17/2003-0-0

17/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28, 56 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1 од Законот за регулирање на побарувањата на штедачите од штедилниците ‘’ТАТ’’ Битола, ‘’АЛФА С’’ Скопје и ‘’ЛАВЦИ’’ Охрид (‘’Службен весник на Република Македонија бр.38/2002).

2. Анастасија Оклеска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на ?ленот 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Иницијаторката наведува дека на 16 октомври 2002 година добила решение од Уставниот суд со кое не се поведува постапка за оценување уставноста за регулирање на побарувањата на штедачите од штедилниците ‘’ТАТ’’ Битола, ‘’АЛФА С’’ Скопје, ‘’ЛАВЦИ’’ Охрид во целина и посебно на членовите 3, 5 став1, 7 и 8 став 3 и 4. Меѓутоа, нејзината иницијатива била за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 1 од законот каде штедилницата ’’Југомаркет’’ Скопје не била предвидена. Бидејќи во наведеното решение членот 1 од Законот не бил наведен иницијаторката бара Судот да ја оценува само неговата уставност.

3. Судот на седницата утврди дека Уставниот суд со решение У.бр.90/02 од 2 октомври 2002 година не поведе постапка за оценување уставноста на Законот за регулирање на побарувањата на штедачите од штедилниците ‘’ТАТ’’ Битола, ‘’АЛФА С’’ Скопје и ‘’ЛАВЦИ’’ Охрид во целина и посебно членовите 3, 5 став 1, 7 и 8 став 3 и 4.

Законот беше оспоруван од повеќе иницијатори и од повеќе причини.

Еден од иницијаторите беше и Анастасија Оклевска, како штедач на ‘’Југомаркет’’ Скопје која го оспоруваше законот поради тоа што со него не била опфатена штедилницата ’’Југомаркет’’ со што и било повредено правото на сопственост.

Судот при одлучувањето го разгледуваше Законот во целина при што го имаше предвид членот 1 од Законот во кој е уредено дека со овој закон се уредува исплатата и издавањето на конвертибилни сертификати за побарувањата на доверителите физички лица по основа на штедни влогови од штедилницата ‘’ТАТ’’ Битола, штедилницата ‘’АЛФА С’’ Скопје и штедилницата ‘’ЛАВЦИ’’ Охрид кои се во стечај.

4. Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Со членот 1 од оспорениот закон се уредува исплатата и издавањето на конвертибилни сертификати за побарувањата на доверителите – физички лица по основа на штедни влогови од штедилниците ‘’ТАТ’’ Битола, ‘’АЛФА С’’ Скопје и ‘’ЛАВЦИ’’ Охрид и тој се однесува на сите штедачи на овие штедилници.

Со овој закон, Република Македонија во рамките на објективните финансиски можности презема обврска да ги обештети граѓаните – штедачи а сега доверители на наведените пропаднати штедилници.

Судот, согласно член 110 од Уставот нема надлежност да врши изменување и дополнување на законите. Според ставот на Судот, нешто што не содржи законот не може да биде предмет на оценување на неговата уставност. Оттука, фактот што членот 1 од оспорениот закон не се однесува и на побарувањата на штедачите на ‘’Југомаркет’’ не го прави овој член неуставен.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.17/2003
26 март 2003 год.
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply