Решение У.бр.159/2002

У.бр.159/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и ?лен 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 2 април 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката бр.07-838/6 од 7.08.2002 година на Советот на општина Тетово, за усвојување на измени и дополнувања на дел од Деталниот урбанистички план за втора станбена заедница-Тетово.

2. Реџа Шахин Минир и Реџа Ракип Бафти, од Тетово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, постапката за донесување на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за втората станбена заедница во Тетово, била водена спротивно на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и спротивно на Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови (“Службен весник на РМ” бр.2/02). Ова од причини што во постапката не биле земени во предвид забелешките на иницијаторите кои ги поднесле во јавната анкета спроведена по нацрт планот а кои се однесувале на неправилно испланираниот простор од нивното дворно место за потребите на соседната градежна изградена парцела, па со оглед на тоа се предлага поведување на постапка за оценување н а законитоста на оспорената Одлука, и Судот да донесе привремена мерка со која ќе се забрани примената на измените и дополнувањата на планот донесени со оспорената Одлука.

3. Судот на седницата утврди дека со Одлуката бр.07-838/6 од 7.08.2002 година донесена од Советот на општина Тетово, се усвоени измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за втора станбена заедница во Тетово, ограничен со улиците “Илинденска”, “Браќа Миладинови”, “Мурат Бафтјари” и “Кочо Рацин”. Составен дел на оваа одлука е графичкиот прилог изработен од АД “Комуна проект” – Тетово, со технички бр.23/2002 и Одлуката е објавена во “Службен гласник на општина Тетово” бр.5/2002.

4. Исто така, од предложената документација Судот утврди дека Стручна ревизија под бр.04/02 од 22.04.2002 год. на нацрт измени и дополнувања на дел од Детален урбанистички план на втора станбена заедница во Тетово, е изготвена од Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови – Скопје, подружница Тетово, врз основа на овластувањето број 18-40533 од 5.06.1998 год. од Министерството за урбанизам и градежништво.

Заводот за урбанизам, проектирање и инжењеринг – АД Комунапроект – Тетово, како изработувач на планот дал одговор на стручната ревизија број 0701-189/1 од 24.04.2002 година.

Исто така, Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот, во Скопје, дало стручно мислење под број 13-6674 од 14.05.2002 година, до Советот на општината Тетово по Нацрт измените и дополнувањата на дел од ДУП за Втора станбена заедница – Тетово. Со стручното мислење е укажано дека по вградувањето на забелешките кои се изнесени, може да се продолжи постапката за усвојување на планот, согласно со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Потоа, Нацрт-планот со изработената техничка документација за измени и дополнувања на ДУП на дел од Втората станбена заедница во Тетово, бил утврден од страна на Главниот архитект на град Тетово со акт број 20-620/1 од 12.06.2002 година, со кој дал позитивно мислење дека може да продолжи постапката согласно со законот.

Потоа, Градоначалникот на општина Тетово, дал Соопштените број 08-572/2 од 30.05.2002 година за организирање на јавна анкета по Нацртот на ДУП за измените и дополнувањата на делот од планот за втора и шеста станбена заедница на град Тетово. Во соопштението за организирање на јавна анкета е наведено дека таа ќе трае 10 дена, од 3.06. до 13.06.2002 година, Нацрт-планот ќе биде изложен во просториите на општината Тетово секој работен ден од 7,00 до 15,00 часот, а заинтересираните граѓани и правни лица во предвидениот рок ќе можат да ги поднесуваат своите забелешки на анкетни листови до Главниот архитект на градот Тетово. Соопштението за организирање на јавната анкета било објавено во весникот „Дневник” на 6.06.2002 година.

Главниот архитект на градот Тетово, со акт број 20-617/1 од 12.06.2002 година, формирал петчлена комисија за изготвување на извештај за спроведената јавна анкета, по разгледување на примените приговори на граѓаните и правните лица и за прифатените и неприфатените забелешки. Оваа комисија на записник број 20-712/1 од 5.07.2002 година утврдила дека биле примени 23 анкетни листови во периодот на јавната анкета по Нацрт измените и дополнувањата на дел од ДУП на втора станбена заедница – Тетово и од списокот на анкетните листови се гледа дека Минир и Бафти Реџа од Тетово поднеле анкетен лист број 20-627/2. Нивниот приговор бил делумно прифатен, а кој се однесува на КП број3277/1, и комисијата утврдила дека дел од оваа катастарска парцела треба да има урбанистичка намена за потребите на соседата градежна парцела заради поставување на влезна дворна врата и пристапна патека.

Воедно од резултатот на работењето и произнесувањето по анкетните листови од јавната анкета на 5.07.2002 година е изготвен извештај број 20-713/1 од главниот архитект на град Тетово.

Заводот за урбанизам, проектирање и инжењеринг АД “Комунапроект” – Тетово, под тех.број 23/2002 година, го изготвил Предлог-планот за измени и дополнувања на дел од ДУП на втора станбена заедница во Тетово, а Министерството за транспорт и врски дало согласност бр.13-1055 од 1.08.2002 година на Предлог-планот.

Врз основа на вака спроведената постапка Советот на општина Тетово донел Одлука број 07-838/6 од 7.08.2002 година, за усвојување на наведените измени и дополнувања на планот. Оваа Одлука е објавена во “Службен гласник на општина Тетово” број 5/2002, на 8.08.2002 година.

5. Согласно членот 8 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96, 28/97, 18/93 и 53/01), во членот 1 утврдил дека со овој закон меѓу другото се уредува планирањето на просторот, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите и утврдувањето на услови за градба.

Со иницијативата подносителите ја оспоруваат Одлуката број 07-838/6 од 7.08.2002 година на Советот на општината Тетово, за усвојување на измени и дополнувања на дел од ДУП за втора станбена заедница Тетово, поради тоа што постапката за планирање на просторот со наведените измени и дополнувања на планот била водена спротивно на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Оттука, Судот се впушти во преиспитување на законитоста на оспорената Одлука од аспект на постапката за нејзино донесување, во која всушност и се остварува заштитата на правата и интересите на заинтересираните страни.

Постапката за измени и дополнувања на ДУП за втората станбена заедница во Тетово, започнала и била водена во време на важење на Законот за просторно и урбанистичко палнирање, кој бил донесен во 1996 година, со сите измени и дополнувања на законот.

Според членот 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува покрај другите и детален урбанистички план. Согласно членот 11 од Законот, тој се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план и содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план. Документацијата на деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставуваат документациона основа на планот, која заедно со нацрт планот се доставува на стручна ревизија според членот 19 од Законот.

Со членот 20 став 1 од Законот, е утврдено дека измените и дополнувањата на плановите од член 7 на овој Закон, се вршат по иста постапка пропишана за нивно донесување доколку со овој закон не е поинаку уредено. Постапката за донесување на плановите е уредена со одредбите од членовите 17, 18 и 19 од Законот.

Имено, според содржината на член 17 од Законот, која се однесува и на деталните урбанистички планови, произлегува дека тие се изработуваат како нацрт и предлог план.

По нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета која ја организира општината. Одлука за јавна анкета по нацртот на деталниот урбанистички план во општината донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација.

Во смисла на член 19 од Законот, на нацртот на плановите од член 7 од овој Закон, пред организирањето на јавната анкета се врши стручна ревизија. Изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по стручната ревизија.

Според член 22 ставовите 3, 6 и 7 од Законот, општината донесува детален урбанистички план, а тој се донесува по претходно издавање на согласност на предлогот на планот од страна на министерството надлежно за работите на уредување на просторот, додека пак самата одлука за донесување на планот се доставува во заверен примерок до наведеното министерство.

Со Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” број 5/2002), во членот 31 како органи на општината се предвидени советот и градоначалникот, а според членот 48 точка 3 од овој Закон, претседателот на советот ги потпишува прописите што ги донел совет.

Судот утврди дека оспорената Одлука е потпишана од претседателот на Советот на општина Тетово.

Според членот 50 став 1 од овој Закон, меѓу другите надлежности градоначалникот врши и други работи утврдени со закон и со статутот, па согласно ваквата законска одредба, во случајов, градоначалникот на општина Тетово, со давање на соопштението број 08-572/2 од 30.05.2002 година, донел одлука за спроведување на јавна анкета како што предвидел Законот за просторно и урбанистичко планирање во членот 17.

Согласно членот 57 од Законот за локалната самоуправа, општинската администрација има организација и делокруг и ги врши задачите на начин како што е тоа утврдено од советот, врз основа на предлог на градоначалникот.

Во преодните и завршните одредби од Законот за локална самоуправа, со членот 95 е предвидено дека главните архитекти на градовите именувани согласно со одредбите од член 53 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на РМ” број 52/95) продолжуваат да ги вршат работите и да ја примаат платата која ја примале до завршување на мандатот за кој се избрани, односно именувани.

Со оглед на изнесените законски одредби, во случајов не се спорни ниту активностите на главниот архитект на градот Тетово, кој со свои акти формирал комисија за спроведување на јавна анкета и дал свој извештај за резултатите од работењето и произнесувањето по накетните листови од јавната анкета врз основа на записникот од комисијата.

Од утврдената фактичка состојба и изнесените законски одредби Судот оцени дека постапката за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за втора станбена заедница во Тетово, била целосно спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање.

По однос на наводите во иницијативата дека оспорената Одлука не е во согласност со Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови (“Службен весник на РМ” бр.2/02), Уставниот суд не е надлежен да одлучува за нивната меѓусебна согласност. Ова поради тоа што согласно членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за соглансоста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

6. Со оглед на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Тргнувајќи од околноста дека нема основ за поведување постапка за оценување законитоста на оспорената Одлука, произлегува дека не се исполнети условите за издавање на привремена мерка од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд, поради што Судот одлучи да не издаде решение за привремена мерка.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.159/2002
2 април 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply