстранува времените објекти и земјиштето го доведува во првобитна состојба на сопствена сметка (член 11).
Во член 12 е предвидено дека овој правилник влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
Од наведената содржина на членовите од правилникот произлегува дека тој е донесен во време кога бил во сила член 40 став 5 од Законот за градежното земјиште и дека со оспорените одредби се уредува постапката за јавно наддавање на градежното земјиште сопственост на Република Македонија.
4. Според член 13 став 1 од Законот за градежното земјиште, градежно земјиште во сопственост на Република Македонија може да се отуѓи, да се даде под концесија и под закуп. Според став 2 на наведениот член градежното земјиште од став 1 на овој член се отуѓува и дава под закуп со јавно наддавање и со непосредна спогодба.
Во став 3 на овој член е предвидено дека отуѓувањето и давањето под закуп од став 1 на овој член ги врши органот на државната управа надлежен за работите што се однесуваат на градежното земјиште.
Начинот и постапката на отуѓувањето на земјиштето од став 1 на овој член преку јавно наддавање и со непосредна спогодба давањето под закуп, висината на посебните трошоци на постапките за отуѓување и давање под закуп, како и висината на надоместокот ги пропишува Владата на Република Македонија.
Според член 40 став 3 од Законот за градежното земјиште на градежното земјиште сопственост на Република Македонија право на краткотраен закуп се стекнува со јавно наддавање и со непосредна спогодба.
Од наведените законски одредби произлегува дека градежното земјиште во сопственост на Републиката може да се дава под краткотраен закуп со јавно наддавање, кое го врши органот на државната управа надлежен за работите што се однесуваат на градежното земјиште.
Со оглед на тоа што со оспорените одредби од правилникот се уредува постапката за јавно давање на градежното земјиште сопственост на Република Македонија под краткотраен закуп, кои одредби Судот ги имаше предвид при оценување уставноста на член 40 став 5 од Законот за градежното земјиште и членовите 1, 2 и 3 од оспорениот правилник, Судот смета дека тие не се во несогласност со наведените законски одредби.
Имено Судот смета дека во конкретниов случај основот (член 40 став 5) врз кој е донесен оспорениот правилник а кој престанал да важи не е единствен правно релевантен факт имајќи ги предвид другите наведени законски одредби кои даваат основ Републиката како сопственик на градежното земјиште да може тоа земјиште да го даде под краткотраен закуп и да ја утврди постапката за давање на градежното земјиште под закуп.
5. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.19 2/2002
2 април 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply