107/2002-0-0

107/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 2 април 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 42 од Законот за премерот и катастарот на земјиштето (“Службен весник на СРМ” бр.34/72 и 13/78) и законитоста на постапките на Геодетската управа – одделение за премер и катастар во Битола.
2. Д-р Велиан Јагев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се предвидувало да може да се експропреира имот во корист на државата доколку не се пријави сопственоста над тој имот од некој субјект, а тоа не било во согласност со член 30 став 3 од Уставот. Во однос на постапките на Геодетската управа – одделението во Битола, се смета дека тие биле незаконити (1. не го известиле иницијаторот за тоа зошто не донеле решение по неговото барање за исправка на катастарот околу неговата куќа, што произлегувало од член 296 став 3 од Законот за општата управна постапка; 2. не му издале уверение на иницијаторот во врска со куќата, а што требало да се направи согласно член 171 од Законот за општата управна постапка; 3. не му издале на иницијаторот список на промени во катастарот, што произлег увало од член 171 на ЗОУП; 4. не ги почитувале законските одредби сврзани со роковите, како што се членовите 218, 247, 296 и други од ЗОУП); Со тоа се повредувале основните одредби од Уставот – член 8 став 3 (владеење на правото), член 9 став 2 (еднаквоста), член 50 став 3 (се попречувала судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа).
3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 42 од Законот се предвидува “Податоците од премерот за површините, културите, корисниците на земјиштето, како и податоците за катастарското класирање на земјиштето се излагаат на јавен увид на подрачјето на катастарската општина. Времетраењето на јавниот увид го определува Геодетската организација што ги врши работите на премерот и катастарот на земјиштето.
Времето и местото на излагањето на податоците го објавува Геодетската организација што ги врши работите на премерот и катастарот на земјиштето на вообичаен начин.
Општината на чие подрачје се наоѓа катастарската општина, обезбедува погодни простории за излагање на податоците од премерот и катастарското класирање на земјиштето”.
Очигледно дека нормата не предвидува експропријација на приватен имот доколку сопственикот не го пријави како свој туку уредува нешто друго.
Освен тоа, ваквата одредба престанала да важи, заедно со другите одредби од тој закон, на 9 јули 1986 година кога влезе во сила Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите – член 132 (“Службен весник на СРМ” бр.27/86 и 17/91).
Имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба, Судот утврди дека овој дел од иницијативата треба да се отфрли поради немање процесни претпоставки за постапување по неа согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот (ниту нормата важи, ниту нејзината содржина е таква каква што се оспорува).
4. Што се однесува до оспорувањето на постапките на Геодетската управа – одделението за премер и катастар во Битола, Судот утврди дека иницијаторот всушност иницира оценување дејства (активности – чинење или нечинење) или, од друга страна, примена на правни правила за постапување, а не идејна ” исправност” на општи правни правила за однесување.
Со оглед на тоа што тие прашања излегуваат вон делокругот на Уставниот суд, Судот утврди дека и тој дел од иницијативата треба да се отфрли, поради ненадлежност, согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Судот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судии те Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.107/2002
2 април 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply