154/2002-0-0

У.бр.154/2002

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 26 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 33 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование односно член 119 став 1 и 2 од Законот за основното образование (“Службен весник на РМ” ; бр.44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99 и 29/2002).
2. Трајче Карев, Ристо Ванчов и Даница Митрева од Неготино, Слаѓана Јанчева, Љубица Јовановска, Цибрева Лилјана и други 19 подносители од Скопје и Иванка Наумовска од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за оценување уставноста на член 33 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативите со измените на Законот за основно образование односно со член 33 со кој се бришани ставовите 1 и 2 од член 119 од Законот, наставниците кои имаат завршено учителска школа се доведени во незавидна положба бидејќи им се укинуваат со закон стекнатите права. Со извршените измени се повредени основните права на работа, слободен избор на вработување како и правото дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, утврдени во член 32 став 1 и 2 од Уставот.
Понатаму во иницијативите се наведува дека со оспорената одредба на наставниците им е одземено правото да се дообразуваат во определен рок за да може и понатаму да ги извшруват работните задачи како наставници, а таква можност им е дадена на наставниците кои изведуваат настава во посебните паралелки.
Исто така во иницијативата се наведува дека оспорениот член 33 е спротивен на член 27 став 1 од Законот за работни односи бидејќи работодавецот треба да ги прераспореди овие наставници на други работни места за кои не засновале работен однос затоа што со овој член од Законот за работни односи работникот работи на работно место за кое засновал работен однос.
3. Судот на седницата утврди дека според член 66 став 1 од Законот за основно образование (“Службен весник на РМ” бр.44/95) воспитно образовната дејност во основното образование ја остваруваат наставници стручни соработници (педагог, дефектолог, социјален работник, библиотекар и воспитувач).
Во став 2 на член 66 од Законот е предвидено дека наставник во одделенска настава (учител) може да биде лице со завршен Педагошки факултет, Филозофски факултет – Институт за педагогија и Педагошка академија – одделенска настава.
Во ставовите 3, 4, 5, 6, 7 и 8 на член 66 е утврден степенот на образование на наставниот кадар за тоа кој може да биде наставник по предметна настава, учител за ученици со пречки во физичкиот и психичкиот развој, воспитувачи и стручни соработници.
Во член 119 од наведниот закон е предвидено дека постојниот кадар во одделенска настава со завршена учителска школа и Виша дефектолошка школа и натаму ги врши работите на работните места на кои се затекнати при влегување во сила на овој закон.
Во Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на РМ” бр.24/96) во член 5 е предвидено дека во член 119 по став 1 се додава нов став 2 кој гласи: “Вработените наставници во училиштата за основно музичко образование со работно искуство над 15 години настава и натаму ги вршат работите на работните места на кои се затекнати при влегување во сила на овој закон.
Во Законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование (” ;Службен весник на РМ” бр.35/97) во член 10 е предвидено дека: “Во член 119 по став 2 се додаваат нови ставови 3 и 4 кои гласат: ” Наставниците кои изведуваат настава во посебни училишта и паралелки во основните училишта со работно искуство над десет години во настава и натаму ги вршат работите и на работните места на кои се затекнати со влегувањето во сила на овој закон. Наставниците кои не ги исполнуваат условите од ставовите 2 и 3 на овој член се должни да се стекнат со соодветно образование најдоцна за 2 години повеже од времето што е предвидено за редовно завшрување на тој вид образование (2+2 или 4+2).
Во член 17 од Законот за изменување и дополнвуање на Законот за основно образование (“Службен весник на РМ” бр.29/2002) е предвидено член 66 се менува и гласи: “Воспитно образовната дејност во основното образование ја остваруваат учители, наставници, стручни работници (педагози, психолози, дефектолози, библиотекари и воспитувачи).
Учител односно наставник во одделенска настава може да биде лице со завршено соодветно високо односно више образование.
Во ставовите 3, 4 и 5 на член 66 е утврден степенот на образование за наставник по предмет, наставник, стручен рааботник и воспитувач.
Во оспорениот член 33 од наведениот закон е предвидено дека во член 119 ставовите 1 и 2 се бришат.
Од наведените законски одредби произлегува дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за осссновно образование (“Службен весник на РМ” бр.29/2002) ставовите 1 и 2 на член 119 се бришат односно не е предвидена можност учители со завршена учителска школа и наставници во училиштата за основно и музичко образование со работен стаж над 15 години да можат и понатаму да вршат работи и задачи на работните места за кои засновале работен однос.
4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија покрај другото одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај член 33 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование се оспорува од причини што со него се бришат ставовите 1 и 2 од член 119 од Законот за основното образование, односно законот не содржел одредба која го регулира преодниот режим за настанвиците (учители) кои немаат соодветно образование односно се бара укинување на одредба која фактички не постои, Судот утврди дека согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува за уставноста на Законот од аспект на одредби што не се содржани во него, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.154/2002
26 март 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply